X
 03.12.2018 Живот

Необичен план да се премести еден арктички град

Најголемиот светски рудник за железна руда ќе го проголта шведскиот град Кируна. Одговорот на компанијата што го стопанисува  е - преселете го градот!

Пукнатината се појавила пред неколку години и оттогаш се заканува дека ќе го проголта градот Кируна.

- Рудниците се под нас, а можете да ја видите и насоката на пукнатините што доаѓаат од рудникот и што одат накај градскиот центар - вели Горан Карс.

Рудникот Кирунавара е причината што овој шведски град од околу 20.000 жители воопшто постои, длабоко во Северна Лапландија. Станува збор за најголемиот рудник за железна руда и доминира и економски и визуелно, а пукнатините испраќаат облаци од црн чад.

Во период од на еден век рударите допреле толку длабоко во земјата, 2 километра, што сега буквално го поткопале градот. Пештерите предизвикуваат тонење, ослабнување на структурата на зградите и отвораат голема пукнатина во самата земја, која секоја година расте пошироко и поблиску до градот за неколку метри. Наскоро градот Кируна ќе биде проголтан од самиот рудник, кој всушност и му дал живот.

2
Peter Rosén/LapplandMedia


Затоа, во 2004 година компанијата што го управува рудникот развила план - едноставно ќе ги премести куќите и сѐ друго во градот.

Таа ја идентификувала зоната на која ѝ се заканува растечката дупка и на сите што живеат таму им даде три избори: компанијата да ги пресели во нов апартман, да им го откупи живеалиштето со пазарна стапка плус 25 отсто или ако е можно, да се качи куќата на камион и да се премести во новиот град.

- Основната идеја беше тука да има градски плоштад бидејќи сегашниот град нема градски плоштад - изјави Карс минатата недела, на отворањето на Градското собрание, првата зграда во новата локација на Кируна.

Моментално, Градското собрание е единствената градба во областа што прави да се чувствувате како да сте на средината на никаде. Всушност, местото било поранешна градска депонија, а потоа место на повеќе фабрики и отпади познати како Долината на смртта. Но, според Карс, најдоцна до 1 септември 2020 година ова место ќе биде претворено во цел град.

Плановите покажуваат комерцијални и станбени згради, кина, библиотеки и хотели, широки авении - сето ова изградено како во некоја метропола, а не некој град на 160 километри северно од Арктичкиот круг.

Обемот на проектот е без преседан. Десетици згради ќе бидат преместени под надзор на специјално составен тим од експерти, за кои Карс вели дека се многу добри професионалци. Тие тврдат дека е поевтино да се преместат домовите отколку да се уништат и повторно да се изградат.

grad
Peter Rosén/LapplandMedia


За целото преместување плаќа самата компанија,  но дарежливоста не е тоа што ја мотивира.

- Законот е кристално јасен. Шведскиот закон од рудникот бара да компензира за структурната штета што ја предизвикува. Дел од апсолутниот проблем на Кируна е тоа што жените се преселуваат од градовите, а мажите остануваат - вели Карс, додавајќи дека постојат голем број напори да се привлечат жени од странство за да се омажат за рударите.

- Нашите вработени живеат тука. Јас живеам во Кируна. Сакам да живеам во убав град. Се надевам дека моите деца ќе останат тука или барем ќе се вратат откако ќе студираат. Мора да ги едуцираме луѓето да се преселат во Кируна и да работат тука - вели Јохан Макитавола, проектен менаџер во компанијата.

За да преживее, градот треба да се прошири. Тој веќе е дом на вселенската индустрија, а во зима постојат директни летови од Токио и Шангај за сите туристи што сакаат да доживеат аурора бореалис. Но, невозможно е да се замисли Кируна без рударската компанија, и обратно.

- Ова е голема работа. Голема. За Швеѓаните, компанијата ЛКАБ е дел од нивната ДНК - важна е за финансиите на шведската држава. Затоа, за нас претставува предизвик - вели Алис Бах Кухнке, шведска министерка за култура и демократија.

Сепак, постојат големи предизвици со кои треба да се соочат и властите и жителите - тука е фактот дека новиот град се наоѓа на територијата на Сами, домородните луѓе на Лапланд, а нивните пасишта за ирвасите се нарушени со рударството. Сами го свика нивниот шведски парламент во Кируна.

- Каде е знамето на Сами? Каде е претставникот на Сами? Имаме Сами парламент, но главното лице на парламентот не беше покането - вели Каола Гран, уметник од Сами.

lokacija
Фото:  Тhe Guardian


- Тука имаме заедница на ирвасите, ова е територијата каде што се движат. Или барем беше. Сѐ се промени со градот. Кируна е град што не се грижи за луѓето Сами и за нивниот стил на живеење. Овие луѓе традиционално пасат ирваси, активност што честопати е прекинувана од рударството.

- Тие имаат свој интерес за оваа земја, а ние имаме наш. Значи, ова е проблем и не е лесен - вели Макитавола.

Заменик-градоначалникот на Кируна, Стефан Сидберг, вели дека интересот на народот Сами мора да се почитува.

-Но, преместувањето на градскиот центар во оваа област има најмалку влијание, бидејќи станува збор за стара индустриска зона. Нема многу ирваси во оваа област од пред трансформацијата на градот. Не можеме само да седиме и да речеме дека не можеме да направиме ништо бидејќи тука пасат ирвасите. Мора да се развиваме како град, бидејќи напредуваме од тоа - вели Сидберг.

И граѓаните не се баш сигурни. Но, велат дека ќе го направат она што го бара компанијата од нив. Сепак, тие велат дека новата локација, освен што е помалку живописна, е и постудена, порамна и поизложена.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот