Дали учениците годинава ќе полагаат екстерно тестирање? Ова е прашањето што веројатно многумина засегнати си го поставуваат денеска, откако Зоран Заев го доби мандатот за формирање на нова Влада. Со оглед на тоа што Заев најави дека укинување на екстерното тестирање ќе биде една од првите одлуки што ќе ги спроведе новата Влада, логично е и прашањето дали ќе стигне истото да го направи бидејќи полагањата се во јуни, а дел од учениците (во завршните години) веќе се тестираа.
Екстерно тестирање се спроведува согласно Законите за основно и средно образование, па потребни ќе бидат законски измени за истото да се укине. Дали ќе има време за тоа? На ова прашање се уште никој нема прецизен одговор. Мируше Амети, директорката на Државниот испитен центар, институцијата што го спроведува тестирањето, ни изјави дека тие се подготвени за претстојното тестирање, но ако добијат одлука од Собранието за укинување на истото, секако дека нема да се одржи.
- Екстерно тестирање се спроведува согласно Закон и потребни се законски измени истото да се укине. Не знам точно да ви кажам дали има правна можност да се укине оваа година и дали Собранието има време да донесе таква одлука пред да почнеме со работа. Ние ќе ја почитуваме секоја одлука на Собранието на Република Македонија. Ако пратениците донесат одлука за укинување, нема да се одржи – вели Амети.
Екстерното тестирање практично веќе почна да се спроведува. Тестовите веќе ги полагаа учениците од завршните години од основно и средно образование, а Државниот испитен центар ги објави прашањата на веб-страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk.
Петар Атанасов, претседател на Комисијата за образование и наука на СДСМ за Факултети мк вели дека реално, сега се во цајтнот бидејќи учебната година е при крај, но не е искучена можноста навреме да се подготват законските измени.
-Дел од учениците веќе полагаа екстерно уште во јануари . Единствен правен пат е да се направат законски измени. Реално сме во цајтнот, со оглед на тоа дека учебната година е при крај, но не е исклучена можноста и да се стигне и тие измени да се направат на седница на Собранието. Во моментов немаме закажано седница. Укинување на екстерното испитување беше еден од нашите приоритети и тоа ќе го реализираме, од нас се очекува. Не ги знам се уште најдобро правните регулативи и дали има време до крајот на оваа учебна година истото да се направи. Нашите предлог-измени за законот се изготвени, можат веднаш да влезат во Собрание. Формирањето на Владата не ни прави никаков проблем, во Собранието може да се реши проблемот. Можеби постои и правна опција извршната власт да делува и да донесе одлука дека екстерното испитување не е потребно – вели Атанасов.
Инаку ДИЦ веќе соопшти дека распоредите за тестирање за годинешното екстерно ќе бидат објавени на 29 мај, а тестирањата треба да се одржат од 5 до 9 јуни. Ученисите ќе полагаат два предмети кои ќе ги дознаат три дена пред тестирањето.Прелиминарните резултати треба да бидат објавени на 15 јуни, по што, во наредните три дена може да се поднесуваат приговори. Конечните резултати ќе бидат објавени на 27 јуни.