X
 15.07.2020 Наука

Италијански научник тврди: Свлечиште на Марс предизвикало големо цунами кое го променило изгледот на планетата

Има неколку милијарди години откако големо свлечиште проработило на падините на вулканот на Марс наречен Олимп, највисоката планина во целиот Сончев Систем. А кога сиот тој материјал се исипал во водата на древниот океан на Марс, цунами големо меѓу 40 и 70 километри го погодило крајбрежјето на северната полутопка на планетата.

Ново истражување идентификувало остатоци од ова дамнешно случување. На цунамито предизвикано од свлечиште му била потребна голема водена маса, што ја докажува тезата за постоење на одамна исчезнат океан на Марс.

Идејата за марсовско цунами не е нова. Во 2015 година истражувачите изнеле теза за тоа како различни објекти од вселената се срушувале во древниот океан на планетата и создавале големи бранови. Најновите откритија би можеле да им помогнат на научниците да одредат колку бил голем тој океан.

Мегабранови на Марс

Цунами предизвикано од свлекување на земјиште е вообичаена појава на Земјата, вели авторот на новото истражување Фабио Виторио де Бласио од Универзитетот во Милано, Италија. За да покаже дека истото би можело да се случи и на Марс, тој проучувал сателитски снимки од топографијата на планетата, поточно од остатоци од огромно свлечиште. Долго меѓу 600 и 700 километри, тоа веројатно е најдолгото свлечиште во Сончевиот Систем.

Кога тие карпи се срушиле пред милијарди години, според Де Бласио, создале огромен бран. Како што цунамито напредувало, карпите се расфрлале по цврстата површина.

Песочните, калливи бранови оставиле траги на брегот далеку од Олимп. Де Бласио ги идентификувал тие траги и потоа користел модели за да потврди дека брановите можат да преминат неколку стотици километри.



Вулкан висок 25 километри

Олимп достига висина од 25 километри. На стрмнините на овој мегавулкан научниците идентификувале најмалку десет огромни тобогани, свлечишта долги до 300 километри. Проучувајќи ги надворешните рабови на свлечиштето, Де Бласио забележал дека невообичаени лежишта создаваат гребен. Користејќи слики од сателити на НАСА, тој ги проучувал неговите карактеристики и заклучил дека материјалот постепено забавувал и запирал кога наидувал на гребенот познат како Acheron Dorsum.

- Кога би можеле сигурно да стоите на врвот на гребенот, веројатно би го виделе калливиот бран кој оди со брзина од 50 метри во секунда и се издига десетици километри по благите падини и потоа се повлекува - објаснува Де Бласио.


Италијанскиот научник го симулирал процесот за да провери дали може бран создаден со свлечиште да допре толку далеку. На Земјата тешко, но на Марс, каде што гравитацијата е послаба, брановите можат да патуваат подалеку, особено во комбинација со поблаг наклон на гребенот.

Ако Де Бласио е во право, тогаш тоа е прилог на тезата дека на Марс навистина имало океан пред околу 3 милијарди години, кога Сончевиот Систем бил стар само 1,5 милијарда години. Но, можеби не станувало збор за океан, туку за огромно езеро или мрежа од помали езера.

- Постоењето на океан на Марс е контроверзно прашање, особено важно за еволуцијата на Марс. Можноста океанот да управува со хидрологијата на Марс, неговите езера, реки и влажната атмосфера, е од голема важност за науката - вели Де Бласио.


Извор: Tportal
Насловна фотографија: Wikipedia (Планината Олимп на Марс)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука