X
 16.03.2023 Наша тема

Партиите да не ги диктираат вработувањата, порачува професорот Александар Адамовски, кој по 13 години работа во образование конечно доби решение

Oд преголема љубов кон наставата, волонтерски држел часови, па го ангажирале како заменски професор, тропал на многу врати барајќи работа и на крај кога ја добил, не почувствувал голема еуфорија. Вели дека во него се наталожиле многу работи додека минувал по тој трнлив пат.

Цели 13 години помина како професор на замена. Од 2010 кога првпат беше ангажиран во образование, па до 2023 г. битолчанецот Александар Адамовски, професор по македонски и француски јазик, мина трнлив пат за да добие вработување во образование. Тринаесет школски години работеше волонтерски, па на земени кога други наставници и професори беа болни или на породилно отсуство, без притоа да има егзистенцијална сигурност дека неговиот работен однос ќе биде решен. Од десет основни и седум средни училишта во градот, само во две досега не држел настава. Дури сега успеа да добие вработување со полн фонд на часови во ОУ „Елпида Караманди“ во Битола како професор по македонски и француски јазик. Од 13 години работа, заверен работен стаж има само пет години.

Патот што го минав не му го посакувам на никој од помладите колеги!



- Поминав трнлив пат, не е лесно. И ќе порачам сите помлади колеги и колешки да не го поминат овој пат што јас го минав. Имав доволно љубов кон професијата, истрајност, трпение, но минав и многу искушенија, долго патешествие. Сепак, никогаш не се најдов во ситуација да кажам дека ќе ја сменам професијата. Јас живеев и живеам со оваа професија - вели Адамовски.

Благодарен е што му помогнала директорката на училиштето „Елпида Караманди“, м-р Татјана Дамчевска, која низ годините го следела како колега во настава и проценила дека вредно работи и неговиот ангажман му е потребен на училиштето. Адамовски вели дека претходно чукнал на многу директорски врати, градоначалнички кабинети, сектори за образование барајќи да му биде решен работниот статус, но без успех. Вработувањата се решавале партиски.

- Првата можност ми беше во 2010 година да почнам со работа во ОУ „Александар Турунџиев“ во село Кукуречани. Но, само на замена. И оттогаш, па сѐ до моето решение, кое го добив сега во 2023 година, јас бев на замена цели 13 години. Се случуваа пријави, одјави од работа, прекин на стаж, прекин на финансии. Во сите овие 13 години, 2023 година ја почнувам со петта година работен стаж. Откако конечно се реши мојот работен статус, морам да признам дека не чувствував еуфорија кога го видов тој лист што го решава егзистенцијалното прашање. И нормално е такво да е чувството по 13 години, тоа не е малку време, многу е насобрано - додава професорот.

Не ни треба ни лева ни десна партија за вработување, туку квалитет



По сите години минати во неизвесност, порачува дека не смее партиите да ги решаваат вработувањата во државните институции.

- Сметам дека нам не ни треба ни лева ни десна партија зашто партијата не е начин и услов за вработување, односно не е институција за вработување. Порано се вработуваа според ред на чекање по дипломирањето. Потребно е да се искорени партиското вработување од сите институции. Да нема зависност од партија. Така мислам дека ќе дојдеме до квалитет. Не сум против никого, но ќе кажам дека како што има работници, така има и неработници. Според мене, не смее да има партиски вработувања - додава Адамовски.
Инаку, се работи за „роден учител“. Од мали нозе имал љубов кон учителската професија. Уште како дете со другарчињата играл учител и сакал да ги подучува. Од детството знаел што ќе биде кога ќе порасне. Завршил два факултета - Педагошки факултет на насоката македонски-француски јазик во Битола и Филолошки факултет, група македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик во Скопје. Додека студирал, се понудил волонтерски да држи часови низ битолските училишта.

Волонтерски држев часови, без да барам пари

- Одев кај директорите и барав да држам настава по македонски јазик кај колегите наставници во училиштата. И без никаков проблем ми беше дозволено тоа додека бев во тек на студии зашто имам завршено два факултети, па можам да предавам и во основно и во средно училиште. Тоа одржување на часови по училиштата во Битола многу ми помогна во градењето на искуството, соработката со колеги, па кога требаше да ги менувам, секогаш бев тука, работата ми причинуваше задоволство. Ги држев часовите без финансиски надомест, волонтерски. Не барав пари, едноставно сакав да ги учам учениците, а и да им помагам на колегите на тој начин - искрен е Адамовски.

Денес, покрај часовите по македонски и француски јазик, ги води и драмската и литературната секција во училиштето каде што работи. Вели дека учениците ги учи да го сакаат македонскиот јазик.



- Учениците треба да ги сакаат сите предмети што ги учат на училиште. Точно дека со информатиката и развојот на технологијата се понапредни. Макар што смеам дека тоа донекаде е штетно за нив, да користат телефони по цел ден. На часовите им повторувам дека треба да се сакаат и почитуваат, да имаат чувство на емпатија зашто омразата меѓу нив нема да донесе ништо во иднина. Пред сѐ, да не се мразат и да си го сакаат својот јазик и својата татковина. Да читаат книги, иако морам да кажам дека не читаат, со ретки исклучоци. Пласираме сѐ на интернет, раскажана лектира, обработени дела. Зошто да не се потрудат самите - прашува професорот.

Мора да си го сакаме и да го штитиме јазикот

Го прашавме дали не е контрадикторно тоа што информатиката добива примат во образованието, а на прсти се бројат студентите по македонски јазик во услови кога сите во државата зборуваат само за тоа како да се сочува и одбрани македонскиот идентитет.

- Нашиот знаменит лингвист, писател и поет Блаже Конески има напишано: „Јазикот е нашата татковина“, а поетот Гане Тодоровски: „Судбината на јазикот е судбина на народот“. Тргнувам од тие две мисли. Ние како македонисти мора да стоиме на ставот дека македонскиот јазик е нашето сѐ. Ние немаме друга татковина и треба се трудиме да пишуваме на македонски јазик, да зборуваме на македонски. Англискиот и германскиот се светски јазици. Но, ние во нашата татковина не можеме да негуваме англизми, а македонизмите да ги истиснуваме. Имаме многу убав, богат јазик. Мораме сите да се залагаме да го штитиме - порачува професорот.

фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема