X
 08.05.2023 Живот

Српски психијатар по масовните убиства: „Не сум оптимист дека нешто ќе се смени“

Драган Вукадиновиќ, психијатар во Специјалната болница за психијатриски болести во близина на Ниш, вели дека не е оптимист дека нешто важно ќе се смени во српското општество по пукањето во основното училиште во Белград изминатата седмица.

- Голем број луѓе и понатаму не се чувствуваат загрозени поради она што се случило. За многумина тоа е далеку, „тоа е во Белград, на 200 километри одовде“. Како во Ниш да нема насилство, нема бодење на млади луѓе, како половина од младите на забавите да не се под дејство на наркотици. А сè додека ја држиме главата в песок, не може да одиме на подобро - изјавил Вукадиновиќ.

Зборувајќи за масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, Вукадиновиќ изјавил дека е погрешно прашањето како таткото, како здравствен работник, не видел ништо.

- Училишното образование воопшто не е гаранција дека некој е добар родител. Родител може да стане секој, не ви треба лична карта, а камоли потврда од лекар - изјавил Вукадиновиќ.

Според него, агресивноста кај луѓето и агресивноста кај децата може да бидат многу различни, започнувајќи од тоа дека некој може да биде нарцисистичка личност и за себе да има нереално убаво мислење и влегува во конфликт доколку некој не сака да ја признае неговата субјективна процена.

- Имаме и семејства каде што манифестацијата на агресија е прифатена како социјален модел за решавање на проблемите. Има и семејства на екстремно богати луѓе кои својот капитал го направија искористувајќи ги и злоупотребувајќи ги луѓето околу нив. Големи се шансите детето во такво семејство да порасне во предатор кој размислува и прави планови да измами, убие и киднапира некого без да биде фатен - објаснил Вукадиновиќ.


Фото: Драган Вукадиновиќ/Facebook

Според него, делото кое 13-годишното момче го направило во училиштето во Белград може да се смета за последица на воспитната динамика и опкружувањето.

- Не може да кажеме дека проблемот е во детето, бидејќи децата се „аморфна маса“ која ги одразува родителите, училиштето, опкружувањето, општеството, улиците... Детето е индикатор за неорганизираноста на системот - според Вукадиновиќ.

Во српското општество, додава тој, се наметнува ставот дека децата секогаш се во право и „нишалото се ниша од една крајност во друга“.

- Претераната, социјално необезбедена идеја за заштита на децата од насилство во семејството и на училиште го турна нишалото во друга насока. Како општество, насилно туркаме едно ниво на правата на децата, а не ја обезбедуваме социјалната инфраструктура за правилно спроведување на тој модел. Задоволни сме што некоја комисија постои на хартија, а како функционира е приказна сама по себе - заклучил Вукадиновиќ.

Извор: Nova
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот