Екстерното тестирање за учениците од основните и средните училишта ќе се одржи од 7 до 11 јуни еден ден по завршувањето на школската година. Во изминататите неколку години пракса беше процесот на полагање да заврши до 10 јуни, но оваа година истото ќе заврши еден ден подоцна. Од Министерството за образование и наука не информираа дека прашањата на учениците ќе им бидат достапни еден месец пред првото полагање, односно на 7 мај (сабота).
Дознавме дека родители во текот на минатата недела реагирале кај наставниците, па и праќале преставки до Народниот правобранител бидејќи во училиштата им било кажано дека датумите за полагање се закажани за 9 и 13 јуни и за 10 и 14 јуни.
- Кога наставничките ни ги кажаа овие датуми веднаш реагиравме бидејќи секоја година досега, целиот процес завршувал со крајот на школската година. Зошто да им се скратува распустот на учениците, тоа не е фер кон децата.Веднаш напишавме преставки до Народниот правобранител и оттаму добивме уверување дека ќе ги проверат информациите и дека ќе реагираат до институциите. Министерството треба да ги каже датумите што побрзо и секако да се објават прашањата навреме, за да имаат време учениците да се подготват - вели родител.
Се јавивме и во неколку основни и средни училишта да прашаме дали имаат информации кога ќе се полага екстерно годинава, и речиси од сите директори добивме ист одговор: „Ќе се полага после 10 јуни, но точни датуми немаме“.
-Не не известиле за точните датуми - вели директор на скопско училиште.
Инаку, неодамна реакција околу полагањето на државната матура имаше и од Народниот правобранител. Во соопштение до медиумите информираше дека промената на рокот за полагање на државната матура од 4 јуни на 28 мај, во услови кога редовната настава за матурантите завршува на 20 мај, претставува груба повреда на правата на учениците, на кои исклучително им се скратува времето за подготовка за полагање на овој испит. По ова, експресно соопштение имаше од МОН од каде известија дека мајчин јазик и литература ќе се полага на 4 јуни, математика на 9 јуни, странски јазик на 13 јуни, а физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика на 15 јуни 2016 година.