Аукциската куќа вели дека не знаела ништо за уништувањето на сликата. Купувачот е мистерија, а мистерија е и самиот продавач.
Во случајот на „самоуништувачката слика на Бенкси“ ништо не е јасно.
Самоуништувањето на сликата на Бенкси во Лондон во петокот го разгори уметничкиот свет. Сликата со девојче како посегнува по црвен балон во форма на срце беше продадена за 1,4 милион долари.
Неколку секунди подоцна сликата се самоуништи со помош на вграден шредер.
Британскиот уличен уметник, чиј идентитет не се знае, е познат по вакви и слични активности што ја шокираат јавноста. Во 2006 година тој тајно поставил копија со реалистична големина од затвореник од заливот Гвантанамо во забавниот парк во Дизниленд, Калифорнија. Во 2013 година поставил штанд на кој ги продавал своите оригинални уметнички дела за 60 долари и ги снимал луѓето што поминувале, кои биле убедени дека, поради цената, делата се лажни.
Во саботата Бенкси објави видео на „Инстаграм“ што покажува како го вградил шредерот во рамката на сликата во 2006 година.
- Побудата да се уништи е исто така креативна потреба - напиша Бенкси, цитирајќи го Пикасо.
Но, видеото не даде одговор на сите прашања - барем не за вклученоста на аукциската куќа во ова дело.
Дали Бенкси бил во собата за време на аукцијата?
Постојат шпекулации дека Бенкси, кој го држи во тајност идентитетот повеќе од 20 години, можеби бил во просторијата за време на аукцијата, надгледувајќи ја целата претстава додека снимал со својот телефон.
Снимките што кружат по интернет покажуваат средовечен човек кој носи црни очила, како го снима моментот кога сликата е исечена. Набрзо се гледа дека човекот оди надвор од собата.
Дали беше Бенкси?
Во 2016 година научниците од Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон со помош на географски профил, врз основа на движењата на уметникот, идентификувале дека станува збор за Робин Гунингхем.
Авторите признале дека нивното истражување немало дефинитивен доказ. Човекот забележан на аукцијата во петокот има сличности со Гунингхем, иако никој не знае со сигурност.
Аголот од кој снимал човекот исто така може да кореспондира со аголот искористен во видеоверзија на Бенкси од настанот. Бенкси е познат по тоа што има блиски соработници што работат со него, така што можеби поставил неколку луѓе да го снимат настанот.
Аукциската куќа тврди дека не била дел од трикот
Според каталогот на аукциската куќа „Сотби“, сликата била директно побарана од уметникот од страна на актуелниот сопственик во 2006 година.
Дали е веродостојно Бенкси да ја подари сликата со вграден, далечински управуван шредер, кој ќе се активира 12 години подоцна? Во најмала рака, нема батеријата да се испразни? Чудно е и тоа што вработените во аукциската куќа ја отстрануваат сликата без никаков страв дека шредерот пак ќе се активира или можеби ќе експлодира. Дополнително на тоа, се поставува прашањето дали целата слика не тежела повеќе од обично со оглед на тоа што во неа имало вграден механизам?
Од „Сотби“ изјавија: - Во светот на современата уметност сè почесто уметниците ги сметаат своите рамки како составен дел од уметничкото дело, како што беше случајот во овој пример. Сертификатот од студиото на уметникот вели дека рамката е „составен дел од делото. Кога „Сотби“ побара од студиото да се отстрани делото од рамката за време на процесот на каталогирање, ни беше кажано да не ја отстрануваме рамката. Ова не е необично, го барале и други уметници. Во многу случаи, ако ја отстраните рамката, ги прекршувате желбите на уметникот и го уништувате уметничкото дело.
Исто така, експертите се прашуваат зошто делото на Бенкси е оставено последно за продажба. Вообичаено, ваквата продажба од висок профил би била на почеток на аукцијата.
- Големото прашање е дали аукциската куќа била соучесник. Дали овие знаци покажуваат дека тие знаеле? Ако не знаеле, ова е веројатно еден од најдобрите уметнички белези на векот. Ако биле вклучени, тогаш се покренуваат сите видови прашања во врска со манипулацијата на пазарот и се разложува брендот Бенкси - вели Ени Шо, дописник за весникот „Уметност“, која присуствувала на настанот.
Аукциската куќа инсистира на тоа дека не знаела за самоуништувањето.
- Не знаевме за овој настан и на никој начин не бевме вклучени - пишува во соопштението на куќата. Европскиот претседател Оливер Бакер ја опиша оваа вечер најдобро: - Брилијантен Бенкси-момент.
- Не сум сигурен дали сликата ќе биде повредна или помалку вредна, но дефинитивно ќе биде најпознато дело на Бенкси - вели поранешниот сопственик на галеријата на Бенкси, Стив Лазаридес.
- Секако дека е првото дело што спонтано се уништило како што завршила
аукцијата - изјави Алекс Бранџик, шеф на современата уметност во „Сотби“, Европа.
- Милионер им продава слика за милион долари на други милионери, па ја уништува - пишува уличниот уметник и пријателот на Бенкси, Бен Еин, познат по неговите храбри коментари. - Ќе мора да ми објасниш?!