X
 17.12.2015 Образование

Јаким Неделков реизбран за прв човек на СОНК



Самостојниот синдикат за образование, наука и култура во Струга пред неколку дена, на шести конгрес по ред го реизбрал Јаким Неделков за прв човек на СОНК. Од вкупно 120, присуствувале 115 делегати, а против Неделков гласал само еден делегат.

Во јануари годинава, членовите на Синдикатот штрајкуваа со цел да им се исполнат неколку барања. По тринеделен штрајк издејствуваа поголеми плати за ваботените во градинките, укинување на казните и наградите за наставниците од екстерното тестирање, а беше договорено и пишаните дневници да заминат во историјата. СОНК бараше и повисоки плати за наставниците од 25 отсто, но тоа прашање беше оставено да се разгледува во иднина.

Штрајкот кој се случи на почетокот на годинава, не го поддржа дел од членството на СОНК. Наставници обвинуваа дека Неделков сака да штрајкува со цел, не да се избори за правата на наставниците, туку за да работи на својата кампања за да биде повторно реизбран за претседател.

Инаку Неделков на конгресот рекол дека е задоволен од резултатите од социјалниот дијалог и навел конкретни примери како што се прашања поврзани со екстерното оценување, педагошката евиденција, прашањето со казните од страна на Државниот просветен инспекторат кои ги решиле во договор со институциите.

Неделков ќе раководи со СОНК во следните пет години.
Подготвил: Антонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование