X
 19.08.2022 Живот

Интервју со Билјана Санев, директор на дирекција за човечки ресурси во Шпаркасе Банка

Накратко, која е Билјана Санев?

- Се наоѓам во најубавите години од мојот професионален и приватен живот. Родена сум, живеам и работам во Скопје. Дипломирав на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, насока политички студии. Моите први почетоци во професионалната кариера беа во нотарска канцеларија. Не бев ни свесна во тоа време дека моја определба, љубов и пасија ќе биде и ден-денес од областа на управување и развој на човечки ресурси.

За многу кратко време по дипломирањето, почнав да работам во банка, како јуниор офицер во човечки ресурси и тука започна сè. Освен стекнатото практично знаење на работа, решив и едукативно да се надградам од областа на магистратура по бизнис-администрација со специјализација – менаџирање со човечки ресурси. Секако посетував многубројни обуки, семинари, конференции поврзани со HR, Leadership, Management, Business Thinking, Digital Innovation и сл. во земјата и во странство.

Убавото во мојата професија е што секогаш има нешто ново да се учи, надградува, постојано има нови трендови, иновации, секојдневни предизвици.

Опишете го Вашиот професионален развој досега и дали од почеток бевте дел од банкарскиот сектор или почнавте во друга област?

- Имам повеќе од 20 години професионално работно искуство во банкарскиот сектор од областа на развој и управување со човечки капитал. За мене луѓето секогаш биле на прво место. Мојата улога е пред сè да ги заштитам интересите на компанијата, грижејќи се притоа да се одржи задоволството на вработените и нивната мотивација и перформанс на високо ниво. Сакам вработените да се чувствуваат мотивирано, да имаат добро работно опкружување и атмосфера. Човековиот потенцијал, знаење и способности се незаменливи ресурси без кои ниедна организација не би постоела и не би функционирала.

Среќна сум и горда што сум дел од Шпаркасе тимот, верувам во нас, во нашата способност, знаење, силни страни и потенцијал како тим да бидеме партнер од доверба на нашите вработени и клиенти.

Човек од Вашата професија треба да „знае со луѓе“. Што Ве прави посебна на тоа поле и на кој начин го градите тој однос со вработените во една фирма, со цел двете страни да бидат задоволни од тоа што го добиваат?

- Со отворен ум ги прифаќам секојдневните предизвици и градам стабилен и партнерски однос со колегите, ги почитувам и прифаќам различностите. Работам со ентузијазам, посветеност и позитивен пристап. Моето основно начело е дека во работата и воопшто во животот никој не може сè да постигне сам, потребна е тимска работа. За мене од посебна важност е отворената комуникација помеѓу сите членови на менаџерскиот тим и вработените. Здрава интерна комуникација обезбедува високо ниво на информираност и размена на мислење, кои се потребни за воспоставување доверба, транспарентност во работењето, одговорно и ефикасно управување со Банката во интерес на сите.

Која е клучната улога на човечките ресурси во една институција каква што е банкарската?

- За успехот на една компанија, клучни се вработените. Да се достигне одредена цел, не можеме сами, потребни ни се луѓе што растат со нас. Работењето може да има подлабока смисла кога уживате да одите на работа, кога атмосферата е добра, тимскиот дух на ниво и кога добро се согласувате со колегите.

HR-тимот во Шпаркасе Банка е составен од посветени, одговорни и искусни професионалци, со начин на размислување што е насочен кон личен, професионален и организациски развој.

Ја вреднуваме емотивната страна на работата и секогаш се стремиме да влијаеме врз тоа како луѓето се чувствуваат на работа. На нив не гледаме само како на вработени, туку и како на личности. Кога развивате силен тимски дух, односот на доверба и пријателство е она што ги прави луѓето посветени.

Наша цел е да се воспостави корпоративна култура со вредности во кои сите ќе веруваат и ќе ги живеат секојдневно. И навистина сме среќни што во голема мера тоа и го постигнуваме.

Кои се предностите да се работи во една таква банкарска средина како Шпаркасе Банка и дали моравте да смените нешто во Вашиот претходен начин на работење за да се приспособите?

- Ние во Шпаркасе Банка веруваме дека работата би требало да биде дел од нашиот живот и на забавен и интересен начин да нè мотивира и да придонесе за нашиот развој и напредок. Вработените кај нас имаат континуиран професионален и личен развој. Новите вработени учат на различни начини: низ работа од поискусните колеги или со иновирање нови предизвикувачки задачи, низ формални програми на едукација поврзани со стручно знаење и со развој на компетенции и низ размена на знаење со Групацијата. На почеток на октомври го отвораме и нашиот нов Training Center во кој ќе се одвиваат тековните програми како Onboarding, Менторска програма, Internship, како и обуки од областа на банкарското работење и развивање soft skills (меки вештини) кои се неопходни за секојдневно комуницирање и работа.

Сакаме да ги инспирираме вработените и од сите вработени очекуваме проактивно учество во сопствениот развој. На нашите вработени им нудиме флексибилно работно време (за работните позиции каде што е апликативно), се грижиме за здравјето на нашите вработени, секој вработен има приватно здравствено осигурување кон кое може да го приклучи и своето најблиско семејство.

Секогаш наш фокус се и младите. Како Групација нудиме програма Best of South East, која Шпаркасе Банка ја реализира секоја година и е наменета за студентите и од нашата земја. Програмата им овозможува на младите да се стекнат со меѓународно академско искуство со истовремена работна практика, на која можат да стекнат нови знаења и искуства потребни за нивниот понатамошен професионален напредок.

Дополнително, нашите вработени ја имаат можноста за кариерна обука и можност за дополнителен кариерен развој во рамките на банкарската групација Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе, а неколку наши вработени веќе се дел од овие групации.

Како човек со долгогодишно искуство во областа на регрутација, каков совет би им дале на кандидатите за работа? Кој е оној пресуден момент по кој еден кандидат би се издвоил од другите?

- Процесот на регрутација и селекција е неизоставен дел од менаџментот на човечки ресурси. Секој наш вработен е избран поради неговите вештини, карактерни особености и став. Веруваме дека чесноста, креативноста, желбата за работа и позитивниот став е битен момент со кој еден кандидат би се издвоил. Во нашата банка го цениме поединецот, како и тимскиот дух. Според новите трендови, на современиот пазар на труд факултетската диплома не е единствениот критериум за конкурирање на едно работно место. Наша цел е да вработиме вистински луѓе на вистински работни места.

Мој совет е секогаш да избирате компанија во која можете да се развивате лично и професионално, кога вашата работа ви нуди константна обука, образование и предизвикувачки искуства со текот на времето.

Во последно време сè повеќе се слуша за значителна флуктуација на кадри во банкарскиот сектор (ИТ-секторот, на пример, „краде“ доста од кадарот на банките). Како се справувате со предизвикот на мотивацијата на вашите вработени? Кои се начините и методите со кои ги мотивирате, односно како ги привлекувате и ги задржувате талентираните луѓе во Шпаркасе Банка?

- Она што го знам и во што верувам, е дека треба да ги слушаме нашите вработени, секој ден, на секое ниво.  Преку нашата програма Employer Branding, продолжуваме заедно и тимски да градиме банка што ќе биде посакуван и прв избор на работодавач. Токму поради тоа, креираме средина во која секој поединец се цени, во која секогаш е динамично, но и возбудливо, посебно мотивирачка и инспиративна средина, со можност за континуиран професионален и личен развој. Знаењата, вештините и способностите на нашите професионални вработени континуирано се надградуваат преку обуки, програми за личен развој, како и тим-билдинзи на различни теми. Се трудиме на вработените да им обезбедиме фер и конкурентни плати и бонуси, приватно здравствено осигурување, како и во текот на годината да организираме повеќе настани и активности за благосостојбата на вработените.

Во рамките на Банката имаме развиено процедури за кариерен развој и управување со таленти. Веруваме дека, ако уживате во она што го работите и ако на својот личен развој му додадете страст и волја, можете да бидете истакнати како еден од нашите таленти.

Нашите вработени имаат можност да учествуваат на различни тренинзи, работилници, семинари, конференции, групациска размена, онлајн обуки. Секогаш даваме поттик за учество на натпревари и на симулирани обуки.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате на дневно ниво на работното место?

- Како клиентите, така и вработените се секогаш во фокус на моето внимание и она што знам и верувам, е дека треба да ги слушнеме, секој ден, на секое ниво. Потребно е време, но работиме напорно за да го постигнеме ова. Имаме веќе зацртан пат по кој треба да се движиме и би сакале да станеме банка лидер во сите сегменти од работењето.

Наш фокус е и развојот на корпоративната култура во Банката, која се состои од вредносни начела врз кои се заснова однесувањето на вработените во насока на остварување на нашата визија, цели и мисија. Тоа е еден од факторите што влијаат врз можностите на Банката да спроведе иновативни работни процеси и да ги мотивира вработените.

Како мајка, а како што разбрав веќе и баба, како низ годините успеавте да ги балансирате предизвиците што ги нудат професионалниот и приватниот живот со цел да се одржите на двете полиња?

- Силно верувам во work-life balance, кој е клучен фактор во грижата за себе, кога  жонглирам помеѓу одговорностите на работа, обврските дома, во секојдневните слободни активности и времето поминато со семејството, пријателите, посета на настани, волонтерски активности, спорт  и сл. Во секојдневниот живот, енергијата ја црпам од семејството, патувањата, природата, работната средина, колегите и пријателите. Оваа година ми е година на промени, предизвици како на професионално поле, така и на приватно поле. Синот ми ја подари можноста да ја почувствувам привилегијата на овие години да бидам и баба на внук. Пред сè, Лука (Јуниор) помладиот, со неговата љубопитност, бестрашност и енергија ме инспирира и ми дава храброст и сила како на работното место така и во домот.

Живеам по начелото на mindfullness, во сегашноста, имајќи го предвид секогаш на ум искуството од минатото, а со визија кон иднината. Оваа практика ми помага да научам да бидам свесна за тоа како се движам, како се чувствувам, и физички и емоционално, како да постигнам високо ниво на фокус на професионално и лично поле и на тоа како да реагирам во секој момент од мојот ден без стрес. Потребно е човек да знае како да се самомотивира и инспирира, а инспирација наоѓам секаде, во малите нешта што живот значат. Му се радувам на животот.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот