X
 27.12.2018 Наша тема

Кога бев студент со Венко Андоновски: Кисневме во „Јоле“ чекајќи ги Анте Поповски, Петре М. Андреевски...

Тогаш оценките навистина одговараа на знаењето. По предметот кој денес најмногу го користам (теорија на книжевноста, кај проф. Милан Ѓурчинов), за четири години имам две десетки, една деветка и една осумка. И не се жалам. Осумката навистина беше осумка, деветката - деветка. Не ја поништив, вели професорот и писател Венко Андоновски во рубриката „Кога бев студент“, која Факултети.мк ја создава во соработка со „Пивара Скопје“



Уште од гимназиските денови знаел дека ќе студира книжевност. На 16 години ја објавил својата прва книга со љубовна поезија „Енигма“ и тогаш посакал да биде писател. Венко Андоновски тоа и стана - почитуван професор на Филолошкиот факултет и еден од најчитаните домашни писатели. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност во 1987 година, со просек 9,69 како првенец на генерацијата. На магистерски студии се запишал во Загреб, но поради војната, ги продолжил во Скопје, каде што подоцна и докторирал.
Авторот на „Папокот на светот“, „Азбука на непослушните“, „Вештица“, „Адска машина“, „Кандид во земјата на чудата“ од почетокот на месецов на публиката ѝ ја подари и својата нова книга раскази „Припитомување на кучката“ во издание на „Три“.



Сакал да учи и џез-академија


А не дека немал друга желба за студирање освен книжевноста. Сакал да заврши џез-академија, но вели дека во тоа време било речиси невозможно за дете од социјалистичко семејство на просветен работник (мајка му) и новинар (татко му).
- Подготвував дури и демо-снимка од моја композиција за да ја пратам на приемен испит, но кога видов колку сето тоа чини, се откажав со горчлив вкус во душата. Се сеќавам дека си ветував дека еден ден, кога ќе се вработам, ќе се запишам и на „стари години“ ќе завршам. Еве, се вработив и не го сторив тоа. Добро што ме потсетивте, никогаш не се знае - вели Андоновски.
Учел во средното училиште „Орце Николов“, каде што имал одлична професорка по книжевност, Снежана Димитрова.
- Во средно не се делев од поетските книги на Анте Поповски, Петре М. Андреевски (особено од неговата „Дениција“), Радован Павловски, Влада Урошевиќ. Во голема мера се трудев да ги имитирам тие наши модернисти. Многу пишував, свирев гитара, а најмногу читав. Откритие за мене беше светската книжевност, особено Достоевски, Ками и Кафка. Така, кога дојде време за запишување, јас знаев на кој шалтер треба да се јавам - категоричен е Андоновски.




Признава дека бил посветен студент. Немало книга што не ја отворил и прочитал. Не учел за испит, ами „создавал свој капитал од знаење“.
- Сакав да пишувам, а да се пишува без читање е исто како да се пие без мезе: ќе ве убие амбицијата да бидете најдобар, без онаа контрола каде се другите во споредба со вас. Некој постојано мора да ви ги „поткршува рокчињата“ на суетата, да ви го покаже последното место, за воопшто да напредувате. За среќа, имаше многу такви писатели-гении кои беа дел од програмата на Катедрата за општа и компаративна книжевност; кога читав некои од нив, со месеци се срамев јас да земам нешто да напишам - вели тој.



Андоновски (трет ред лево) заедно со своите соученици во гимназијата „Орце Николов“

Оценките одговараа на знаењето

Во однос на студиските обврски, вели дека се трудел да има ексклузивна гледна точка, поинаква од другите. Сакал да биде необичен, да има и свое мислење.
- Понекогаш и претерував, но каква е таа младост што не претерува? Младост без хормонот за хипербола е здодевна старост во младо тело - нагласува професорот.
Учел за да знае, оценките му значеле и сакал да се високи заради себе или како што вели, „двоцифрено си е двоцифрено“.
- Тогаш оценките навистина одговараа на знаењето. По предметот кој денес најмногу го користам (теорија на книжевноста, кај веќе споменатиот проф. Милан Ѓурчинов), за четири години имам две десетки, една деветка и една осумка. И не се жалам. Осумката навистина беше осумка, деветката - деветка. Не ја поништив. Денешните студенти многу често поништуваат осумки, па дури и деветки. Зошто? Беше чест да се има осумка кај некои професори и по некои предмети - вели професорот.

Секој млад човек сака да биде авангарден

Уживал во предавањата на повеќемина професори. Многу ги сакал предавањата на професорката Вера Јанева-Стојановиќ, неверојатно питома жена која ги научила на основите - античка книжевност.
- Потоа оние на Влада Урошевиќ, кој ни всади љубов кон митологијата, без која нема ни реализам, ни модерна, ни постмодерна. За фантастика да не зборувам. Уживав да се конфронтирам на часовите по вежби со проф. Милан Ѓурчинов, кој нè научи на „тврда“ класична руска теорија на книжевноста, нешто што тогаш ми се чинеше непотребно зашто секој млад човек сака да биде авангарден пред да биде класичен, што е симпатично, ама и теоретски и практично невозможно. Што ќе уривате и со што ќе експериментирате, што ќе негирате (како авангарда) ако најпрвин не ја научите класичната анатомија на книжевниот текст? Салвадор Дали во својата книга „Јас сум гениј“ убаво ја опишува таа ситуација: претпладнињата ги поминувал учејќи од старите мајстори да црта портрет, а попладнињата ги минувал во „авангардистички лудирања“. Денес ми е јасно, тогаш не баш целосно - не можеш да деконструираш ако најпрвин не научиш да конструираш; не можеш да импровизираш на виолина ако најпрвин не научиш како се свири на виолина.



 Андоновски (најгоре лево): Во средно училиште ја имал најдобрата наставничка по книжевност Снежана Димитрова

Ѓурчинов беше таа класика во теоријата - вели Андоновски, кој нема да го заборави ниту Слободан Мицковиќ, за кого вели дека бил „гениј од професор, библиотека од мозок и подоцна, одличен писател“.
- Кај него ги слушавме најбогатите и питоми предавања од јужнословенските книжевности - пребогати со факти, а забавни како да слушате шлагер.

Не чини ни кога секој час е дискусија

На прашањето дали во тоа време дискутирале отворено со професорите, Андоновски објаснува дека во периодот на екс катедрите повеќе се слушало, а за студентите, професорите биле великани.
- Иако кај споменатите професори имаше и дискусија. Па, сепак, ништо не ни фалеше. Кога ретко ви се дава можност за дискусија, внимавате што зборувате. Не чини ни кога секој час е дискусија. Се претвора во логореја, во дискусија заради суета, во дискусија заради дискусија. Лесно се случува тој премин од умна дискусија во празнословие зашто човекот е суштество кое најпрвин учи да зборува, а дури потоа да молчи и да слуша. И тоа не го научуваат сите, туку само некои од нас. А да зборуваат научуваат сите. Мислам дека во денешниве времиња повеќе се зборува и дрдори одошто се слуша. А учењето во добар дел е слушање. Односно, читање - смета писателот.

Андоновски не се жали ниту на студентскиот живот. Во групата учел заедно со: Наташа Аврамовска, Евридика Меловска, Реџеп Пампур, Ели Танасковска и други.
- Мојата прва вистинска девојка беше токму од мојата група. Излегувавме. Пиевме вино. Се шетавме по кеј. Водевме љубов. Слушавме плочи. Одевме на журки. Многу читавме (немаше тогаш „Гугл“) и дискутиравме додека пиевме вино. Фантазиравме. Претерувавме во бранење свои и напаѓање туѓи тези. Пишувавме. Праќавме раскази под шифра на конкурсот за расказ на „Нова Македонија“ и сонувавме да ги победиме Петре Андреевски, Влада Урошевиќ, Живко Чинго, Крсте Чачански или Атанас Вангелов, кои редовно добиваа награди - признава тој.

