Високото образование е клучно за развојот на секоја држава, а за неговиот развој, универзитетите мора да имаат кадровска и финансиска автономија. Не смее да има постојани измени на Законот на високо образование што го парализираат неговото функционирање. Во време на засилени миграции и пад на бројот на потенцијални студенти, потребни се законски измени за олеснување на наставната и научната работа, за полесно да се вклучиме во глобалното високо образование, истакнува професорот Ратко Дуев.
Билјана Ангелова од Економскиот институт, Горан Ајдински од Филозофскиот факултет, Ратко Дуев од Филозофскиот факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од ФЕИТ и Димитар Ташковски од ФЕИТ се кандидати за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ќе учествуваат на изборите на 30 мај.
Во продолжение ги претставуваме програмите, приоритетите и зацртани цели на тројца од нив.
Христина Спасевска: Високото образование треба да го следи развојот на европското
Професорката Христина Спасевска, проректор за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, сподели дека нејзината програма за работа и развој се темели на заложбата како академска средина, преку образовна, научноистражувачка, апликативна и уметничка дејност, да го подигнеме квалитетот на образованието на УКИМ.
-Применувајќи ги европските стандарди за квалитет и искуството на странските универзитети што котираат високо на меѓународните ранг-листи, со политичка одлука на државата, да се преземат системски и одржливи мерки за поставување на УКИМ меѓу најдобрите. Тоа директно ќе придонесе за подобри услови за работа на вработените и студентите, но и поголем стандард на академскиот кадар. Имајќи ја предвид постојната состојба и специфичноста на нашиот универзитет, но и општественото опкружување, во мојата програма се дефинирани 7 приоритети за европско образование на УКИМ поврзани со студентите и студентскиот стандард, УКИМ на меѓународните ранг-листи, дигитална трансформација, зајакнување на нашите капацитети, обезбедување квалитет, академската автономија и транспарентност и општествена одговорност.
Овие приоритети ќе се остваруваат преку конкретни проекти кои ќе се реализираат согласно акциски план, со точно поставена временска рамка и предвидени финансии. Ќе се работат тимски, со суштинска вклученост на вработените и студентите – вели Спасевска.
На прашањето какви промени му се потребни на високото образование, таа вели:
- Високото образование во Македонија треба да го следи развојот на европското во сите негови сегменти. Затоа треба да се направат клучни и одржливи реформи за подобрување на квалитетот и меѓународната етаблираност на нашите универзитети високо на ранг-листите. Во овој момент тоа го може само УКИМ, имајќи го предвид неговиот капацитет во сите дејности. Затоа очекуваме Владата и Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност многу брзо да постават нов мериторен систем за финансирање на високото образование, но ќе се подготви и стратегија со реален акциски план за финансирање на науката и научните институти. Особено е важно да им се даде голема поддршка на научноистражувачките тимови кои конкурираат на проекти од меѓународни фондови и при мал национален буџет за наука значително ќе се зголемат средствата за истражување и меѓународна мобилност – посочува професорката Христина Спасевска.
Димитар Ташковски: Високото образование не е на позицијата што ја заслужува во едно општество
Димитар Ташковски од ФЕИТ ни ги сподели своите приоритети:
Согласно слоганот на неговата програма, вели дека ќе се фокусира на приоритети кои ќе го трансформираат УКИМ во современ, отворен и истражувачки универзитет.
-Приоритетите, како и активностите за нивна реализација, се дадени на https://tashkovski.mk. Накусо ќе ги наведам тука:
-Хармонизација на студиските програми на УКИМ со европските и подигнување на квалитетот на наставниот процес. Наставата ќе се фокусира на резултати од учење, студентите ќе имаат зголемено ниво на практични знаења релевантни за нивната идна кариера, а наставната методологија ќе ги користи сите најзначајни дигитални технологии.
- Трансформација на УКИМ во истражувачки универзитет со формирање силни истражувачки групи (интердисциплинарни), зголемено учество во меѓународни проекти и повисок квалитет на објавени научни трудови.
-Зголемен степен на трансфер на знаења и иновации кон нови и постојни компании и користење на академската експертиза на кадарот за развој на производи со додадена вредност, што генерално треба да води кон зголемен економски раст.
-Подигнување на степенот на интернационализација и меѓународна препознатливост на УКИМ со зголемување на реализирани размени на студенти и професори, понуда на студиски програми кои ќе се реализираат на англиски јазик, како и вклучување на УКИМ во европските универзитетски мрежи.
-Развој на систем за следење на квалитетот на УКИМ во сите домени на дејствување, т.е. настава, наука и трансфер на знаења.
-Усовршување на човечките ресурси на УКИМ преку континуирана поддршка на кадарот за развој на педагошки компетенции, поттикнување мобилност и обезбедување услови за научноистражувачка работа, како и континуирана дообука на административниот кадар.
-Финансирање на научноистражувачката работа со цел постигнување на европските норми (2.3% од БДП за наука и развој), зголемен ангажман во меѓународни проекти и зголемена соработка со стопанството.
-Суштинска интеграција на единиците на УКИМ, преку поттикнување на хоризонталната соработка во делот на студиските програми, научноистражувачката работа и трансфер на знаење со цел да се обезбеди рамномерен развој на сите единици, што е предуслов за силен и успешен УКИМ.
-Дигитализација на УКИМ во деловите на наставата, опслужувањето на студентите, како и оперативното работење на единиците.
-Обезбедување современа инфраструктура за работа, современ простор за настава, современи лаборатории за научни истражувања, како и поддршка на процесот на доживотно учење.
Според него, високото образование не е на позицијата што ја заслужува во едно општество.
-Долгогодишното деградирање на звањето универзитетски професор во општествениот живот, нелојалната конкуренција од формални и неформални образовни институции, како и исклучително ниското финансирање на науката од државата се дел од причините за оваа состојба. Потребна е поголема финансиска поддршка за наука и истражувања, вработување научен подмладок, посилни критериуми за унапредување во академски звања, посилни критериуми при изработка на магистерски и докторски дисертации, повисока свесност за предностите од соработка со академијата, зголемено ниво на дигитализација, современа лабораториска опрема и, конечно, современи студиски програми кои продуцираат кадри кои се побаруваат на пазарот на трудот - вели Димитар Ташковски.
Ратко Дуев: Привлекување и стипендирање на најдобрите средношколци
За професорот Ратко Дуев, приоритети во неговата програма како иден ректор се привлекување и стипендирање на најдобрите средношколци за студирање на УКИМ, капитални инвестиции за градежни работи и опрема, ревидирање на распределбата на износот од 5% од приходот на меѓународните проекти наменет за администрирање од страна на Ректоратот во соработка со Ректорската управа и Сенатот на УКИМ, обезбедување административна поддршка за аплицирање на проекти и обуки за подготовка на голем дел од наставниците самостојно да можат да аплицираат на разни програми, кампања за подигнување на општествената одговорност и донации, поврзување со стопанството за заедничко креирање студиски програми и создавање кадар подготвен за потребите на компаниите, електронски библиотеки на научни публикации, унапредување на иновациите во научноистражувачката работа на УКИМ, зголемување на предвидените средства за стимулација на наставниците за изработка на програми на англиски јазик и административна поддршка при изготвување и акредитација на програмите, зголемување на интернационализацијата на УКИМ, барање решенија за итно вработување на нови наставници и соработници, подобрување на инфраструктурата за студентите со попреченост, зголемување на поддршката на спортски и културни активности на студентите.
- Високото образование е клучно за развојот на секоја држава. За неговиот развој, универзитетите мора да имаат кадровска и финансиска автономија, без што не може да имаат вистинска автономија. Не смее да има постојани измени на Законот на високо образование што го парализира неговото функционирање. Во време на засилени миграции и пад на бројката на потенцијални студенти, потребни се законски измени за олеснување на наставната и научната работа и негова интернационализација, за полесно да се вклучиме во глобалното високо образование: укинување на Законот на трансформација на работното место, ревидирање на буџетското работење, промена на начинот на финансирање, вклучување на најголемиот потенцијал на универзитетите - студентите во финансискиот систем, почитување на највисокиот степен на образование на наставниците и достојни примања за нивната работа: со еден збор да се обезбеди финансиска и правна слобода за да дојде до израз потенцијалот, иновативноста, креативноста на академската заедница, од што најголема полза ќе има целото општество – истакнува професорот Дуев.