Мојата цел е да направам значителен придонес за развојот на геонауките и да се продолжи со истражување и иновации во ова поле. Искрено се надевам дека ваквите заложби во науката ќе бидат препознаени, стимулирани и наградени и кај нас во Македонија, па квалитетот ќе си го добие заслуженото место, изјавува Бојана Алексова
Магистер Бојана Алексова е млад научен истражувач, професор по географија и секретар на Меѓународниот институт за природни катастрофи со седиште во Белград. Во текот на последната година успеа да подготви и да објави 10 научни труда (најголем дел во списанија со фактор на влијание), што претставува значајно достигнување во нејзината кариера. Ова е голема реткост, на многу професори-научници им се потребни години да ја постигнат оваа бројка на трудови, но благодарение на упорноста, страста и посветеноста кон науката, особено во областа на геонауките, Бојана успеа да даде значаен и релевантен придонес во науката за само една година.
Публикување во престижни списанија
- Моите научни интереси се насочени кон примена на напредни технологии како ГИС и далечинска детекција за решавање проблеми поврзани со природни непогоди, вреднување на геонаследството, проучување на климатските промени и сл. Применувам мултидисциплинарен пристап, вклучувајќи сателитски снимки, податоци добиени од терен, податоци од дронови и различни геопросторни детални анализи. Особено голем предизвик ми е делот за природни и геонепогоди, кој е мошне актуелен и значаен поради климатските промени и закани, зголемената ранливост, како и предизвиците настанати од сето тоа. Како резултат на мојата максимална посветеност и пожртвуваност, само во текот на изминатата година подготвив 7 труда, кои по детална меѓународна рецензија беа објавени во престижни научни списанија со висок фактор на влијание, а во процес на објавување се уште 3 научни труда - ни сподели Бојана.
Публикувањето во вакви престижни списанија, како што се „Атмосфер“, „Опен геосајенс“, „Геохеритеч“ и др., го потврдува нивниот квалитет и релевантност.
- Според релевантните индексирања достапни и на интернет, како млад истражувач-географ за само една година остварив најмногу објавени публикации и цитирања во релевантни меѓународни списанија, особено како прв автор. Тоа за мене е голем успех, но и голема одговорност за понатаму. Според цитираноста, моите истражувања и трудови веќе добиваат значење во научната заедница. Тие често беа резултат на соработката со врвни професори и истражувачи од странство, најчесто од полето на геонауките - изјавува Бојана.
Нејзиниот труд не се цени во Македонија
За жал, нејзината работа, трудољубивост и резултати останаа непрепознаени во Македонија, па дури и контрапродуктивни.
-Типичен пример за таквиот однос е мојот ангажман како демонстратор на Институтот за географија при ПМФ, каде што покрај резултатите и одличниот однос со студентите, од сосема ирационални причини не ја добив поддршката за продолжување на работата. Всушност, мојата амбициозност често беше критикувана, ограничувана, па и стопирана, особено во делот на учеството на меѓународни настани, конференции, теренски истражувања и сл. Ова непријатно искуство ја одразува реалноста на научната сцена во Македонија (барем во мојата област). Тоа истовремено ми даде мотивација да продолжам со работа и посветеност кон науката - вели Бојана.
Како признание за нејзината посветеност и работа дојде поканата да биде истражувач во Научно-професионалното друштво за управување со ризици од катастрофи, а воедно и секретар на Меѓународниот институт за истражување на катастрофи со седиште во Белград.
-Особено сум горда на статусот на најцитиран млад географ во Македонија според SCOPUS, како и на тоа што четири од моите трудови се посветени на моето родно Кратово. Овие резултати ја потврдуваат мојата посветеност и успех во полето на геонауките - споделува таа.
Работи на нови истражувања
Своето знаење периодов го вложува во развојот на модели и методологии за подобра процена на загрозеноста од ерозија, свлечишта, поројни поплави и други непогоди.
- Работам на истражување за корелацијата помеѓу геолошките карактеристики и геодиверзитетот, особено во функција на подобра заштита на геонаследството. Овие истражувања и трудови ги развивам во соработка со реномирани експерти од странство и се фокусирам на истражување на хидролошкото наследство и управувањето со природни катастрофи. Во таа смисла, периодов имам поднесено 6 научни труда, кои се во процес на објавување и рецензии во релевантни меѓународни научни списанија. Покрај тоа, ја насочувам мојата енергија и креативност и кон мојата улога како професор по географија во меѓународното училиште „Маариф“, каде што моите ученици ми даваат голема инспирација и мотивација - вели Бојана.
Веќе започна докторски студии во Нови Сад и учествува во меѓународни проекти.
- Очекувам поголема прифатеност на резултатите од истражувањата во општеството, поголемо нивно вградување во соодветни студии и стратегии, особено со оглед на предизвиците што стојат пред нас. Промоцијата на научните истражувања и обезбедувањето пристап до нив за јавноста и донесувачите на одлуки е исто така важен аспект на мојата работа. Во најскора иднина планирам да започнам докторски студии за да ја унапредам мојата експертиза во геонауките. Моите долгорочни цели вклучуваат учество во меѓународни проекти и иницијативи за подобрување на управувањето со природните катастрофи и заштита на природното наследство. Се стремам истражувањата да ги вршам со помош и координација на врвни експерти од областа, што ќе ми отвори можност да пишувам и да објавувам трудови во престижни и афирмирани списанија како прв автор и да станам врвен научник во својата област. Мојата цел е да направам значителен придонес за развојот на геонауките и да се продолжи со истражување и иновации во ова поле. Искрено се надевам дека ваквите заложби во науката ќе бидат препознаени, стимулирани и наградени и кај нас во Македонија, па квалитетот ќе си го добие заслуженото место. Во спротивно, само ќе тонеме на мапата на светските научни достигнувања, а квалитетните млади кадри со голем истражувачки потенцијал сѐ почесто своето заслужено место ќе си го бараат во странство - изјавува Бојана.
Фото: приватна архива