Кисневме во „Јоле“ чекајќи ги Анте, Петре, Гане


Додека студирал, Андоновски и работел, првин како новинар, а потоа и како уредник на културната рубрика во весникот „Студентски збор“, а често соработувал и со „Млад борец“.
- Тогаш се запознав и со оние што и денес се моја генерација во книжевноста: Славе Ѓорго Димоски, Блаже Миневски, Братислав Ташковски, Цане Ризески. Ја откривме „Јоле“, легендарната кафеана на македонските писатели, и „кисневме“ таму чекајќи да се појават Анте Поповски, Петре Андреевски, Гане Тодоровски, Михаил Ренџов... цела една легендарна плејада боеми кои брзо нè приопштија на нивниот „симпозион“. Претпладне во клупа, а многу често попладне слушавме преубави нешта за книжевноста на кафеанска маса. Тоа беше жив универзитет по книжевност, попладневен. Гане често се шегуваше и велеше дека тоа е „вечерно школо“ за книжевниците. Најубавите години од мојот живот се токму тие - признава авторот.



Индексот од магистерските студии на Филолошкиот факултет во Загреб

Го замоливме да ни раскаже анегдота од студентскиот период.

- Еднаш заглавивме на некоја забава, а утредента требаше да полагаме романтизам кај проф. Урошевиќ. Поткусурени, дојдовме на испитот, во 10 часот, откако пиевме кафе по кафе за да се неутрализира виното. Еден мој колега, кој ни беше миленик на сите во групата, а и на сите професори, невиден шегобиец и исклучително духовит човек, праша што полагаме денес? Иако не беше подготвен, и иако за десет дена имаше уште еден испитен рок, тој реши да влезе на усниот испит и да си ја проба среќата. Од мене побара кога ќе му го даде професорот испитното прашање, само да му дадам едноставен знак: палецот кренат нагоре значи дека писателот е прозаист, палецот спуштен надолу дека е поет, а палецот на средина - дека е драматичар. Другото, рече, е работа на импровизација, зашто ги знаеше основните обележја на романтизмот. И го доби првото прашање - Франсоа Рене Шатобријан, кој е татко на француската проза. Го дадов договорениот знак (палецот горе) и се шокирав кога тој уште во првата реченица го прогласи Шатобријан за најголем романтичарски поет.
И потоа долеваше, долеваше, долеваше општи места и фрази за поезијата, а професорот Урошевиќ го слушаше со внимание, насмевнувајќи се. Сфатив дека колегата го беше помешал знакот за проза со знакот за поезија, па почнав упорно да му покажувам со палецот надолу (обратно). Но, колегата се беше толку занел во своето излагање, што не ме гледаше. Конечно, професорот Урошевиќ го прекина со едноставно прашање: „Колега, дали сте сигурен дека Шатобријан е баш поет?“ Дури тогаш колегата го виде мојот знак. И, сосема спокојно рече: „Сите големи прозаисти, професоре, во младоста се занесувале со поезија, и почнувале со неа, иако била безвредна. Шатобријан е, се разбира, пред сè, голем прозаист, но јас сакав да дадам малку поширока слика!“, на што сите прснавме во смеење - и ние студентите, и професорот, и колегата, кој се извини и рече дека, сепак, ќе дојде на следниот испитен рок.



Со колегите од Катедрата за македонска книжевност

Андоновски признава дека најдобро му било додека бил студент, во споредба со наредните стадиуми. Како асистент работел на магистратурата и на докторатот.
- Освен тоа, ја снема онаа безгрижност на студентскиот живот, оние ноќи и ноќни муабети за, на пример, јунаците на Достоевски и нивната вера или невера во Бога. Дојде и семејството, дојдоа други обврски. Би сакал никогаш да не завршеше тој период. Но, животот никогаш не прашува дали ти се стои во времето. Јас сум, сепак, пресреќен што ја работам онаа професија што најмногу ја сакав, покрај пишувањето. Не можам да се замислам поинаку, би пукнал за три дена да морам да се занимавам со цифри, бизнис или трговија, на пример - признава тој.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема