X
 30.12.2015 Образование

Универзитетите запишуваат толку студенти колку што бара пазарот на труд



Пред неколку години, една анализа која ја правеа неколку државни институции покажа дека како држава произведуваме премногу наставници, професори по македонски јазик, административци, правници и економисти. Тогаш беа дадени препораки на универзитетите, да генерираат студиски програми според потребите на работодавачите, за да се намали кадарот кој стопанството не може да го апсорбира.

Во Штип намалени местата за наставници, економисти, правници

Кирил Барбареев, проректорот за развој, инвестиции и одржување на штипскиот универзитет „Гоце Делчев" вели дека квотите ги предлагаат тие, а крајниот збор го има Министерството за образование, односно Владата.

- Конкретно на Факултетот за образовни науки за 2015 беше дозволено да се запишат од 5 до 10 студенти. Се намалија квотите за правници, а за економисти воопшто немаше. За сметка на тоа, се зголемува бројот на слободни места таму каде што има дефицитарен кадар. Ние го креираме нашиот конкурс, потоа го испраќаме до министерството на разгледување, па оттаму ги даваат последните сугестии како треба да изгледа пред да биде објавен - вели Барбареев.

И на Педагошки факултет редуциран бројот на слободни места

Анализата од пред неколку години, покажа дека се бараат градежни инженери, програмери, фармацевти, компјутерски инженери, професори по математика и ветеринари. Од друга страна, се покажа дека имаме премногу правници, економисти, административци, професори по македонски јазик, професори по филозофија и географи.

Редуцирани квоти за упис на нови наставници има и на скопскиот Педагошки факултет.

- Изминативе години добиваме помалку квоти. Тие се редуцирани заради. Разгранетата мрежа на институции кои нудат високо образование за идни наставници, големиот избор на студии, големиот број на високообразовни институции, го намали и интересот за студирање на нашиот факултет. Нема наплив на студенти како што имаше некогаш. Еве последната академска година, 30 слободни места за наставници на македонски јазик, ги пополнивме дури по третиот уписен рок. Со намалениот број на студенти, намалени ни се и финансиите, кои ги трошиме согласно потребите на факултетот - вели деканот Владо Тимовски.

Препораките на државата се да се стават во мирување неколку студиски програми на педагошките факултети. Суфицитарни кадри се оние кои завршуваат за професори по одделенска настава, учители, професори за предучилишно образование, па според препораките на властите, тие треба да се стават во мирување. Анализата инаку беше направена според завршеното образование на невработените лица со високо образование кои во Агенцијата за вработување се евидентирани како невработени.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование