X
 06.04.2021 Живот

Зошто СССР ја бомбардирал неутрална Шведска во Втората светска војна?

За време на Втората светска војна Шведска не била во можност да се држи настрана од воениот конфликт, како што се надевала. Под притисок на Третиот Рајх, таа морала да се согласи на транзит на германските трупи низ нејзината територија.

Така, Стокхолм отстапи од својата политика на неутралност не само под притисок, туку и прилично доброволно. За време на советско-финската војна, Шведска се прогласи за таканаречена „невоинствена“ држава. Сепак, без директно да се меша во конфликтот, таа активно ја снабдуваше Финска со оружје, муниција и волонтери. Дополнително на тоа, Швеѓаните зеле оружје в рака и станале дел од војната.

Според пресметките на Шведска, за време на Втората светска војна Германија ја бомбардирала 10 пати, Велика Британија 12 пати, додека СССР бил одговорен за седум бомбардирања. Москва, сепак, призна дека учествувала само во едно од нив.

Првиот воздушен напад


На 14 јануари 1940 година, советските авиони првпат ја нападнале територијата на Шведска. Откако прелетале над Северна Финска и Ботнискиот Залив, три ДБ-3 бомбардери стигнале до големото шведско пристаниште Лулео. Поради обилните снежни врнежи и слабата видливост, тие се насочиле кон островот Калаксон јужно од Лулео, каде што фрлиле околу десет бомби. За среќа, немало жртви; биле оштетени само неколку станбени згради.

На враќање, празните резервоари за гориво ги принудиле советските бомбардери да слетаат во Финска, каде што биле заробени од финските трупи.

Престолонаследникот Густаф Адолф, војводата од Вестерботен, кој во тоа време бил во Северна Шведска, веднаш пристигнал на местото на настанот, придружуван од висок воен персонал. Веднаш почнале да се шират шпекулации за можните причини за советското бомбардирање.

1

Според општоприфатената теорија, советските авиони се движеле кон финскиот град Кеми, но се изгубиле по пат. Сепак, постоела и друга теорија дека ДБ-3 имале задача да бомбардираат воен аеродром што се градел на Калаксон. Можеби СССР, на тој начин, сакал да ги принуди Швеѓаните да се откажат од поддршката на Финска. Москва, сепак, не ја признала вмешаноста на нејзините воено-воздушни сили во овој инцидент.

Напад врз Пајала

На 21 февруари 1940 година, над шведското село Пајала се појавиле 7 советски бомбардери и почнале да фрлаат бомби. Селото било погодено со повеќе од 130 бомби што сериозно ги оштетиле локалната црква, пиланата и дел од станбена област.

Една бомба ја погодила салата во локалното училиште, каде што тогаш биле стационирани единиците на полкот Норланд Драгон. Единственото нешто што им го спасило животот на шведските војници било тоа што бомбата не експлодирала.

2

За чудо, никој не загинал во овој воздушен напад, но двајца локални жители беа ранети. Малиот број жртви се должи на фактот што повеќето бомби паднале во периферијата на Пајала. Покрај тоа, многу жители биле предупредени од нивните пријатели и роднини од соседното село Кенгис, на самата граница со Финска, кои први ги забележале советските авиони.

Шведска веднаш го известила советското раководство, протестирајќи против бомбардирањето, но Москва го отфрлила обвинението за напад врз Пајала. Дури на 6 март, откако спровел истрага, Советскиот Сојуз признал дека ја бомбардирал територијата на Шведска, наведувајќи дека станува збор за навигациска грешка на екипажот.

pajala

По завршувањето на Зимската војна, советска делегација го посетила селото за да ја процени причинетата штета. Швеѓаните процениле штета од 45.000 круни, а на крајот СССР ѝ исплатил 40.000 круни.

Удар врз главниот град

На 22 февруари 1944 година, жителите на Стокхолм одеднаш се нашле во епицентарот на вистинска војна. Нивниот град бил бомбардиран од советската авијација. Шведските сили за противвоздушна одбрана не успеале да откријат странски бомбардери. Само една објава известувала дека се приближуваат неидентификувани авиони, но додека се обидувале да ја разјаснат ситуацијата, веќе било доцна.

Првпат во историјата, Стокхолм бил бомбардиран. Една бомба од 100 килограми уништила новоотворен театар, оставајќи кратер длабок три и широк пет метри. Покрај главниот град, погоден бил и соседниот град Стренгнес.

4

Како и во случајот со другите советски воздушни напади врз Шведска, за чудо, никој не загинал, само биле ранети двајца шведски војници.

Швеѓаните заклучиле дека советскиот авион погрешно го погодил Стокхолм. Во тоа време, СССР активно ги бомбардирал Јужна и Југозападна Финска, па можеби советските бомбардери се изгубиле во темната зимска ноќ. Сепак, како одговор на барањето на Шведска за разјаснување на ситуацијата, Москва одбила да го признае учеството на нејзините авиони во бомбардирањето врз градот, иако ненамерно.

Постои теорија дека нападот врз Стокхолм во никој случај не бил грешка во навигацијата, туку намерна операција на Советскиот Сојуз. Причината за тоа бил советскиот разузнавач по име Василиј Сидоренко кој бил уапсен во Шведска во 1942 година за шпионажа и осуден на 12 години затвор. Советското раководство постојано апелирало до Шведска барајќи негово итно ослободување, но сите жалби биле одбиени. Кога дипломатските методи биле исцрпени, СССР одлучил да употреби сила.

sidorenko

Дали случајно или не, по само три дена од бомбардирањето на Стокхолм, Сидоренко бил ослободен поради медицинска основа и набрзо потоа ја напуштил земјата.

Извор: Rbth.com
Фото: Public domain/ Russia Beyond
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот