X
 30.08.2018 Образование

Септемвриската плата на воспитувачите и наставниците зголемена за 5%. Вработените на факултетите и во културните институции ќе почекаат

Премиерот Зоран Заев рече дека овие 10 милиони евра не се оптоварување на еден државен буџет, но треба да се најдат


Наставниците што досега земале плата од 21.000 денари, од септември ќе земаат 22.050 денари, а ќе им биде исплатена во октомври. Тоа важи за сите пријавени на определено и на неопределено време во градинките, основните и средните училишта во Македонија. Спогодбата за покачувањето на платите од 5 отсто и гарантирањето на најниските плати во основите и во средните училишта денеска во Владата ја потпишаа министерот за образование и наука Арбер Адеми и претседателот на Синдикатот за образование, науки и култура (СОНК), Јаким Неделков. Со тоа, најниската плата во основното образование се утврдува на 12.714 денари, а во средното образование таа ќе изнесува 13.117 денари. Во групата не влегоа платите од високото образование и од културата.

На новинарско прашање дали ќе се направат системски реформи за да се надмине доцнењето на исплатите кои се случуваат секој месец, Адеми одговори:
- Разговараме за сè, меѓу другото и за експедитивноста на исплатата на платите. Посветени сме навреме да ги преземеме и исполниме обврските – одговори општо Адеми.

Јаким Неделков (лево), Арбер Адеми и Зоран Заев (десно)   Фото: МИА

За исплата на дополнителните 5 отсто до крајот на годинава во буџетот на Министерството за образование и наука веќе се слеани 185 милиони денари, а за наредната година се проектирани вкупно 580 милиони денари. На средбата се обрати и премиерот Зоран Заев, кој рече дека овие 10 милиони евра не се оптоварување на еден државен буџет, но треба да се најдат.
- Веќе имаме забележан раст. Тие пари ќе треба да им се вратат на граѓаните. Ако продолжиме вака, ќе има и дополнително зголемување на платите. Нашата определба е квалитетно образование. За тоа е неопходно да имаме мотивирани наставници кои ќе оформуваат прогресивни млади луѓе – рече Заев.

Министерот Адеми појасни дека дополнителниот буџет ќе биде распределен до училиштата преку МОН и општините (преку блок-дотациите за секое училиште).
- Ова требаше да се направи за најблагородната професија што постои. На хартија може да ставите и најдобра реформа, но таа нема да биде успешна ако во неа не се интегрирани наставниците. А тие мора да бидат задоволни за успешно да ја извршуваат својата работа – рече Адеми.

Според Неделков, образованието и културата имаат најниски плати од сиот јавен сектор и овие 5 отсто нема да променат многу, но, сепак, претставуваат мала финансиска инјекција за вработените и нивните семејства.
- Дијалогот и преговорите мора да продолжат. Остануваат нечепнати платите во високото образование и наука и во културата. Социјалниот статус на нашите членови е на најниско ниво. Тоа е реалност од која не можеме да избегаме и мора заеднички да работиме тоа да се смени – рече Неделков.

По најавата дека платите на наставниците ќе биде зголемени за 5 отсто, Факултети.мк спроведе анкета преку која ги прашавме наставниците дали се задоволни од зголемувањето. Наставниците одговорија дека воопшто не се задоволни - дури 92,8 проценти од анкетираните сметаат дека ова покачување на платите не е доволно.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование