X
 15.07.2024 Живот

Темната историја на атентати на американски претседатели и политичари

Атентатот врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп е само едно од долгата серија на политички насилства насочени кон сегашни и поранешни американски претседатели, кандидати, високи функционери и лидери на движења.

Атентатот врз Доналд Трамп во Пенсилванија ги разбуди духовите од минатото и отвори болни спомени од историјата на политичкото насилство во САД, која датира од нејзиното основање во 1776 година.

16. американски претседател Абрахам Линколн бил првиот актуелен претседател врз кој бил извршен атентат. На 14 април 1865 година, Џон Вилкс Бут го застрелал Линколн во задниот дел од главата додека тој и неговата сопруга ја гледале претставата „Нашиот американски братучед“ во театарот „Форд“ во Вашингтон. Линколн бил однесен во куќа што се наоѓала наспроти театарот за да му се укаже помош, но починал следното утро. Ендрју Џонсон го наследил како претседател.

ubistvo
Атентатот врз Абрахам Линколн/Фото: Wikipedia

Џејмс Абрам Гарфилд бил вториот американски претседател врз кој бил извршен атентат додека бил на функцијата. По помалку од четири месеци откако бил избран за претседател на 2 јули 1881 година, тој бил убиен од Чарлс Гито на железничка станица во Вашингтон додека чекал воз.

1
Атентатот врз претседателот Џејмс Абрам Гарфилд/Фото: Wikipedia

Третиот американски претседател кој бил мета на атентат бил Вилијам Мекинли, кој бил убиен од анархистот Леон Чолгош на 6 септември 1901 година, за време на посетата на Бафало. По неговиот говор, Мекинли слегол од бината за да се поздрави со публиката кога Чолгош од непосредна близина го застрелал двапати во градите. Починал една недела подоцна.

5
Атентатот врз претседателот Мекинли/Фото: Wikipedia

Претседателот Френклин Д. Рузвелт успеал да преживее за време на атентатот во 1933 година при кој бил убиен градоначалникот на Чикаго, Антон Чермак.

На 35. претседател на САД, Џон Ф. Кенеди, му бил извршен атентат на 22 ноември 1963 година за време на посетата во Далас, додека претседателската колона поминувала низ центарот на градот. Кенеди бил застрелан двапати со снајпер, еднаш во грбот, еднаш во главата. Веднаш бил пренесен во болница, но 30 минути подоцна била констатирана смрт. За атентатот бил обвинет Ли Харви Освалд. Претседателската функција ја наследил Линдон Џонсон.

kenedi
Кенеди со сопругата Џеки неколку минути пред атентатот/Фото: Wikipedia

Во септември 1975 година претседателот Џералд Форд преживеал два обиди за атентат - првиот на 5 септември кога Линет Сквики Фром, член на култот на Чарлс Менсон, се обидел да пука во Форд додека тој шетал низ паркот Сакраменто, но пиштолот заглавил. Само 17 дена подоцна Сара Џејн Мур, поврзана со радикални левичарски групи, пукала во Форд додека тој излегувал од хотел во Сан Франциско, но не го погодила.

Последниот американски претседател врз кој бил извршен атентат бил Роналд Реган, кој бил тешко ранет во 1981 година и бил итно опериран. Реган го напуштал хотелот во Вашингтон откако одржал говор кога атентаторот Џон Хинкли Џуниор испукал неколку истрели од пиштол со мал калибар. Еден од куршумите се одбил од претседателската лимузина и го погодил под левата пазува.

regan
Претседателот Роналд Реган неколку минути пред атентатот/Фото: Wikipedia

Поранешни претседатели и кандидати

За време на кампањата за реизбор, поранешниот претседател Теодор Рузвелт бил застрелан со пиштол во градите во 1912 година. За среќа, куршумот бил апсорбиран од метална кутија за очила во внатрешниот џеб. Иако бил застрелан, Рузвелт го одржал својот говор додека куршумот сè уште бил во него.

Сенаторот Роберт Ф. Кенеди бил убиен за време на трката за Белата куќа во која тој бил главен кандидат на Демократската партија. На 5 јуни 1968 година, кога ја напуштал балската сала на хотелот „Амбасадор“ во Лос Анџелес, бил застрелан од 24-годишниот Палестинец Сирхан Сирхан поради неговата поддршка за Израел. Кенеди бил погоден со три куршуми и починал следниот ден, а ранети биле уште пет лица.

За време на претседателската кампања во 1972 година, гувернерот на Алабама, Џорџ Валас, бил застрелан четирипати во Лорел, Мериленд. Напаѓачот Артур Бремер го застрелал Валас во градите и во стомакот, а еден куршум му останал во 'рбетот, поради што останал парализиран до крајот на животот.

Политички лидери

Цел на атентат биле и голем број други влијателни политички фигури.

Сигурно најпознат меѓу нив е Мартин Лутер Кинг Џуниор, кој бил убиен во 1968 година, неколку месеци пред атентатот на Боби Кенеди.

Додека планирал огромен национален митинг и „окупација“ на Вашингтон, како дел од неговата кампања „Сиромашните луѓе“, Кинг Џуниор бил застрелан во дворот на еден мотел во Мемфис, Тенеси. Куршумот го погодил во образот, му поминал низ вилицата, 'рбетниот мозок и заглавил во рамото. По итна операција, Кинг починал во болница.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia/Evan Vucci
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот