Неговите книги постигнале неверојатен успех и се најпродавани на листите на „Волстрит журнал“, „Њујорк тајмс“ и „Ју-ес-еј тудеј“. Американецот со јапонско потекло не се родил во богато семејство. Неговите родители му припаѓале на средниот сталеж, па морале напорно да работат за да имаат пари.
Моментот кога „сиромашниот“ татко добил отказ на поодминати години го натерал Роберт интензивно и активно да ги анализира финансиските аспекти на општеството, а своите заклучоци, кои ги запишал во книгите што ги објавува, го освоиле светот. Книгата „Богат татко – Сиромашен татко“ се отвора со разговор меѓу коавторката Шерон Лехтер и нејзиниот син, кој ја поттикнал да се праша дали училиштата ги подготвуваат децата за реалниот свет.
Еве ги
десетте правила на Роберт Киосаки кои се водич како да се стекнат богат дух и пари:
- Клуч за успех е мрзливоста. Колку повеќе сте вклучени во она што го работите, толку помалку средства ќе заработите.
- Ако сакате да бидете богати и среќни, не одете на училиште.
- Најдете работа за да научите нешто, а не заради заработка.
- Нема да се збогатите на работа, туку дома.
- Ако работите за пари, му ја предавате својата моќ на вашиот работодавец. Ако вашите пари работат за вас, ја задржувате моќта и можете да ја контролирате.
- Најчесто не напредуваат паметните, туку храбрите.
- Талентот не е доволен, мора да научите да се продавате.
- Постојано прашувајте се каде ве води вашата секојдневна активност.
- Стравот, цинизмот, лошите навики и ароганцијата водат кон неуспех.
- Критицизмот заслепува, а анализата ги отвора очите.
„Имав двајца татковци, богат и сиромашен, едниот беше врвно образован и интелигентен, а другиот немаше осмо одделение. И двајцата беа успешни, целиот живот вредно работеа и многу заработија. Но, едниот од нив секогаш имаше финансиски проблеми, а другиот стана еден од најбогатите луѓе на Хаваите. Едниот почина оставајќи десетици милиони долари, другиот зад себе остави неплатени сметки. И двајцата беа силни, харизматични и влијателни, и двајцата ме советуваа. Но нивните совети не беа исти. Силно веруваа во образованието, но не ми препорачаа ист тек на школувањето.“
„Да имав само еден татко, ќе морав да ги прифатам или отфрлам неговите совети. Тоа што имав двајца татковци кои ме советуваа, ми понуди избор меѓу две различни гледишта: гледиштето на богатиот и гледиштето на сиромавиот татко. Наместо едноставно да ги прифатам или отфрлам едните или другите совети, јас размислував, ги споредував, а потоа самиот одлучив“, открива Киосаки, чија приказна за сиромашниот татко се однесува на неговиот биолошки татко, а оној богатиот е таткото на неговиот најблизок пријател.
Роберт Киосаки не наследил економско царство од својот татко, туку самиот го создал. Тој основал училиште за финансии кога открил дека ужива во подучувањето, па се впуштил во едукативните води. Пред својот 50. роденден го продал едукативниот центар, заминал во пензија и преминал во бизниси со вложувања, нафта и злато, па ја основал „Кешфлоу технолоџис“, компанија која се занимава со издавање специјализирани книги.
Своето богатство Киосаки не го постигнал врз принципите на „сиромавиот татко“, односно според моделот кој порано се сметал за единствено исправен.
Класичниот пат на општо образование, работа во државна служба, потпирајќи се на сигурното работно место „до пензија“ со зборовите „молчи и работи“, според него, не е успешен модел во модерното време.
Богатиот татко ги учи децата дека сами треба да го пронајдат својот пат меѓу авторитетите и дека мора да тргнат во правецот кој го сметаат за правилен. За да го постигнат тоа, децата мора да размислуваат за своите квалитети, да откријат што им „лежи“ најдобро и да не трупаат само знаење, туку и снаодливост, како и разбирање на начинот на кој функционира светот денес. Богатиот татко би го советувал детето дека прво треба да го изгради бизнисот, а потоа да го проширува. Детето треба да постигне парите да работат за него, а не обратно.