X
 15.09.2021 Живот

Дизморфофобија - имагинарна замислена деформација, искривена слика за себе

За секоја епоха отсекогаш се врзувала убавина како меѓу жените така и меѓу мажите - Елена Тројанска, Клеопатра, Нарцис, Александар Македонски... Меѓутоа, тие за тоа време биле синоним за божествена убавина.
Денеска убавината е скоро императив, пресудна во сè што работиме, стои во социолошките истражувања, со акцент дека физичкиот изглед може да доведе до „потиснување, истиснување, исклучување“ на оние помалку убавите од општеството!
Факт е дека убавината е критериум врз чија основа се стекнува статус во општеството, се добива работа, едноставно се напредува.
Во денешно време социјалниот притисок што го трпат поединци, а е наметнат од социјални мрежи може да биде многу тежок за поднесување.

Дизморфофобијата е сериозно ментално нарушување. Засегнатите луѓе се чувствуваат одвратно и деформирано, иако објективно немаат очигледни недостатоци. Дури и ако дел од нивното тело го исполнува идеалот за просечна убавина, погодените пациенти го перципираат и доживуваат различно отколку што всушност е. Причината за искривениот поглед на реалноста е всушност нарушување на сликата за сопственото тело. Причините и факторите на ризик особено во денешно време се интеракцијата на биолошките, психолошките, од кои најкарактеристична е дезинтеграцијата на егото и негова одбрана од трауми и внатрешни конфликти, како и социјалните фактори. Вредностите устоличени во нашето општество имаат важно влијание. Убавината е висок приоритет и ако истата не се достигне „до замислениот максимум“, настанува проблемот.

Речиси сите ние страдавме од телесни дизморфофобични нарушувања за време на транзициониот период, периодот на премин од адолесцентна во возрасна доба. Адолесцентната дизморфофобија обично завршува во средно образование, но за жал во денешни услови на живеење не само што не завршува, туку добива и изразена, одвратна форма. Во најголем случај дизморфофобијата е поврзана со знаци на зрелост, меѓутоа дел од лицата остануваат на едно определено ниво, кога остануваат преокупирани со својот „нереален недостаток“’ и тогаш стануваат опседнати со него. Како резултат на тоа, животот им се претвора во пекол, во буквална смисла, одбегнуваат дружења, одбегнуваат да се погледнат во огледало, а сите нивни патишта водат до ординациите на естетските хирурзи и дерматолошките амбуланти. Дизморфофобичните нарушувања на телото се едни од спектарот на компулсивните нарушувања според прирачникот за дијагноза и статистика на ментални нарушувања, бидејќи луѓето со дизморфофобија се однесуваат слично како и луѓето со опсесивно-компулсивни нарушувања.



Карактеристичен облик за дизморфофобично нарушување кај машката популација е мускулната дизморфофобија, тие веруваат дека нивното тело е недоволно мускулесто и мало, дури и ако нивното тело наликува на тело од професионален спортист, тоа ги прави тажни. Како резултат на тоа, почнуваат да вежбаат прекумерно, таа мускулна зависност се нарекува комплекс на Адонис или обратна анорексија, тие се фокусирани на консумирање храна богата со протеини, некои од нив очајно користат анаболни стероиди, со единствена цел да добијат мускулна маса во најкус временски рок, освен тоа се преокупирани со прекумерна или мала влакнавост на телото, како и со изгледот на гениталните органи, притоа не се фокусирани на квалитетот на сексуалното функционирање, тука исклучиво на изгледот. Што се однесува на женската популација, поведена од социјалните мрежи на кои секојдневно се пласира беспрекорна женска убавина, која во најголем дел е нереална, исфотошопирана и искоригирана, се жалат на грдо непропорционално лице, преголем или премал нос, заби, гради, нозе, колкови, задник, раце, уши, дамки на телото, или пак инсистираат на физички изглед на некој познат лик (што не е исклучок и кај машката дизморфофобија), за почеток стануваат депресивни, очајни за подоцна да станат опседнати и да почнат да го бараат решението на „својот проблем“, т.е. „несовршенството“ на сопствената убавина. Личноста со дизморфофобија тргнува од лекар до лекар, и кога наидува на неверица или разубедување од лекарот дека сè е во ред, по правило бара второ, трето... мислење сè додека не наиде на оној лекар кој ќе биде спремен да се обиде барем со некаков минимален хируршки зафат да го реши замислениот проблем.

Но, по правило таквите пациенти се секогаш незадоволни од резултатите на пластичниот хирург или дерматолог, што и не е за чудење затоа што всушност вистинска причина за таква интервенција и воопшто не постоела, впрочем, таквите пациенти кои се подвргнуваат на чести естетки зафати реално сакаат да решат некој психолошки проблем. Најголем дел од таквите пациенти во текот на предоперативните подготовки се упатуваат на психијатар, но процентот и моќта на разубедување на психијатарот се тотално незадоволителни, практично не постои психијатар кој може таков пациент да го одврати од намерата за хируршки зафат за нереалниот недостаток. Притоа се поставува прашањето дали по естетскиот зафат може да се зголеми самодовербата и самопочитта кај пациентот, одговорот е дека естетскиот зафат може да го подобри доживувањето за оној дел од телото кој е опериран, меѓутоа, е дискутабилно дека би можело да влијае врз целокупното доживување за поголема самодоверба и самопочит. И така тие лица влегуваат во тој опсесивно-компулсивен круг и потрага по конечно решение за својот „физички недостаток“, но за жал најчесто завршуваат како накази и со целосно променети идентитети.

И на крај да не заборавиме - животот е многу повеќе од нашиот изглед! Поважно е да бидеш добра отколку убава личност!

Автор: д-р спец. Милијана Кацарска, психијатар сертифициран за РЕБТерапија

Фотографија karos.potography

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот