X
 25.03.2020 Наша тема

Американците сѐ уште не ја сфаќаат сериозно ситуацијата со коронавирусот, велат нашинци од САД

По сè што видовме во Италија и низ цела Европа, се надевав дека Американците ќе бидат многу поспремни и посериозни кон реалната опасност. Барем тука, во околината на Вашингтон, голем дел од секојдневниот живот тече нормално. Се забележува намален сообраќај, но далеку е од тоа што би го очекувале од земја која има над 6.000 новозаразени во еден ден, вели нашинец во САД


Околу 53.000 заразени со коронавирусот и 684 починати лица вчера забележаа Соединетите Америкaнски Држави. Тие се третата земја според бројот на заразени во светот. Поразговарвме со нашинци што живеат во различни краеви на земјата и сите го имаат сличниот впечаток - дека Американците не го сфаќаат многу сериозно проблемот.

Г.Д. од Скопје е еден од затечените Македонци на туѓа територија. Тој се наоѓа во околината на Вашингтон од 10 март. Првичниот план му бил да остане до 30 март.

- По сè што се случува во последните денови, враќањето дома станува сè понеизвесно. Викендов ја контактирав нашата амбасада во САД со надеж дека ќе добијам информација околу летовите што Владата треба да ги организира за враќање на државјаните затечени во други земји - објаснува тој.

Тој ја опишува атмосферата, секојдневието на граѓаните во САД.


Сообраќајот во Вашингтон од пред неколку дена 

- Целата ситуација ми е чудна и нереална. По сè што видовме во Италија и низ цела Европа, се надевав дека Американците ќе бидат многу поспремни и посериозни кон реалната опасност. Барем тука, во околината на Вашингтон, голем дел од секојдневниот живот тече нормално. Се забележува намален сообраќај, но далеку е од тоа што би го очекувале од земја која има над 6.000 новозаразени во еден ден. Ресторани, трговски центри дури и фитнес-центри работат со нормално работно време. Има препораки за тие што имаат можност да работат од дома, да останат дома, но нема никаква рестрикција. Има над 300 мртви и повеќе од 20.000 заразени и мерките што моментално се преземаат се преблаги. Како сите да чекаат некој од фиока да го извади лекот и сè да биде како што си беше - објаснува тој.


Извештај за 24 март 2020

Дента кога требаше да тргне за САД се колебал дали е добар момент да се патува.

- Мислам дека сè уште се калкулира со мерките што се преземаат и треба да се преземат, најмногу поради економскиот аспект, т.е. уривање на целата економија во земјата и запаѓање во нова рецесија. Генерално изјавите на претседателот и на неговите најблиски се околу пронаоѓање лек и кои сè варијанти на лекови би можеле да се успешни во лекување на болеста, а не кон подобра превенција, изолација и спречување на ширењето на самата болест - вели Г.Д.

Од пред два дена паркот на црешите во Вашингтон е забранет, а фотографијата е направена последниот викенд

САД важат за една од земјите во светот со најсурови социјални и здравствени услови за живот и има многу бездомници. На прашањето дали заштитата, третманот, лекувањето се исти за сите Американци во услови на пандемија, тој одговара дека пред неколку дена било издејствувано тестирањето да биде бесплатно за сите, без разлика дали имате здравствено осигурување. Но, тоа е само еден дел од проблемот.

- Ако бројките продолжат да растат и се појави сценарио слично на тоа во Италија, лично мислам дека многу луѓе ќе умрат заглавени по ходници и шалтери во објаснувања што им покрива здравственото осигурување, што може да си дозволат. Во уставот на САД постои член според кој одговорните за здравствениот систем може да нудат бесплатна здравствена заштита во кризни ситуации (според овој член и беше издејствувано бесплатното тестирање). Се надевам дека разумот ќе преовлада над бирократијата и администрацијата ако дојде до тоа - објаснува Г.Д.


Тој и самиот е медицинско лице. Вели дека во основа модерната медицина не е изградена за да може да се справи со ситуации како оваа - во еден ден да прими 1.000 нови пациенти што треба да останат во болница 14 дена.



- Кина го реши овој проблем со тоа што изгради 16 нови болници, но таа ги има сите ресурси за овој чекор и засега тоа е единствената земја со можност да го направи тоа. Од друга страна, во здравствените системи на скандинавските земји, Германија, Австрија, иако се соочуваат со голем број заболени, сепак процентот на смртни случаи е многу низок. Ковид-19 не е само тест на отпорноста на човечкото тело, туку многу повеќе е тест на отпорноста на државните здравствени системи. Кина се соочи со епидемија со над 80.000 заразени уште пред повеќе од два месеца, а САД пред десет дена почнаа да набавуваат тестови и дури викендов издаде наредба за зголемување на производството на заштитни маски. Светот малку научи од она што се случуваше во Кина во јануари, а САД како да веруваа дека целото ова лудило магично ќе ги избегне. Ако пропорционално продолжи да се зголемува бројот на заболени, за кратко време САД ќе ги искористат своите постојни здравствени капацитети. Гледам дека сите поголеми спортски сали се спремаат да бидат привремени болници за прифаќање на новозаразените. Дали ќе биде ова доволно и дали навреме ќе се оспособат, само времето ќе покаже - вели Г.Д.

Празни полици за месо во Вашингтон

Друг нашинец кој работи привремено во САД вели дека парковите во Вашингтон до пред некој ден биле полни и дека Американците сè уште не ја сфаќаат ситуацијата многу сериозно.

- Федералните агенции, кои не се неопходни периодов, ги пратија 90% од вработените да работат од дома. Делот од Вашингтон каде што се административните згради, во близина на Конгресот, е речиси празен. Но, како што добија можност да работат од дома, така и ги наполнија парковите. Од завчера забранија одење во паркот со црешите, кој се наоѓа покрај реката Потомак и е главна атракција во градот, зашто за викендот беше преполно. Калифорнија од пред некој ден презеде строги мерки со кои се забранува движење (ама и тоа не е јасно - каква е таа забрана. Класична забрана, како во Италија, не постои)... Тоа што е главна препорака е да се држи растојание. Дел од рестораните сами затворија, а дел служат само храна за носење... Маркетите се испразнија по првиот бран, ама почнаа пак да ги полнат. Не се вршат доволно тестови, тоа е главната критика кон администрацијата - вели нашинецот од Вашингтон.

Македонка што 20 години живее во Њу Џерси и се занимава со сметководство споделува дека цените на маските и во САД се зголемени за 10 пати. 

Празни полици за тестенини

- Се обидуваат да го спречат ширењето и од пред два дена сите бизниси што не се неопходни (non-essential) се затворени и сметам дека тоа е единствен начин да се спречи. Во продавниците воведоа ред - постарите да можат да одат во првиот час од работата да си купат храна. Сè уште има паника и многу луѓе купуваат многу повеќе отколку што им треба. Продавниците почнаа да ставаат лимит на тоа колку може да се купи од одредени продукти. Се забранија неитни операции за да има слободни кревети. Неопходни им се респиратори и маски и со оглед на големата побарувачка, цената за маска од 75 центи скокна на 7 долари. Луѓето сè уште се собираат. Една добра работа е што загадувањето е многу намалено и можеби треба да сфатиме дека е време да забавиме малку - вели Македонката што живее во Њу Џерси. 

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска и Весна Ивановска-Илиевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема