X
 15.08.2017 Култура

Научникот не може да биде гениј: каква врска има генијалноста со коефициентот на интелигенција?!

Поимот гениј дефинитивно е еден од најфлексибилните поими во историјата. Неговото значење се менувало низ историјата, но сè уште е непроменето.

Значи, генијот никогаш не бил синоним за медиокритет, туку секогаш изразувал исклучителност.

Генијот како научник и обичајот за славење роденден

Генијот како поим постои уште од времето на стариот Рим. Етимологијата на овој збор се врзува за латинскиот поим genius, кој претставува дух кој го штити детето во текот на целиот живот и кому еднаш годишно мора да му се принесе жртва за духот да биде добар кон детето.

Интересно е дека принесувањето жртвa на genius-от се одржало и ден-денес. Еднаш годишно, човекот му принесува „ жртва“ на својот genius во вид на роденденска торта. Да, обичајот на славење роденден потекнува од римскиот обичај на славење на genius-от.

Понатаму во историјата поимот genius почнал да означува инспирација и талент, за денес поимот гениј да означува поединец кој поседува вонреден и неповторлив талент и способност во одредена дисциплина.

Денес постои дури и дефиниција за гениј. Имено, за гениј се смета оној што има вонредно висок степен на коефициент на интелигенција (IQ), вообичаено 140.

Навистина, овој поим денес се употребува пред сè за научниците што реализирале големи изуми, а денешниот свет е устроен на начин да обрнува особена важност на научните дисциплини.

Кант: генијот може да биде само уметник

Поимот гениј во естетска употреба исто така е една од релевантните употреби на овој поим. Трагите на оваа употреба се чувствуваат и денес. Кант, еден од најзначајните филозофи на просветителството, сметал дека генијот е исклучиво уметник, но не и научник.

Според Кант, уметникот има предност во однос на научникот да се нарекува гениј поради еден посебен момент, а тоа е невозможноста на уметникот да ги објасни начинот и причината за настанувањето на одредено уметничко дело. Инспирацијата ја претставува таа тешка објаснивост и процeсот на настанување на едно уметничко дело.

Значи, целата уметност би можела да се карактеризира како манипулирање со инспирацијата, додека кај научниците овој момент – недостига. Токму тука настанува огромната разлика меѓу научникот и уметникот.

Имено, научникот мора да знае да ја објасни секоја своја постапка во некоја теорија или изум, затоа што неговото дело би немало конкретна практична корист, или цел од тој вид. Уметничкото дело, би рекле, постои без цел. За да избегне ваква констатација, Кант го вовел поимот целисходност.

Целта се разликува од целисходноста според фактот дека човек може да ја спознае целта, за разлика од целисходноста која се наоѓа надвор од можностите на човековотo сознание.

Уметничкото дело затоа е и убаво – затоа што никогаш не може да се спознае и одреди. Неговата неодредливост го прави вредно за восхитување.

Генијот создава исто како и природата

Кант смета дека генијот создава исто како и природата, што значи дека постои одредена компарација во создавањето на уметникот и природата, во смислa дека и двата начини се необјасниви. Човекот не може да ја одреди целта ниту на природата ниту на уметничкото дело.

Природата, како и уметникот, создава по свои правила кои не се точно одредени. Кант вели дека преку генијот природата ѝ припишува правила на уметноста. Ова значи дека уметникот претставува медиум меѓу природата и убавата уметност, во смисла дека преку уметникот природата ги диктира правилата на убавата уметност. Убавината во Кантовата теорија на естетиката нема никаква врска со разумските елементи.

Како всушност се перципира убавината?

Кога гледаме некој убав предмет, не можеме точно да објасниме зошто е допадлив за нашето око. Не можеме разумски да го зафатиме, според  Кант. Тој упорно отфрла што било разумско во креациите на уметноста и природата. Убавината го надминува човечкиот разумски конструкт.

Така настанала и Кантовата крајно необична и контрадикторна синтагма наречена судот на вкусот.

Судовите на вкусот се неразумски рамки во кои не само што го перципираме убавиот предмет туку и носиме суд дека истиот е убав.

Да се објасни необјаснивото

Цела збрка настанува затоа што Кант се обидува да го објасни она што и самиот тврди дека е неможно да се објасни. Генијот кој создава (необјасниво) исто како и природата е посредник меѓу природните и уметничките креации. И додека природата создава крајно мистични дела, креациите на генијот имаат свој пример во природата, иако не спаѓаат во категоријата возвишени. Само природата може да биде возвишена, а единствено што може генијот да направи е да се восхитува на природата и да се обиде да создаде дела кои по својата возвишеност би можеле да им се приближат на природните.

Затоа човекот не се обидува да ја објаснува уметноста, затоа што истата не е за објаснување, туку служи како предмет на восхитување.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура