X
 09.06.2016 Образование

Хаосот во образованието предизвикан од екстерното тестирање

2

 

Кога за прв пат, пред околу пет години, се спомна овој вид на тестирање на учениците во нашата земја, Министерството за образование излезе со образложение дека квалитетот на учениците потребно е да се мери со екстерно тестирање поради како што тогаш тврдеше тогашниот министер за образование и наука, Никола Тодоров, зголемениот број на одлични ученици.


Тогаш министерот јасно потенцира дека екстерното тестирање всушност ќе служи како алатка за прецизно и јасно утврдување на квалитетните ученици, и во никој случај средство за омаловажување или казнување на наставниците и учениците.

Подоцна од Министерството излегоа со став дека целта на екстерното е да се разбие системот на непозитам и корумпираноста на професорите - тогаш како учениците да се мотивираат да го решаваат овој вид на тест и да покажат некаков успех кога првично тестот е наменет за самите професори?

Со промената на министрите постојано се менува и ставот за екстерно тестирање. Па така, од ставот дека оценките не влегуваат во успехот, сега оценките од екстерното тестирање влегуваат во успехот на учениците. И тука се поставува прашањето, што кога еден ученик ќе добие единица и таа треба да влезе во општиот успех и свидетелствата? Овие оценки се сметаат за незаконски и со тоа се крши законот за основно и средно образование и се нанесува огромна штета врз учениците кои сакаат да го продолжат школувањето надвор од Македонија. Според законот, со ставената единица во свидителството, истото станува невалидно. Според Член 45 од Законот за средно образование, единицата е непроедна оценка, без разлика на тоа дали оваа оценка ја дал наставник или комисија.

Во повеќето земји кадешто е воведено екстерно тестирање (иако малку), најчесто резултатите имаат формативна улога. Воглавно тие служат како увид во степенот на знаење на учениците како и за пронаоѓање на грешките во образованието. Во ниту еден случај резултатите од екстерните тестирања не се влијаат врз оценките на учениците, ниту пак служат како алатка за наградување и казнување на професорите.

И додека Владата веќе 5 години не' убедува колку екстерното тестирање е добро за образованието, веќе 5-та година по ред Министерството за образование и наука се'уште нема излезено со темелен одговор која е вистинската цел на екстерното тестирање, ниту пак има понудено некакви резултати и анализи од истото. Ниту еднаш во овие 5 години не беше изготвена детална анализа за тоа кои оценки најчесто се добиваат по предметите, дали има отстапки во оценките, дали има отстапки според географски региони и слично. Без оваа анализа за МОН екстерното тестирање секогаш ќе биде „успешно“.

Но, се отвора дилемата зошто МОН ги менува прашањата и го менува системот на тестирање откако првиот процес го прогласи за „успешно“ екстерно тестирање? Дали со оваа постапка самото Министерство е контрадикторно и дали тоа значи дека учениците од првата година на спроведување се оштетени и добија оценки кои не ги заслужуваат?

Сосема друга работа се прашањата. Прашањата се толку неписмено напишани, толку погрешно поставени што човек не може а да не се запраша кој неписмен ги пишувал истите и како е возможно некој таков да работи во Министерството за образование? За иронијата да биде уште поголема, 5 години прашањата се скоро исти, па дури и после 5 години грешките се'уште остануваат непоправени. И секако, отворената база на прашањата го носи екстерното тестирање во сосема нов правец. Така, на интернет можете да пронајдете огласи за одговарање на прашањата за 300, 400, 500 денари. Често пати родителите се оние кои ги одговараат прашањата, а нивните деца ги учат напамет (ова е целта на екстерното?) и на тој начин „вооружени со знаење“ децата одат да полагаат.

За време на полагањето голем дел од децата се нервозни, под стрес, исплашени (што е нормално), па така тие грешат, не можат да се сконцентрираат. И секако, на крајот доаѓаат наставниците, им ги прегледуваат прашањата и на тој начин завршен е уште еден „успешен“ процес на екстерно тестирање - процес во кој учениците не добиваат апсолутно ништо освен стрес, нерви и одбивност кон образованието.

МОН, ако ова беше вашата цел, тогаш дефинитивно е и повеќе од исполнета!
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование