Согласно Законот за работни односи, на вработените во јавниот сектор, вклучително и наставниците, треба да им биде платено прекувременото работење, потсетуваат од СОНК
Сите работници што изминатиов месец имаа зголемен обем на работа, време е да ги потсетат директорите во пресметките на плата за октомври да го пресметаат и додатокот на плата за прекувремена работа, согласно Законот за наставници и стручни соработници, Законот за работни односи и општиот колективен договор за јавен сектор - информираат од Синдикатот за образование, наука и култура - СОНК и ги поттикнуваат наставниците да си ги бараат своите права.
Ова значи дека ако платата на еден наставник е 23.000 денари месечно, а ги исполнил часовите за прекувремена работа, дополнително ќе треба да му се исплатат плус околу 6.000 денари, објаснуваат оттаму.
- Согласно Законот за работни односни, дополнителната работа се плаќа. На пример, еден наставник работел со учениците со физичко присуство пет часа, а потоа уште пет часа работел со децата онлајн. Тие два часа се дополнителна работа. Е сега, според истиот закон, не е дозволено дополнителната работа да изнесува повеќе од 8 часа на неделно ниво, односно треба да е по еден час и 45 минути, дневно. За четири недели дополнителната работа не треба да надминува 32 саати. Ако се земе грубо, на наставничка плата од 23.000 денари дополнително треба да се исплатат плус 6.000 денари - појаснува за Факултети.мк Јаким Неделков, првиот човек на СОНК.
Според него, тоа се малку пари со оглед на тоа колку се оптоварени наставниците.
Фото: Јаким Неделков
- Имаат премногу работа. Во текот на часот од 30 минути наставникот треба истата наставна содржина да ја реализира со 2 групи и уште потешко му доаѓа. Со едната група ученици ќе изработиш, со другата веќе е колабиран. Имаше и известување од Министерството за образование и наука во кое се предлагаат три начини како да се надминат овие состојби со прекувремени часови. Едната е општините да можат да си примат работници, втората е да се ангажираат тутори, за што веќе е објавен и повик, и третата е дополнително да се платат вработените - информира Неделков.
Ако не им биде исплатен прекувремениот ангажман, согласно Законот за работни односи, работникот има право да одбие работа.
- Тогаш може да се случи еден наставник да рече: „Јас работев со првата група ученици, нема да работам со втората“. Во таква ситуација работникот има право да тужи, а ние како синдикат ќе му обезбедиме правна заштита. Се надевам дека општините како основачи на училиштата сериозно ќе му пристапат на проблемот. Не треба да дозволиме вработените во образованието психо-физички да се изнемоштат - вели Неделков.