X
 15.01.2024 Живот

Мраз стар 100.000 години се става во коктели во Дубаи

Мраз од недопредните глечери во Гренланд пристигнува во баровите во Дубаи. Станува збор за дел од нова понуда на егзотичен коктел овозможена од компанија од Гренланд која сака да им понуди уникатно искуство на потрошувачите и да воведе уште еден начин на заработка за данската автономна територија.

Компанијата „Арктик ајс“, основана во 2022 година, собира мраз од фјордовите на Гренланд и го транспортира до Обединетите Арапски Емирати за продажба во ексклузивни барови.

Малик В. Расмусен, еден од основачите на компанијата, ги истакнува уникатните својства на мразот, нагласувајќи ги неговата чистота и помалата брзина на топење во споредба со обичните коцки мраз.


Фото: Arctic Ice

Тој објаснува дека овој мраз се добива директно од природните глечери на Арктикот кои се замрзнати над 100.000 години. Тие делови од ледените плочи не биле во контакт со земјата, ниту биле контаминирани од загадувачи создадени од човечки активности. Ова го прави мразот најчист на Земјата, објаснува Расмусен.

Компанијата се соочи со неочекувани критики и реакции на социјалните мрежи поради грижи поврзани со глобалното затоплување. Меѓутоа, компанијата тврди дека процесот на вадење на мразот е еколошки и со него се одбегнува контаминација на мразот. Освен тоа, компанијата е посветена да стане целосно јаглеродно неутрална, односно да не создава штетни гасови.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Arctic Ice
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот