Денес комуникацијата преку меил е неизбежен дел од нашето секојдневие. Без разлика дали се работи за студирање, конкурирање за пракса или стипендија, неопходно е да комуницирате преку меил.
Кога сакате да му испратите меил на вашиот професор во врска со некое прашање или закажување на одбрана на труд, или пак сакате да се пријавите за некоја студентска размена или да конкурирате за стипендија, овој вид на комуникација бара сериозен тон и прилагодена форма.
Доколку се`уште не сте имале можност да научите како правилно да напишете меил, ова се неколку практични совети кои ќе ви помогнат да ја совладате оваа вештина.
На интернет ќе пронајдете голем број примери кои можете да ги искористите како идеја, но немојте да се потпирате целосно на овие примери за да не си создадете проблем.
За правилно пишување на меил потребни се неколку правила.
1. Вашата адреса
Првата и најголемата грешка која можете да ја направите е името на вашата меил адреса. Ако сакате да ве сфатат сериозно, во тој случај вашата меил адреса мора да биде сериозна. Замислете како професорот ќе реагира кога ќе му пишете меил со адреса како foxylady@ или maja356@? Можеби ваквата адреса за вас е во ред, но заборавете на слични опции доколку сакате да бидете сериозни. Единствен правилен облик на меил адреса треба да биде во формат imeprezime, ime.prezime или ime-prezime. После него следува знакот @ и доменот. Опциите со имињата и годините исто така не се прифатливи.
2. Subject (предметот) на меилот
Предметот на пораката мора да биде краток и јасен. Тоа не значи дека во предметот мора описно да го прераскажувате меилот, но потрудете се да биде концизен и јасен. На пример, доколку сакате да ја предадете вашата семинарска, тогаш во Subject можете да напишете: Семинарска работа за предметот; тема на работата; име на авторот. Уште едно нешто што не е пожелно да се пишува во Subject е и еден збор како на пример: прашање, семинарска, предавање...
3. Телото на меилот/содржината
Кога пишувате еден сериозен меил со кој му се обраќате на професорот, треба во меилот да искажувате почит. Пишувањето на меил на професорот започнете го формално „Почитуван професоре/професорке
презиме, текстот продолжете го во нов ред, со голема буква. Забранета е употреба на било какви емотикони како и кратенки како еј, позз и слично.
Пораката треба да биде кратка и јасна и постојано треба да му персирате. Придржувајте се кон граматичките и правописните правила. Ако меилот има подолга содржина, се препорачува да го издвоите во целини, а секој пасус да биде одделен од другиот со празен ред.
Доколку на професорот му испраќате семинарска или некој друг прилог, обавезно во меилот наведете дека приложувате накаков документ.
4. Правопис и грешки во пишувањето
Не заборавајте да обрнете внимание на правописот и граматичките правила. Кога станува збор за формален и сериозен меил, заборавете на се` она што важи во комуникацијата на интернет. Големите букви се обавезни, истото важи и за точките и било кој друг интерпукциски знак. Не смеете да користите латиница.
Пред да го испратите меилот проверете што сте напишале, проверете го правописот и суштината на меилот.
5. Поздрав и потпис
Меилот кој го испраќате до професорот завршете го „Срдечен поздрав“ или „Со почит“, а во наредниот ред напишете го вашето име и презиме. Под името можете да го напишете и факултетот на кој студирате, бидејќи често се случува професорот да предава на повеќе факултети.
6. Одговорете на меилот
Кога ќе го добиете одговорот од професорот, мора да одговорите на истиот. Доколку се работи само за добивање на одредени информации, испратете меил: „Ви благодарам на одговорот“.