X
 23.01.2020 Образование

Само 12 од 100 запишани студенти наоѓаат работа по струка

Постои голем јаз меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд бидејќи само 12 од 100 студенти што се запишале на факултет ќе најдат работа согласно своите вештини и знаење. За надминување на ваквата состојба потребни се промени во образовниот систем, мерки, практично учење и воведување на работникот во работа, а не само доведување до работно место. Потребно е и балансирање на интересите на вработените и работодавците, како услов за создавање нова додадена вредност.

Ова се дел од пораките на учесниците на денешната Прва сесија од вториот циклус на Работната група 2 (Социјална политика и вработување – Поглавје 19) од Националната конвенција за Европската Унија во Македонија (НКЕУ-МК) на тема „Перформансите на пазарот на трудот: меѓу очекувањата на работодавците и на барателите на работа (вработените)“.

- Постои потреба да се почитуваат и работниците и работодавците. Нивните интереси често се различни, но неопходно е да бидат балансирани и усогласувани. Се работи за различни интереси, но од друга страна се преклопуваат во создавање нова вредност. Постои дискрепанца меѓу понудата и побарувачката на работа и тоа бара усогласување, особено во делот на образованието, а работодавците треба да бидат партнери, да вложуваат - рече Јован Пејковски, професор на Филозофскиот факултет при УКИМ.

Главниот извршен директор на Македонија 2025, Никица Мојсовска-Блажевски, вели дека според информациите со кои располага, од секои 100 запишани студенти 12 ќе најдат работа што одговара на нивните квалификации.

- За надминување на ваквите состојби се потребни флексибилни курукулуми во образовните институции и средните стручни училишта, што значи дека работодавците ќе бидат вклучени во креирање наставни програми. Исто така, мора да се подобрат информациите што ги добиваат младите кога одлучуваат што ќе студираат, да се зголеми учење преку работа и практичната компонента, како и натаму да се развиваат услугите на Агенцијата за вработување - рече Мојсовска-Блажевски.

Таа вели дека образовниот и системот на обуки досега не ги даваат посакуваните ефекти, односно не креираат работна сила подготвена за пазарот на труд. Едно од неколкуте решенија е и воведувањето дуално образование кое, ако се покаже како ефикасно, треба да се применува пошироко.

Ристо Иванов, претседател на „Креација“, Здружение за бизниси и консултанти, вели дека на годишно ниво има потреба од 18.000 нови вработувања или одржување постојни работни места и оти постојано меѓу 6.800 и 8.000 се непополнети огласени работни места.

- Околу 80 отсто од вкупниот број потребни работни места годишно се за испразнети работни места, а не места како резултат на раст и развој - вели Иванов.

Додава дека постои недоверба меѓу работодавците и работниците, поради што, според него, е неопходно да се дефинира што точно ќе работи невработениот со јасни односи и потпишани договори. На тој начин, вели Иванов, ќе им се помогне да се вработат, а и ќе знаат како ќе заработуваат во текот на работата.

- Тоа значи да се воведат во работата, а не само да се доведат до работното место. Препорака до работодавците е да се трудат не само да добијат работник, туку да вложат минимум 3 до 9 месеци да го воведат во работа, како што е во земјите од ЕУ, каде што секој се воведува во работата и има шанса да напредува во организацијата - рече Иванов.

Проблематични за пазарот за труд се и ниските примања, кои, според него, не се резултат на ниски вештини, туку на ниска продуктивност, не поради работниците, туку поради начинот на користењето на сите резултати кај работодавецот. Сето она што се губи кај други ресурси, дали станува збор за опрема или предимензионираност, како товар се префрла кај работниците. Поголем проблем од ниската плата, според него, е неизвесноста колку може да се оди нагоре од најнискиот износ.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование