X
 01.01.2016 Култура

Најголемите филмски изненадувања и разочарувања за 2015 година

Помина и 2015, година која ни донесе доста добри и лоши филмови, а следниве неколку посебно не` изненадија односно прилично не` разочараа.

 

film


Вистинските љубители на филмовите заслужуваат многу повеќе, особено ако станува збор за филм кој тие го чекале со месеци, за на крај да испадне тотално ѓубре. Од друга страна пак, постојат и филмови за кои никој не предвидуваше добри оценки, но на крајот ни оставиле позитивни впечатоци.

Во продолжение ви нудиме листа од филмови кои не` изненадија и на позитивен и на негативен начин во 2015 година.

Најдобрите филмски изненадувања


„Mad Max: Fury Road“

 

1


Мал број на гледачи веруваа во визијата на Џорџ Милер, и навистина не можеме да ги обвиниме. Човекот има 70 години и последниот негов режиран филм беше „Happy feet“, додека последниот „Mad Max“ го режирал пред 30 години и беше прилично лош филм. Згора на тоа, Лудиот Макс повеќе не го глуми Мел Гибсон, туку Том Харди. Никој не се надеваше дека од ова може да излезе нешто добро. Но, за чудо, од сето ова се роди прекрасен филм, веројатно најдобрата акција на 21-от век - иако практично нема приказна, сепак се вбројува како еден од најдобрите филмови за оваа година.

„Kingsman: The Secret Service“

 

2


Иако 2015 требаше да биде година на „Spectre“, сепак ова продолжение не ги оправда очекувањата, а го фрлија под сенка два шпионски филмови. Првиот е потценетиот „The man from U.N.C.L.E“, a вториот е „Kingsman: The secret service“. Не станува збор за ништо револуционерно, но филмот е едноставно забавен и непретенциозен до таа мера што може да се гледа и неколку пати, а да не ви здосади. Режисерот Метју Вон филмот го заслади со прилично атрактивни решенија - Семјуел Л.Џексон во секој случај е интересен негативец, а на младиот Тарон Егертон после овој филм заслужено ќе му бидат отворени вратите од Холивуд.

„Furious 7“

 

3


Не дека седмото продолжение на франшизата „Fast & Furious“ е нешто подобро или полошо од било кој друг дел, но изненадува како екипата успеа да ги реши работите со починатиот Пол Вокер. Збогувањето на крајот навистина не` погоди сите, а толку достоинствен и последен поздрав на филм одамна не сме виделе.

„Ex machina“

 

4


Филмовите за вештачка интелигенција, андроидите и борбата на човекот со нив воглавно не поминуваат многу добро, бидејќи или се премногу здодевни или филозофски настроени, или пак не вредат да се губи време за да се гледаат. Но, „Ex Machina“ е сепак филм кој се занимава со сите тие мотиви, а ги обработува на начин на кој може да разбере еден просечен гледач кој не се разбира многу на оваа тематика, но е доволно добра за сите оние кои од филмовите за вештачка интелигенција очекуваат нешто повеќе.

„Jurassic World“

 

5


Да, „Jurassic World“ е безобразна нашминкана копија од „Jurassic park“. Секако, има дупки во приказната и небулози, и секако има милион клишеа, меѓутоа не можете да негирате дека е проклето забавен. Сигурно нема да се најде на ниту една листа на најдобри филмови за оваа година, но после двете безлични продолженија, ова доаѓа како некое потребно освежување.

Други филмови кои позитивно изненадија: „The Man from U.N.C.L.E.“, „Straight Outta Compton“, „Mission: Impossible – Rogue Nation“, „Trainwreck“, „Ant-Man“.

Најголемите филмски разочарувања


„Terminator Genisys“

 

6


Ретко кој имаше пофални зборови за „Terminator: Salvation“, меѓутоа „Terminator Genisys“ успеа уште подлабоко да пропадне. Тажно е да се гледа како од овој култен филмски серијал се обидуваат да направат нешто вредно за гледање. Меѓу најважните проблеми е приказната која нема апсолутна никаква смисла и веројатно ниту самите сценаристи не знаат ништо, уште покатастрофална глума и глупави дијалози.

„Jupiter Ascending“

 

7


Зошто, „Jupiter Ascending“, зошто? Мислевме ќе бидеш идната голема вселенска опера и дека ќе бидеш барем некаква алтернатива за „Star Wars“. Братот и сестрата Ваховски имаа уште една причина високобуџетниот спектакл да го оправдаат и да докажат дека „Matrix“ не беше случајност, но оплескаа. Да, филмот е раскошен и аудио-визуелно импресивен, но ништо во него нема смисла, особено ловецот на глави Ченинг Татум и дрвената статуа која оживува и станува човечки сурогат наречен Мила Кунис, а нивниот однос е уште поголемо форсирање од четвртото продолжение на „The hunger games“.

„Fifty shades of Grey“

 

8


Филмот ветуваше нешто што досега сме немале можност да го гледаме на големото платно. Забранета љубов, жестоко удирање, еротика и нешто поради кое засекогаш би заборавиле на таа валкана, бездушна порнографија. Но, за жал, филмот е досаден. „Fifty shades оf Grey“ можеби е шокантен за некој кој има 12 години и кој за прв пат се среќава со оваа тематика, но ние уште еднаш се уверивме колкава е моќта на медиумите и колку безначајна и бесмислена глупост може да го заведи човек да помисли дека навистина гледа нешто посебно.

„Avengers: Age of Ultron“

 

avengers


Секако, не станува за кој знае колку лош филм, меѓутоа дефинитивно е огромно разочарување. Направен е по добрата стара „Marvel“ формула и воопшто не скршнува од патот и не нуди нешто што досега не сме го виделе во секој суперхеројски филм. Големи очекувања публиката имаше од Ултрон, а оваа супериорна вештачка интелигенција на крај испадна идиот со ум на шест годишно девојче со нејасни мотиви за мразење на човештвото и веројатно најглупавиот можен начин да го уништи.

„Fantastic four“

 

10


На новиот римејк навистина нема потреба да се трошат премногу зборови бидејќи без сомневање се работи за еден од најлошите филмови на годината. Режисерот Џош Тренк се обиде да прикаже помрачна приказна, но изгледа дека по пат некаде се изгуби па секоја нова минута од овој филм станува се` полоша од претходната. Така на крајот забележуваме ужасно ѓубре кое не го спасува ниту импресивниот аудио-визуелен сегмент.

Други филмови кои не` разочараа: „Spectre“, „Chappie“, „Blackhat“, „Tomorrowland“, „Southpaw“, „Crimson Peak“, „Hitman: Agent 47“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура