Градоначалникот на Гдањск, Павел Адамович, почина по нападот со нож на бина извршен за време на голем хуманитарен собир. Напаѓачот, 20-годишниот Стефан В., кој од претходно ѝ бил познат на полицијата, минатиот месец бил пуштен од затвор.
Адамович беше популарен, либерален градоначалник, но веќе одамна во крајно десничарските кругови беше омразен поради силната одбрана на мигрантските права, правата на бегалците и на ЛГБТ-заедницата. Сепак, според пишувањата на западните медиуми, нема докази дека нападот бил политички мотивиран.
Дел од полската јавност сепак за убиството велат дека е виновен општиот раст на општествени тензии и надвладувањето на говорот на омраза, поради што, дури и пред смртта на Адамович планираа мирни протести против насилството во многу градови во Полска.
Политичари од сите страни го осудија убиството, вклучително и истакнати членови на националистичката партија Право и правда, на кои градоначалникот им беше противник.
Адамович беше дел од демократската опозиција формирана во Гдањск под водство на Лех Валенса во текот на осумдесеттите години. Во неговата биографија е забележано и тоа дека помагал во организацијата на студентските штрајкови во 1988 година. Една година подоцна Полска прогласува нова демократска република.
Адамович тогаш работел на универзитет, но се задржал и во политиката. Во 1990 година станува градски советник во Гдањск, а осум години подоцна првпат е избран за градоначалник. Неговата последна победа во ноември минатата година се смета за освојување на шестиот мандат. Тогаш тој настапи како независен кандидат откако ја напушти Граѓанската платформа, во која членуваше од 2002 година.
Како политичар, Адамович беше прогресивен глас, тој го поддржуваше сексуалното образование во училиштата и се залагаше за толеранција кон малцинствата. Медиумите сега потсетуваат и на неговиот израз на солидарност со еврејската заедница, кога минатата година силно го осуди вандалското кршење прозорци на градската синагога. Затоа Адамович, како што оценуваат западните медиуми, беше моќен либерален глас во земјата со која од 2015 година управува десничарската партија Право и правда. Адамович минатата година маршираше на геј-парада, што според процените на западните медиуми, е необично за градоначалник во Полска.
Полските медиуми наведуваат дека полицијата заклучила дека напаѓачот е 20-годишиот Стефан В. (полските закони ја ограничуваат употребата на презимињата на обвинетите за злосторства), кој и порано бил поврзуван со насилство и криминал.
Снимката од убиството покажува како напаѓачот им се обраќа на насобраните луѓе.
- Здраво! Здраво! Моето име е Стефан. Невин ме ставија в затвор. Граѓанската платформа ме мачеше и затоа Адамович е мртов - истакнува тој.
Според полициските наводи на кои се повикуваат полските медиуми, се смета дека напаѓачот извесно време го планирал нападот на Адамович. Тоа што напаѓачот успеал да се качи на сцената и да го нападне градоначалникот, како и да ѝ се обрати на публиката потоа, покрена сериозни прашања за безбедноста, за која била задолжена приватна компанија.
Нападот се случи за време на годишниот концерт на Големиот оркестар на божиќни свечености, национална добротворна програма за лекување деца во државните болници, а слични концерти биле одржани низ Полска.
Павел дипломирал на Правниот факултет во
Гдањск. Подоцна се оженил со професорка од истиот факултет и со неа ги добил двете ќерки Антонина и Тереза.