X
 15.01.2019 Култура

Последната епизода од „Црно огледало“ му донесе тужба на „Нетфликс“

„Чузко“, американска издавачка куќа која стои зад серијалот книги „Избери ја својата авантура“ (Choose Your Own Adventure), одлучи да го тужи „Нетфликс“ барајќи отштета од 25 милиони долари.

Од издавачката куќа тврдат дека најголемата светска стриминг-платформа, емитувајќи ја последната епизода од серијата „Црно огледало“ (Black Mirror), ги прекршила авторските права и го присвоила нивниот заштитен знак.

Романите „Избери ја својата авантура“ беа многу популарни во 80-тите и 90-тите години. Тогаш беа продадени повеќе од 250 милиони примероци низ светот. Концептот на романот им овозможува на читателите сами да донесуваат одлуки. По неколку прочитани страници романот му нуди избор на читателот. На пример, „продолжи да одиш по шумскиот пат, страница 28“. Така читателот може да дојде до неколку различни завршетоци.

Творците на британската серија „Црно огледало“ го презеле принципот и ја направиле интерактивна епизодата емитувана на крајот од декември на „Нетфликс“. Преку едноставно одбирање „да“ или „не“, на екранот одлучуваме за текот на дејствието.

Наводно од „Нетфликс“ преговарале со „Чузко“ за да ги откупат правата, но не добиле согласност. Исто така, правата за екранизација на романите ги има филмската компанија „20 Центари фокс“, но ниту таа не се согласила на новата епизода на „Црно огледало“.

Инаку, ова не е прва тужба што „Чузко“ ја поднесува за авторски права. Во 2007 година го тужеше и производителот на автомобили „Даимлер“ поради искористување на „Избери ја својата авантура“
како маркетиншки слоган за новиот модел „џип патриот“. Тогаш спогодбата беше постигната надвор од суд.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура