Оваа реченица како да стана универзален начин на одбрана во секоја ситуација кога станува збор за здравствениот, училишниот, бизнис, партискиот или било кој друг систем. Ми доаѓаат загрижени родители со прашањето: „Што не е во ред со моето дете?“
Поминувам некое време со тоа дете, го работиме она што треба да се изработи за училиште и секој пат доаѓам до заклучок дека се` е во ред со детето, само потребно е малку трпение. Тажно е кога гледам колку децата од 8,9 години веќе се исфрустрирани, колку не веруваат во некоја иднина, ниту во своите потенцијали. Тие станаа робови на времето и обврските, а не ни го поминаа своето време со играње и истражување на светот. А за тоа не е виновен никој систем, системот ние го направивме да биде онаков каков што е. Ние, возрасните им објаснавме дека за нивно добро мораат на одреден, наш начин, да учат, да ги почитуваат обврските, сериозно да го сфатат животот и што ги чека, дека авторитетите, какви и да се, мораат да се почитуваат и да не се доведуваат во прашање. Несвесно ги фрливме во синџири нашите мали потенцијали и од нив правиме роботи, а кога ќе дојде време кога ќе се реализира „1984“ од Орвел, кој ќе ни биде виновен? Нормално, системот.
Најголемиот авторитет на детето до некоја 9 година го прават токму родителите, а не системот. Улогата на родителите е навистина тешка и многу бара - од друга страна живееме во еден брз свет полн со можности и родителите најчесто се плашат од помислата на иднината. Нормално е за нашите деца да го сакаме најдоброто, сакаме да бидат безбедни и да имаат доволно компетенција за да успеат во било кој аспект од својот живот. Но, сакајќи да немаат проблеми со кои ние моравме да се соочуваме, започнавме да се губиме во времето кое нуди толку различни опции.
Научете ги вашите деца да бидат независни. Имав можност да запознаам навистина убави луѓе, родители во овој случај, кои за своите деца го сакаат најдоброто, меѓутоа немаат време да се справат во борбата со училишниот систем. Што се случува потоа? Се земаат приватни часови по математика, физика, англиски, германски, хемија, па дури и географија, биологија, историја и ликовно. Детето со ваквите дневни распореди не добива потреба само да учи, истражува и заклучува. Децата се` почесто се потпираат на своите наставници и подоцна кога ќе дојде момент да треба да биде самостојно во донесувањето на своите одлуки, настанува проблем. Тогаш започнуваме да се прашуваме што не е во ред со нашите деца.
Децата се способни самостојно да размислуваат и заклучуваат. Кога нешто им покажуваме, треба да им го покажеме начинот на кој доаѓаат до решението, а не само решението. Не е џабе поговорката: „Дај му на човек риба и ќе го нахраниш за еден ден, научи го човек да лови риба и ќе го нахраниш за цел живот“.
Само малку трпение. Не им е на родителите лесно, тоа никој не го доведува во прашање. Но кога сме веќе тука, ајде да го извлечеме максимумот од ситуацијата. Сетете се како ви е вас кога учите нешто ново, кога дознавате некои нови работи и треба да ги распоредите во „фиоките од вашиот мозок“. За тоа е потребно време, за тоа да има смисла и да не се направи општ хаос и неред. Разговарајте со вашето дете, поставувајте му прашања, предизвикајте ги да размислуваат - како би дошло до заклучок, што би
направило за да ја реши задачата или како би се однесувало во таа ситуација. Почекајте малку, дајте му време. Колку го немаме, времето станува трговска размена (Колку време имаш за мене? Времето е пари. Немам време итн.) Но за овие работи мораме да пронајдеме, детето нема да се сеќава на сите скапи работи и приватни часови, туку на времето со вас. Одвојте време и најдете трпение, многу е поефикасно отколку да го „изџвакате“ материјалот и да му го презентирате. Почекајте некој момент за одговорот, бидејќи тој момент е патот на иднината на детето.
Едуцирајте се себеси за да го едуцирате вашето дете. Буквално од ден во ден излегуваат нови научни истражувања, нов систем на учење, мислење, заклучоци на експерти и сето тоа личи на општа хистерија. Точно е тоа дека се` започнува од дома, дека детето учи од родителите, па после од останатите авторитети. Ако вие не ја научивте вештинта на комуникациите, како очекувате да реализирате добра комуникација со вашето дете? Или уште подобро, ако вие самите не сте во тек со новиот систем на учење и новите технологии, вашето дете ќе биде збунето. Знаеме во теорија дека треба да играме и дека нашиот мозок на тој начин учи најдобро, но нормално е при праксата да се вратиме на старите методи бидејќи веќе знаеме како овој првиот начин точно функционира.
Додека работев во образованието, се обидував да воведам (макар само на мојот час) систем на брзо учење, да им покажам на децата дека јазикот може да се научи без „бубање“ и без досадни табели кои треба да ги научат напамет. Налетав на голем број критики од своите колеги, а причината за тоа беше тоа што воведувањето на новиот систем на учење би значело дека и тие сами треба да се едуцираат и да ја подобрат својата работа. На многу луѓе тоа им паѓа тешко, тие веќе ги поминаа сите учебници, веќе имаат подготвени часови, доаѓаат и си ја завршуваат работата, одат дома и имаат време за себе. И тоа е во ред, веќе сфативме дека системот е еден затворен круг на луѓе и дека сам по себе и по своет значење не е склон на промени. Не можете да ги промените наставниците и професорите, она што можете да го направите е да го едуцирате вашето детет така тоа да биде надвор од системот. Системот е таков, па е таков затоа што ние таков го направивме и како таков постои и ќе постои. Она што можете да го направите е во одредена ситуација себеси да се едуцирате, постојано да напредувате и со самото тоа да добиете алатка која можете да му ја пренесете на вашето дете.
Не е системот виновен, виновни сме ние што му дозволуваме да ја одредува судбината на нашето дете. Не е времето виновно, ние сме тие кои имаат моќ да го контролираат. Исто така, за крај, не се децата виновни - виновни сме ние што не им покажавме подобро. Децата се нашата иднина - зошто не би ги научиле дека иднината може да биде убава и добра, а пред се` паметна? Од нас зависи, не од системот!
Автор: Ивана Ача