X
 15.10.2018 Култура

Милена Дравиќ: Незнаењето и површноста владеат во сите сфери

- Денес во ова општество имаме огромен проблем токму со младите. Мислам дека тие не се виновни. Сите овие години, 20 години наназад, си го направија своето, доведоа до насилство... Бидејќи тоа се всушност луѓе без љубов, без љубов во семејството, без љубов онаму каде што се движат. Значи дека исклучиво добро се чувствуваат кога ќе ја исфрлат таа агресија, иако прашањето е дали и тогаш се чувствуваат добро, но за друго не знаат - изјавила Милена Дравиќ во интервју за „Лудус“ во април 2011 година.

Во ова интервју таа изјавила дека забраната не може да направи многу и дека сѐ многу се променило.

- Ако не се случи некој пресврт, некои работи ќе исчезнат со постарите генерации. А тој пресврт, но драстичен, пред сѐ, би требало да се случи на телевизија. Бидејќи телевизијата има широк аудиториум. Младиот свет расте со овие катастрофи од реални шоуа. Тоа не е само изгубена публика за вакви претстави, за вакви сцени, за уметност, туку и за вредни содржини - рекла таа.

Таа рекла и дека посветеноста во работата ќе даде резултати без разлика дали станува збор за телевизијата, театарот, филмот...

- Добро, тешко се живее, луѓето трчаат од една на друга работа, но посветеноста сепак треба да се одбрани и да се зачува. Еве, неодамна гледав репортажа од театарот „Бошко Буха“. Претставата „Василица прекрасна“, стара добра претстава за деца што се изведуваше по не знам којпат, а во публиката гледате возбудени деца и родители... Тоа е содржина што треба да се дава, нуди, да им се приближи на децата. На тој начин ќе ги мотивирате, ќе им се формира вкус. Што значи ако им забраниш нешто да гледаат на телевизија? Како може да се направи тоа? Кој верува дека со забрана може да се направи нешто? Направено е општо нарушување во културниот живот, во начинот на животот генерално, во системот на вредности. Во каков вредносен систем сме е и причина и последица на универзалниот недостаток - истакнала Милена.

Додала и дека незнаењето и површноста преовладуваат во сите сфери и воопшто не ѝ е јасно како е можно како легитимен став да завладее оној дека секој може да направи сѐ.

- Апсолутно не можам да сфатам како незнаењето и површноста преовладуваат во сите области. Веројатно треба секој да ја работи својата работа најдобро што умее и да го даде најдоброто од себе не само за да одиме напред, туку и за да преживееме. А што гледаме околу себе? Незнаење. Не знам дали ќе можеме да се ослободиме од тоа. А, мораме...

Според неа, ако сите луѓе во своите професии беа чесни и работливи, ова немаше да се случи.

- Тоа е принцип што дава сила, квалитет и кај поединецот и кај општеството. А денес квалитетот во секоја смисла на зборот, па и во смисла на извршувањето на својата работа, е дисквалификуван како критериум. Да не зборуваме за манипулацијата што стана легитимен и доминантен модел. Која порака им се испраќа на младите? - додава Милена.

На крајот, таа порачува дека е крајно време да се преобратиме, и тука уметноста може многу да помогне.

- Таа има сила како тивката вода што брег рони. Но, вистинската уметност, а не маркетиншката. Денес сѐ спаѓа под уметност. Сеопштиот пад на квалитетот, замената на тезите... А не е никаква тајна, ни непознато дека замената на тезите е ужасно опасна работа и се враќа како бумеранг - завршува таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура