Јужна Кореја е полна со чуда. Таму ќе најдете облакодер со дупка, шарени трамваи кои патуваат до плажата, како и речиси нереална бамбусова шума чии кривулести патеки кријат многу изненадувања. Меѓу атракциите што може да се видат само во Јужна Кореја е и таканаречената „Тојлет хаус“ (Куќа-тоалет), музеј на тоалети кој нуди патување во бездната на симболите и скулптурите на тоалетите кои ќе ве насмеат, едуцираат и ќе ве натераат да размислувате.
Чудната зграда може да се најде во Сувон (јужно од Сеул), место познато по својата прекрасна палата. Основачот на музејот и поранешен градоначалник на Сувон, Сим Јае-дак (познат како мистер Тојлет) бил многу заинтересиран за санитарните прашања, а наводно бил роден и во полско ве-це. Во младоста бил мета на исмејување поради неговите неславни почетоци, но својата несреќа ја претворил во слава.
Музејот е познат и како „Хаевојае“, именуван по терминот „хаевосо“, што значи просторија каде што исчезнуваат грижите. Зградата на тоалетот не е само бизарно архитектонско чудо, туку и визија на човекот кој неуморно ја истакнувал важноста на тоалетите.
За здравјето на нацијата и чистотата на тоалетите, владата на Јужна Кореја еднаш го започнала проектот „Чувај го тоалетот чист“. Во 1996 година Сувон започнал со изградба на најсовремени јавни тоалети како дел од иницијативата за подобра култура на тоалетот. Некои од клучните теми со кои се зафатиле градот и градоначалникот биле подигнувањето на свеста дека секој човек мора да има право на соодветен (чист и безбеден) тоалет.
Во 2007 година Сим одлучил да го реконструира својот дом во голем тоалет, а штом работата била завршена, куќата била прогласена за најголема тоалетна скулптура. Откако градоначалникот починал, по негова желба семејството великодушно му ја подарило куќата на градот.
Посетителите може да ги истражуваат историјата и иднината на тоалетите, да ги разгледаат традиционалните тоалети од ерата на античка Кина и Јапонија, а можат да научат и нешто плус за вселенските тоалети и дефекацијата во бестежинска состојба и да научат нешто повеќе за трансформацијата на изметот во вредни извори на енергија.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Instagram