X
 15.05.2023 Живот

Бројот на населението во ЕУ опаѓа

Населението во Европската Унија опадна за повеќе од половина милион од 2020 година, покажуваат податоците на Евростат, а причините за падот се различни.

Основниот проблем, логично, е што умираат повеќе луѓе отколку што се раѓаат бебиња. А заедничко за тие две нешта е пандемијата на ковид-19, која предизвика милиони смртни случаи во Европа, особено меѓу постарите лица, додека ги задржа младите дома наместо да излегуваат и да се запознаваат. И сето ова е без навлегување во сѐ поголемата економска анксиозност меѓу паровите, што доведува до тоа многу да го одложат или сосема да се откажат од добивањето деца.

Во јануари 2020 година во ЕУ имало 447,49 милиони жители. До 2021 година таа бројка се намалила на 447 милиони, а следната година на 447,74 милиони. Тоа е вкупно намалување од 585.000 лица.

Тешко е да се преувеличи влијанието на ковид-19. Пред пандемијата, бројот на населението во ЕУ скромно се зголемуваше, па од 429,24 милиони во 2001 година се зголеми на 447,49 милиони во 2020 година, што е зголемување од околу 4 проценти, но потоа пандемијата предизвика смртоносен бран на континентот.

На некој начин, намалувањето на бројот на населението во Европа е речиси сигурно најава на она што следува во остатокот од светот. Иако демографите стравуваа од пренаселеност, проекциите сега посочуваат дека глобалниот раст на светското население ќе се стабилизира во 2100 година, пред да почне да паѓа, веројатно засекогаш. На пример, бројот на населението во Кина лани забележа пад првпат по 60-тите години.

Дали тоа ќе доведе до просперитет или економски кризи, можеме само да нагаѓаме. Но, имаме докази за втората опција. Иако многумина во Европа повикуваат на примање имигранти за да се амортизира падот на населението, многумина се против тоа.

Извор: Futurism
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот