X
 22.01.2016 Образование

Интегрално оценување - Инспектори "ги чешлаат" училиштата



Оваа учебна година инспекторите ја оценуваат работата на наставниците. Тие ќе бидат бодувани по неколку основи, а врз основа на резултатите од сите вработени во едно училиште, истото ќе биде оценето со четири оценки: Многу добро, добро, делумно задоволува и незадоволително.

Во некои училишта се најавени просветните инспектори кои ја спроведуваат оваа интегрална евалуација, која се спроведува на секои три години.

Под лупа целокупната училиштна документација

Мора да имаме се` што од документацијата ќе побараат од нас инспекторите, вели наставничка во едно основно училиште.

- Треба да имаме дневна подготовка, тематска подготовка, годишна, еко-содржини во наставата, употреба на компјутери во наставата, реализација на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, професионално досие, извештаи од родителски средби, извештаи од посети со ученици во музеи, екскурзии, дневни изработки од децата во период од три учебни години. Целата документација и евиденција што ја водиме треба да ни е подготвена за увид. Исто така, интегралната евалуација вклучува и анкетирање на ученици, ќе ги прашуваат од кои наставници се задоволни, од кои не се и слично. Значи и децата ќе ја оценуваат нашата работа - вели наставничката.

Освен документацијата на наставниците, инспекторите ја проверуваат и документацијата на директорот, педагогот, психологот, секретарот, а се проверува и работата на хигиеничарките во училиштето, односно се гледа дали хигиената е на солидно ниво.

Се добиваат бодови, па оценка

Во упатството за вреднување на работата на наставниците се објавени инструменти за вреднување на исполнетите работни должности на наставниците и професорите во основното и во средното образование.

Така, има бодови за планирањето и подготовката на наставата, како ја реализираат наставата (дали редовно користат разновидни приоди во настава или поретко односно не користат современи разновидни приоди во наставата), потоа дали редовно и уредно води педагошка евиденција, како ги оценува учениците (дали континуирано, неконтинуирано или пак повремено оценува со примена на стандарди), потоа дали планира и организира средби со родителите, дали има серификати за стручно усовршување,м семинари, курсеви, симпозиуми. Исто така, има случаи во училиштата кога против одредени наставници се поднесуваат жалби, претставки. Така, ако за наставникот се констатира дека се изречени дисциплински мерки му се одземаат 10 поени, а ако е изречена опомена се одземаат пет поени од вкупниот број на претходно освоени поени. Наставникот може да добие максимално 150 поени. Врз основа на сето ова, како и врз основа на проверката на работата на другите вработени во училиштето, училиштето ќе биде оценето со посебна оценка.

Пред три години, средната оценка беше 3

Во февруари 2013 година, имало резултати од спроведено интегрално оценување во 48 училишта во државата и тогаш ниту едно не ја добило највисоката оценка. Најголем број од нив добиле тројка, односно биле оценети со "Добар". Тогаш наставниот кадар бил оценет со средна оценка 2,70, а со единици биле оценети три отсто од вкупниот број наставници што биле дел од тоа оценување.

Тогаш инспекциските надзори покажале дека во училиштата има проблем со традиционална настава, некористење компјутери во наставата, несоодветен наставен кадар. Сега, после три години, се очекува ситуацијата да биде значително променета на подобро и во однос на одржувањето настава и во однос на оценките на наставниците, односно на училиштата.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование