X
 18.07.2020 Култура

Мистериозното убиство што ги инспирирало творците на „Твин Пикс“ сега повторно е тема на нов документарец и книга

Помладите генерации не се сеќаваат, но серијата „Твин Пикс“ на Дејвид Линч и Марк Фрост беше еден од најголемите феномени во 90-тите години. Приказната за убиството на средношколката Лора Палмер ги прикова гледачите за малите екрани.

Но, дури и многумина што ја сакаа серијата можеби не знаат за вистинското злосторство што ги инспирирало творците. Станува збор за нерешен случај кој со години го прогонувал Марк Фрост, па со текот на времето од него создал хит-серија. Токму ова нерешено убиство ќе биде предмет на нов документарен филм и книга.

Книгата „Русокоса, убава и мртва: Мистеријата за убиството што беше инспирација за „Твин Пикс“ на авторите Дејвид Бушман и Марк Гивен ќе послужи и како темел за документарец кој ќе биде во режија на Бенџамин Алфонсо. Инаку, книгата и документарецот ќе се обидат да ја решат стогодишната мистерија за убиството на Хејзел Дру, популарна девојка чие тело било пронајдено на брегот на езерото Сенд, во Њујорк, летото 1908 година.

Книгата и документарецот се занимаваат со тајни, корупција и политика во мала заедница која направила сè за тајната да остане неоткриена.

serija
Фото: Screenshot/Twin Peaks

Уште како дете Фрост слушал приказни за убиството на девојката, а приказната му се врежала во неговите сеќавања. Токму ова убиство служело како инспирација за ликот на Лора Палмер во серијата „Твин Пикс“, но и за концептот на гратче преполно со тајни. Фрост од таа причина го напишал и предговорот на книгата.

Авторите на книгата биле големи обожаватели на серијата и таа ги охрабрила подетално да го проучат убиството.

- Иако и двајцата дојдовме до приказната преку фасцинацијата од „Твин Пикс“, заклучивме дека годините што ги поминавме истражувајќи го убиството на Хејзел Дру сами по себе се доволно фасцинантни и скандалозни - велат авторите на книгата.

Книгата и документарецот ќе бидат објавени во текот на наредната година.

Извор: Nerdist.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура