X
 15.03.2023 Наша тема

Кога бев студент со проф. д-р Драган Даутовски: „Сопругата ме натера да се запишам на ФМУ, инаку ќе заминев надвор“

Со сопругата Лимонка сме пар од факултет, инаку се запознавме кога таа беше матурант во музичкото средно училиште во Скопје и да не беше таа, мислам дека ќе си заминев. Бевме апсолвенти кога ни се роди синот Ратко, раскажува Драган

Без сомнение за него може да се каже дека ја иницира големата преродба на изворната музика во Македонија, некаде во средината на деведесеттите години од минатиот век. Станува збор за проф. д-р Драган Даутовски, кој со основањето на сега веќе легендарниот состав „ДД Синтезис“ во 1995 година ги отвори музичките очи и уши на домашната и на светската јавност, освестувајќи ја за богатото културно минато што го поседуваме. Со „ДД Синтезис“ и другите состави во кои членуваше успеа да одржи над 2.000 концертни настапи низ светот.

Како етномузиколошки експерт, свири на повеќе од 20 народни инструменти. Единствено Даутовски свири на уникатната теракотна топчеста флејта – окарина, која датира од неолитскиот период и чија старост е проценета на над 7000 години, а е пронајдена во 1989 година на археолошкиот локалитет „Мрамор“ до населбата Чашка во близината на Велес.

Како педагог, Даутовски има остварено голем број настапи со студентите од неговата класа и иницијатор е за отворање на отсекот за народни инструменти во средните музички училишта во Скопје и Штип и во основните музички училишта во Струмица, Штип, Прилеп, Кавадарци, каде што предаваат професори дипломирани во неговата класа на ФМУ, каде што сѐ уште е редовен професор во групата наставни предмети од областа на народните инструменти.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.

Мандолината беше мојот прв инструмент и ми овозможи да мечтаам за нови димензии

Роден во селото Русиново, кое е природен извор на песнопојци и игроорци, Даутовски на петгодишна возраст бил преселен во Берово, каде што завршил основно училиште. Иако да се биде полицаец или поп важело за стандард во тоа време во тие краишта, Драган имал јасна цел и желба да стане музичар, што резултирало со упис во средното музичко училиште во Штип.

- Почнав да свирам на хармоника по желба на татко ми. Тоа не ми се допаѓаше, па некаде во петто одделение побарав да ми купат мандолина бидејќи тогаш поголемиот дел од врсниците свиреа на мандолина. Не ми даде татко ми, меѓутоа, ме изненади вујко ми и ми купи. Мандолината беше мојот прв инструмент што ми ги отвори вратите на музичкиот свет и со звуците на мандолината патував во други димензии. Јас бев повеќе познат по спортот. Играв фудбал, бев крупно дете и кога моите соученици и другари разбраа дека имам желба да свирам на мандолина, сите ми се смееја. Сепак, немаше дилеми дека сакам да одам во средно музичко. Наспроти желбите на татко ми и со помош на вујко ми, се запишав во средното музичко училиште во Штип, на теоретски отсек и инструмент тромбон. Сакав флејта, но кога ме видоа така крупен, ми рекоа дека сум повеќе за тромбон – вели Даутовски.

Една година поминал на Педагошки пред да се префрли на ФМУ

Изборот да изучува тромбон се покажал како добар бидејќи во четврта година во средното Драган веќе имал втора и трета награда на сојузно ниво на тогашна Југославија. Сепак, желбата да продолжи да студира на истиот инструмент не му се остварила, делумно поради кадровските факултетски политики, па Драган се одлучил за порадикален чекор.

- Кога дојде време за факултет, на ФМУ во Скопје немаше место за тромбонист, па јас ги пратив документите за упис во Белград. Таму бев примен без да свирам, со дипломите што ги имав. Меѓутоа, не отидов во Белград, сите другари ми беа тука и само за да не се вратам во Берово, се запишав на Педагошката академија. Таму студирав и, за моја среќа, посетував настава кај исклучителни професори како Кирил Македонски и Ѓорѓи Смокварски, за кои ретко кој може да се пофали дека посетувал настава кај нив. Таа прва година ја поминав таму и веќе се подготвував за приемен испит за ФМУ, каде што ме примија следната година на теоретскиот отсек - се присетува Драган.

Сопругата, тогаш девојка, Лимонка ме натера да се запишам на ФМУ, инаку ќе заминев надвор

Скопје беше немилосрден за провинцијалците во тоа време, вели Драган, но благодарение на неговата посветеност кон гитарата, успевал со секојдневните вечерни настапи да се издржува финансиски за да може да ги заврши студиите. Инаку, токму неговата сопруга, а тогаш девојка, Лимонка го натерала да се запише на ФМУ во Скопје

- Со сопругата Лимонка сме пар од факултет, инаку се запознавме кога таа беше матурант во музичкото средно училиште во Скопје и да не беше таа, мислам дека ќе си заминев од земјава. Бевме апсолвенти кога ни се роди синот Ратко - додава Драган.

Тој вели дека имал среќа да посетува настава кај гиганти на македонската музика, кои воедно биле и основоположници на факултетот и на македонската култура. Учел од Властимир Николовски или солфеж од Надежда Мишченко, за која вели дека многу го сакала како студент.

 

- Најдобар студент бев по солфеж и кога ќе дојдев на испит кај неа, знаеше да каже: „Ајде конечно некој да ми испее вежба без грешка.“ Сите што ми предаваа оставија големо влијание врз мене и врз мојата работа како педагог. Пред сѐ, беа принципиелни, не беа злонамерни, туку со намера да пренесат знаење и да описменат млади луѓе. Јас сум еден од последните мохиканци што посетувале настава кај нив и еве сум меѓу најстарите професори сега на ФМУ - објаснува Даутовски.

Сопругата го мотивирала да биде редовен на предавањата

Без никакви проблеми при студирањето, Драган прилично лесно го поминал факултетот, иако речиси секоја вечер се враќал рано наутро по настапите низ скопските локали. Повторно благодарение на сопругата, тој бил редовен на предавањата и на тој начин лесно ја совладувал материјата.

- По дипломирање заминав во војска, а сопругата се вработи како професор по музика во едно средно училиште во Скопје. Во војска ми нудеа станови и вработување за да останам таму, но јас сакав да се вратам бидејќи сопругата веќе работеше, а веќе го имавме и Ратко. Така што кога се вратив, се вработив во ОУ „Глигор Прличев“ како наставник по музика, но по 5-6 години сфатив дека не е тоа кариера што би ја терал до пензија. Во тој период, во 1992 година отворив насока за народни инструменти во средното музичко во Скопје, а наставата за почеток беше факултативна.

По 2 години добив покана од ФМУ, од тогашниот декан, проф. д-р Димитрие Бужаровски, да се отвори насока за народни инструменти (1994 г.). Веќе бев спремен да заминам од Македонија, но сепак се одлучив да ја прифатам поканата и, се разбира, не згрешив. Крајот на 80-тите години почнав интензивно да ја истражувам традиционалната музика. Започнав да собирам материјали, да одам на терен, а подоцна да се подготвувам и за магистратура токму на ФМУ на темата народни инструменти, односно кавалот во Македонија – раскажува Драган.

Потоа следува неговата средба со 7.000 години старата топчеста глинена флејта (2005 година) и почнал да работи на својата докторска дисертација на тема музичка археологија, и тоа токму за таа флејта. Неговиот научен труд важи за голем придонес за светската музичка археологија, како една од најмладите научни дисциплини.

- Потоа почнав да се надградувам научно, односно да се занимавам и со научна дејност, тоа беше моја обврска како универзитетски професор. Предавањата и ден-денес ги реализирам инспириран од советите на моите професори-великани, а на моите студенти секогаш им посочувам дека навраќањето кон националниот, културниот идентитет ќе ги направи препознатливи како уметници секаде во светот - завршува Даутовски.

фото: Приватна аргива

 

 

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема