Бирајте цртани соодветни за возраста на вашето дете
Дали вашето дете ги покрива ушите на некои сцени од цртани филмови, се
случува ли панично да истрча и да се скрие под маса кога гледа цртан филм или
едноставно да побара ваша заштита? Ако сте забележале вакви реакции, треба
да проверите дали содржината која ја гледа е соодветна за неговата возраст.
Неретко се случува во цртаните филмови да има и насилни сцени, пукање,
експлозии, извитоперени ликови, животинки и суштества со страшни лица.. Дел од
денешните цртани филмови и визуелно се преполни со агресија, од интензивни
бои до агресивни звуци. На некои од каналите од кабелските оператори постојано
има цртани во кои главното сценарио се врти околу физички јаки ликови кои ги
победуваат сите, па децата усвојуваат вредности дека светот е само лош и
опасен. Психолозите предупредуваат дека цртаните филмови сериозно влијаат на
детскиот развој, па затоа најважно е строго да контролирате каков цртан гледа
вашето дете.
Секако дека постојат многу едукативни цртани од кои децата го учат говорот, за
овошјето, зеленчукот, боите, за позитивното однесување, да ги сакаат
другарчињата, да ги почитуваат родителите..Потрудете се, токму тие да бидат дел
од животот на вашето дете.
Режисерот и драматург Деан Дамјановски за Факултети.мк објаснува дека
цртаните (анимираните) филмови се дел од популарната култура и забавната
индустрија, како и важен дел од воспитно- образовниот процес на децата.
- Овие филмови им овозможуваат на децата од различни возрасти, на еден
забавен и достапен за соодветната возраст начин, да дојдат до сознанија за
светот кој ги опкружува, како и да ги развиваат когнитивните, емоционалните и
морално-етичките аспекти на личноста. Денешните цртани филмови, кои се
помногубројни и многу повеќе диференцирани по однос на содржините од
времето кога јас бев дете, не отскокнуваат од оваа дефиниција, туку, напротив,
сметам и дека ја прошируваат во една позитивна насока. Тоа најдобро се
огледува во фактот што забавната продукција, сé повеќе се ориентира во насока
на продукција на цртани филмови и цртани серии, кои визуелно и содржински
далеку ја надминуваат продукцијата од пред 20-30 години. Тука е и интернетот
каде овие филмови се најчесто достапни и каде децата можат одново и одново да
ги гледаат своите омилени јунаци -вели Дамјановски.
Тој има големо искуство со креирање на ТВ и театарски производи токму за
децата. Режисер е на неколку театарски претстави за деца во Театарот за деца и
младинци во Скопје и други национални театри, како и режисер на синхронизации
на цртани серии за различни возрасти во МРТ. Тој смета дека најважно е да се
има јасна претстава за која возрасна група е наменет конкретниот производ.
- Таа претстава се однесува пред сé, на обработуваните теми и на начинот на кој
тие се обработени. Во ваквата диференцијација најчесто се тргнува од сознанија
од областа на психологијата на развојот на личноста, но често луѓето кои работат
во областа на детската продукција се потпираат врз лични и професионални
искуства. Таквата комбинација на избор на тема и начин на претставување на
истата е важна пред сé за да се оствари квалитетен контакт и комуникација со
детето, а потоа и за да се создаде позитивен ефект врз неговата личност.
Особено внимание треба да се посвети кога се обработуваат сложени теми кај кои
ефектот е комплексен и често противречен како што се раѓање, смрт, разделба,
љубов и слично. Кај ваквите теми начинот на кој се претставени е пресуден за
нивното разбирање и формирањето на соодветни претстави и заклучоци од
страна на детето. Се разбира, постојат и спротивставени мислења кои тврдат
дека вакви ограничувања не се потребни и дека децата разбираат многу повеќе
отколку што ние им признаваме - објаснува Дамјановски.
Го прашавме Дамјановски и дали цртаните филмови се безопасни за децата како
што сметаат многу родители, па не ни контролираат што гледаат нивните
најмили?
- Претставата за незаштитената и кревка детска психа, наспроти „големиот
заводлив медиум“ (било тоа да е кино, ТВ или Интернет) звучи пострашно отколку
што тоа навистина е во пракса. Медиумската сфера е регулирана со многу строги
правила посебно во делот на тоа „соодветство“ на одредени содржини за
конкретни возрасти. Иако таа диференцијација не е стриктна и редовно подлежи
на дебата, тие „етикетирања“ на медиумските содржини, кои се задолжителни за
киното и телевизијата, а помалку за театарот и интернетот, се добар репер за нас
родителите да можеме да имаме увид во тоа што го гледаат нашите деца. Од
друга страна, пак, не смее да се занемари и фактот дека денешните деца
поминуваат во просек многу повеќе време пред некој од медиумите (ТВ, интернет)
од децата пред само 20-30 години. Така што, начинот на кој тие перципираат
одредени содржини и она како ние сметаме дека ги примаат, може да се покаже
дека се две различни нешта -вели тој.