Воспитно-образовниот систем во Македонија не е поставен за потребите на учениците и општеството. Тука можеме да го бараме коренот на сите проблеми, при што најголемите жртви се учениците, вели Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Нереални оценки во основно, притисок врз децата да бидат најдобри во сè за да се запишат во „најдобрите“ средни училишта, континуиран притисок врз наставниците да поправаат оценки... Скорешните перипетии во неколку средни училишта во земјава, откако за одреден број слободни места се пријавија повеќе ученици со просек 5,00, одлука од Министерството за образование и наука да се полагаат квалификациски тестови (како што предвидува Законот), протести на родителите под чиј притисок МОН попушти и беше поништена одлука, предизвикаа бура реакции во јавноста. Во многуте различни мислења единство имаше во ставот дека децата со години се жртви на нефункционален образовен систем.