X
 15.05.2024 Живот

Забрането спонтано танцување: Закони во Шведска што можат да ви предизвикаат проблеми ако не ги почитувате

Ако сакате да ја посетите Шведска, добро е да знаете неколку работи за тоа како да се вклопите во општеството, но и како да се однесувате за случајно да не прекршите некој од шведските закони.

Само умерено


„Лагом“, шведскиот термин за умерено или „само колку што е потребно“, е еден од кодовите за добро функционирање во шведското општество. Ако успеете да го разбиете кодот, големи се шансите да се вклопите.

За време на престојот во Шведска заборавете на бакнежите - кога ќе се сретнете со Швеѓани, испружете ја раката, а откако ќе им се приближите, можете да ги поздравите со прегратка. Исто така, доколку ненајавено одлучите да ги почестите со пијалак, би можеле да ги ставите во непријатна ситуација. Во Шведска секој сам си плаќа за пијалакот, па таквиот потег може да ги навреди.

Ако ги прекршите правилата за добро однесување, никој нема да ве казни, но кога се во прашање законите, грешките би можеле да ве чинат многу.

Нема фотографирање на нивните банкноти

Шведската валута е заштитена со авторски права, па ако сте фасцинирани од тоа колку банкноти треба да изброите за пиво или ручек и сакате да објавите фотографија од шведската круна на социјалните мрежи, не правете го тоа. „Риксбанкен“ им дозволува на оригиналните автори на дела на банкноти и монети да поднесат тужба доколку сметаат дека нивните авторски права се прекршени.

1
Фото: Freepik

Спонтаното танцување е забрането

Невообичаениот шведски закон датира од 70-тите години и е создаден за да се спречат немири во баровите. Иако забраната за спонтано танцување звучи лудо, сепак, не е укината, па ако ве понесе музиката, пред да се качите на маса проверете дали можете да танцувате на местото каде што се наоѓате. Баровите или рестораните во кои е дозволено танцување мора да имаат посебна дозвола.

Телефонирање додека возите

Секако, еден од законите на кои треба да внимавате е користењето мобилни телефони додека возите, па доколку се одлучите да го користите телефонот додека возите, префрлете се на спикерфон. Меѓутоа, бидејќи Швеѓаните секогаш го прават тоа поинаку, им требаше долго време да ја донесат оваа забрана, која е вообичаена во другите европски земји. Имено, тие сакаа да видат како да го подобрат системот и да се погрижат нивните граѓани да продолжат да се јавуваат, но истовремено да бидат безбедни во сообраќајот. На крајот сепак попуштија и како последна членка на Европската Унија го воведоа законот во 2013 година.

Забранети бои


Ако случајно толку многу ви се допадне Шведска што сакате да се преселите таму, добро е да знаете дека нема да можете да ја обоите фасадата во која било боја. Законот кој ја штити земјата од хаос на улиците налага граѓаните да се држат до слични бои (заборавете на виолетовата фасада со жолти точки). Во село правилата не се толку строги, освен ако не се работи за историски значајна куќа.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот