X
 19.02.2023 Колумни

Зошто сме несреќни?

Дали сме несреќни? Дали и зошто навистина сме несреќни?
Тоа е многу лично прашање, и ваше и мое, и секој ќе даде одговор дали е несреќен, незадоволен и во колкава мера.

...луѓето во денешно време, во денешниот свет на суштествување, се длабоко повлечени во себе, притоа тоа ни укажува дека нешто се случува во нашиот менталитет. Се случува чувство на длабока осаменост и губење на личните односи, губење на односите и врските меѓу луѓето во заедницата. Кога тоа го осознаваме, го осознаваме и главниот темел за здрав и исполнет живот. Кога недостигаат длабоките меѓучовечки односи, личните партнерски врски, тогаш со сигурност можеме да речеме дека нешто мнооогу недостига. Вие (сите ние) сме незадоволни, несреќни, а „дијагнозата“ е всушност дека сме осамени. Да оствариш каква било врска на поврзаност со некого е главен фактор за среќа, т.е. доколку таа не се оствари, тоа е фактор за несреќа и незадоволство. Овде се поставува прашањето дали чувството на осаменост може да го поврземе со сеопштото незадоволство и несреќа во животот? Да! Кога некој длабоко во себе се чувствува осамен, тој е под постојан и голем стрес, немир... Имаме безброј примери кога некој живее сам, материјално е добро ситуиран, не постои никој што му го нарушува неговиот секојдневен мир, не му поставува барања, бариери, компромиси и слично. И повторно е несреќен, прашањето е што му недостига? Би дала еден пример, кога на улица ќе нѐ нападне некој посилен од нас, а ние сме сами, нема кој да нѐ одбрани и заштити, се плашиме првенствено за сопствениот живот, во тој момент се обидуваме да се одбраниме, но сами не можеме, адреналинот ни е на највисоко ниво, се вклучува целиот нервен систем, се покачува нивото на стрес, телото физички е во готовност за борба, за одбрана. Тоа ниво на стрес кога вашиот (нашиот) живот е во прашање е на исто ниво со нивото на стрес што се јавува кај лицата кои се чувствуваат секојдневно осамени, затоа што за сѐ во животот се борат сами. Можеби ова звучи нелогично и неповрзано, но е вистинито.

Пред сѐ, затоа што овде постои една единствена заднина, темел на нештата. Ваквата цивилизација и начинот на живот што го познаваме трае неколку генерации наназад. Особено последните 10-ина генерации живееме таков живот во кој статистичките податоци покажуваат поразителни резултати, а се однесуваат на прашањето од што сме најмногу незадоволни и несреќни, одговорот е од недостигот на здрави меѓучовечки врски, по кои луѓето длабоко во себе копнеат да ги воспостават. Имено, следствено на горенаведеното, луѓето низ годините наназад суштествувале, исклучиво преживувале во групи, да не речам племиња, биле изложени на секаков вид непогоди, а сепак преживувале. Заклучок е дека тогаш, а и денес, човекот можел да опстане, да преживее само како дел од групата, заедницата, семејството, врската... Секој што во тоа време бил оттргнат од групата едноставно бил осуден на смрт. Останувал без заштита и поддршка. Останувал сам. Станувал осамен. Низ годините тоа чувство останало во нас, чувство на припадност, потреба од сигурност. И денес нашето тело не знае дека сме во друго време, а механизмите што се јавуваат со јавување на чувството на осаменост и понатаму се активираат на ист начин. Тоа не се однесува првенствено на физичка осаменост, туку пред сѐ на чувството на длабока внатрешна осаменост. Лицата што се осамени, сами, страдаат, патат, чувствуваат душевна болка затоа што се под континуиран стрес да го носат целиот сопствен живот на свои плеќи, без никаква поддршка и помош, овие лица, со длабоко внатрешно чувство на осаменост, се поранливи, повулнерабилни на физички и психички заболувања.


Д-р Милијана Кацарска

... и да се вратам на денешниот свет, осамени луѓе, а опкружени со безброј пријатели, најчесто преку виртуелниот свет, и понатаму остануваат тажни и осамени. Најсовремената технологија на денешницата ни овозможува да ги одржиме врските со роднините и пријателите на далечина, но... на крајот повторно остануваме сами со себе. Со експанзијата на мобилната комуникација излезе дека осаменоста кај луѓето го достигна највисокото ниво. Идејата на модерната технологија, интернетот е одлична, но луѓето ги заменуваат контактите со живи луѓе од непосредната близина со контактите, дружењата во виртуелниот свет. Тоа оди до тоа ниво што голем дел од нив запаѓаат во зависност од интернетот. Се повлекуваат во своите домови, не сакајќи ја хранат осаменоста, стануваат анксиозни, депресивни, несреќни и не можејќи да се соочат со сопствената лична ментална состојба, запаѓаат во опсесивно-компулсивно поминување на времето на интернет, кое со текот на времето води до чувство на голема празнина, осаменост. Денес кога излегуваме на улица, забележуваме дека секој втор, или може да се рече секој еден, држи телефон. Во времињата наназад тоа се сметало за луксуз и како статусен симбол на ВИП-личности. Денес, мобилниот го користи и лице во камион, трактор, мерцедес, млада дама, ученик во основно училиште, секој... Навидум секој од нас има „многу важен“ повик. Ова зборува дека сите ние имаме неизмерно голема потреба да бидеме поврзани, воедно ни покажува колку сме сиромашни од реалните односи и длабоки врски меѓу себе, врски со луѓето околу нас. Кога тоа станува толку масовно е симптом на осаменост, нонстоп да бараме поврзаност, макар и преку повик или порака.

Технологијата ја презеде контролата над нас, нѐ остави сами со себе, едноставно нѐ оддалечи иако сметаме дека нѐ зближи. Илузорно.
И како да се решиме од осаменоста, која нѐ води до нашата лична несреќа и незадоволство? Кога ќе речеме дека некој е осамен, тоа се однесува на сите категории - деца, младинци, брачни партнери, лица во врска, цели семејства, особено лица во поодминати години. Осаменоста не значи да не бидеш опкружен со луѓе, луѓето се осамени во браковите и иако овде се и децата, се осамени и во големи друштва, кога пријателствата не се искрени и не се тоа што го замислиле и очекувале. Особено тешко е кога децата во семејството се чувствуваат сами, осамени. Родителите не можат да го препознаат тоа, а децата не можат да го искажат тоа.
Таа осаменост ги прави уште пообесхрабрени, така обесхрабрени остануваат „комотни“ во своите домови, чекајќи да се појави некој со кого би ги споделиле своите најголеми болни чувства, животни приказни или би го споделиле секојдневието. Овде се бара да се направи проактивен чекор, да се излезе од својот таканаречен комфор, впрочем, осаменост, Овде е потребно да не останеме во научената пасивна позиција која нѐ носи во очајување поради осаменоста, да се појавиме во реалниот свет, во кој можеби со некој би ја споделиле животната радост, а со тоа би ја замениле несреќата поради осаменоста со радоста на животот.

Да напоменам дека во мојата ординација никој не доаѓа поради осаменост, доколку тоа го потенцира, значи достигнал високо ниво на свесност за себе. Најчесто луѓето бараат помош поради немир, анксиозност, депримираност и други психички состојби, како засилен страв, сомневање и сл. При разговорот со нив се добива еден ист образец за личноста. Повеќето такви лица низ целиот живот биле сами, мислејќи на тоа дека не можеле да се поврзат со членовите од семејството, подоцна со другарчињата во училиште, подоцна со партерите во интимните врски и брачните другари. Тоа е страшно да се признае пред себе, а исто толку тешко и пред лекарот психијатар. Кај таквите лица самотијата станала начин на живот. Таа единка низ целиот свој живот низ сѐ поминува сама, товарот на својот живот го носи сама. Кога кај таквите лица ќе се акумулира таа тешкотија од самотијата, доаѓа до „пукање“ на психичката структура и одат во ментално заболување. Ја губат контролата над себе и за себе сметаат дека се немоќни и луди. Не! Тие луѓе со своето однесување и психичка манифестација се одраз на опкружувањето во текот на нивниот живот, навидум опкружени, а цел живот сами. Така стануваат несреќни и незадоволни.

Несреќни сме колку сме длабоко осамени. Колку повеќе здрави, искрени врски имаме реализирано во текот на нашите животи, со родителите, децата, брачните другари, другарите, пријателите, врски во кои можеме да комуницираме без пардон, да се глупираме, да се смееме и да плачеме заедно, да се караме и докажуваме, толку сме посреќни и позадоволни.
Сето тоа секој може да го посведочи од лично искуство.

П.с. Несреќни сме затоа што длабоко во себе сме осамени.

Автор: супспецијалист д-р Милијана Кацарска, психијатар
сертифициран за РЕБ психотерапија


Фотографија Иван Каратанов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни