X
 29.09.2021 Живот

Еден ден ќе бидеме згрозени од употребата на смартфоните како седативи, вели познат психолог

Мобилните телефони ги прават децата болни, глупави и зависници, е заклучокот од предавањето на познатиот германски невролог, психијатар и психолог Манфред Шпицер на „Викенд медија фестивал“. Манфред стана познат по неговиот критички став кон паметните телефони.

Неговото предавање насловено по неговата последна книга: „Епидемија на паметни телефони: Закана за здравјето, образованието и општеството“ го покажува неговиот став поткрепен со научни анализи, истражувања и сѐ што научил читајќи 3.000 научни трудови. Исто така, Манфред е директор на психијатриската универзитетска болница во Улм и основач на Центарот за неврологија во истиот град. Неговиот кредибилитет е неоспорен, но многумина денес тешко ја прифаќаат сериозноста на ситуацијата што ни ја донесе новото дигитално време.

Манфред ги сумираше сите истражувања за паметни телефони во неколку точки: 1. Намалување на емпатијата и солидарноста; 2. Намалување на општото образование; 3. Намалување на времето што го поминуваме во природа и 4. Зголемување на чувството на осаменост.

Од кратковидост до депресија

Покрај проблемите со лошото држење на телото и спиењето поради паметните телефони и намаленото движење што доведува до дебелина, Манфред во своето предавање го посочи и проблемот со кратковидоста кога станува збор за користење на добро познатите паметни уреди.

Тоа се случува кога ќе го насочиме погледот кон објект што е оддалечен дваесет сантиметри од нашето лице како мобилниот телефон. Окото почнува да се издолжува, што предизвикува миопија. И кога детето станува кратковидо на рана возраст, може да се појават други проблеми, предупредува Манфред.

- Кратковидоста е ризик-фактор за четирите најголеми причини за слепило, и тоа: макуларна дегенерација, аблација на мрежницата, глауком и катаракта. Само 10 отсто од луѓето ослепуваат поради кратковидост, но тоа во Кина би претставувало 70 милиони слепи луѓе. Затоа, Кина, на пример, забрани паметни телефони во училиштата на почетокот од оваа година.

Манфред посочува и на големо истражување спроведено во Обединетото Кралство кое ги покажа негативните ефекти од „Фејсбук“ врз девојчињата. Според ова истражување, девојчињата што поминуваат два часа дневно на „Фејсбук“ имаат двојно поголема веројатност да развијат депресија на 18-годишна возраст. Она што е неверојатно во оваа приказна е фактот дека „Фејсбук“ е свесен за овие податоци и ги поткопува во јавноста, како што докажа „Волстрит журнал“ во неодамнешната истражувачка серија на написи наречени „Фејсбук фајлс“.

Дигитални алатки во училиштата

Во своето предавање Манфред се осврна и на долгорочните последици врз когнитивниот развој на децата. Истражувањата покажуваат дека децата што поминуваат повеќе време гледајќи во екранот стануваат помалку бистри со текот на времето. Тој заклучува: детето што многу гледа во екран на 3 години ќе биде помалку бистро на 5 години.

Затоа, не е изненадувачки што не постои премногу позитивно мислење за дигитализацијата на наставната програма, односно поставување компјутери/таблети во секое одделение. Тој верува дека таквите уреди го назадуваат процесот на учење и како доказ наведува неколку студии кои покажале дека одделенијата без никакви алатки подобро ги решавале своите задачи. Всушност, според тестирањето на ПИСА, се покажа дека најдобро функционираат „посиромашните“ земји кои не вовеле компјутери и таблети во училиштата.

mobilen
Фото: Freepik

Каде е вашиот мобилен телефон во моментов?


Манфред ги претстави резултатите од многу истражувања на своето предавање, но можеби најимпресивниот беше оној за тоа каде ги оставаме паметните телефони. Целта на истражувањето беше да се открие како паметниот телефон  влијае врз продуктивноста.

Така, првата група испитаници го имале уредот веднаш до нив на масата, втората во ранец, а третата група го оставила уредот надвор од просторијата.

Резултатите ја потврдија тезата и покажаа дека близината на уредот навистина влијае врз продуктивноста, дури и кога е свртен надолу и заклучен. Но, зошто се случува ова? Манфред го објаснува овој факт со изјавата дека непосредното присуство на паметен телефон дополнително го оптоварува нашето знаење бидејќи постојано мораме да се воздржуваме од користење на уредот.

Манфред посочува дека мозокот на луѓето во светот го перат најмоќните и најбогати лобија, а тоа се „Мајкрософт“, „Амазон“, „Гугл“, „Епл“ и „Фејсбук“. Тој ја наведува тутунската индустрија како пример за некогашно моќно лоби.

- Во 60-тите години откривме дека цигарите содржат канцерогени материи и беа потребни 45 години за да му се привлече вниманието на еден политичар, додека во меѓувреме имавме милиони смртни случаи. Лобијата постојано нѐ бомбардираа со научници кои велеа дека сепак нема опасност. Кога ќе го споредиме лобито за тутун со дигиталното лоби, тоа е исклучително мало - вели психологот.

Секој ден слушаме дека тоа е иднина, дека треба да бидеме дигитални и дека сѐ што е дигитално е добро, а Манфред вели големо не за сето ова.

- Не смееме да ги жртвуваме здравјето и образованието на нашите деца, нашиот највреден ресурс за нашата иднина. Дигиталните производи се одлична алатка, но од нив не смеат да имаат корист само неколку милијардери - вели тој.

Што советува тој?


Она што не му го давате на вашето дете од првиот ден нема да морате да му го забранувате до крајот на животот.

Ова е првиот совет што Манфред ѝ го дава на публиката. Осумгодишник или дури дванаесетгодишник не треба да има паметен телефон. Сепак, од друга страна, родителите се плашат дека поради забраната за користење мобилни телефони или социјални мрежи, нивните деца ќе бидат изолирани од врсниците. Манфред не гледа такви опасности во таквите забрани бидејќи верува дека ако не им дозволуваме на децата да јадат слатки за да не им се уништат забите, тогаш зошто да не ги сториме тоа и со паметните телефони?

Следниот едноставен совет е помалку е подобро, затоа што потсетува дека екраните го намалуваат когнитивниот развој. Тој, исто така, ги спореди паметните телефони со стара практика која била популарна пред 100 години: смирување на бебето со крпа натопена со алкохол. Како што сме згрозени од овој чин денес, така еден ден ќе бидеме згрозени од употребата на паметни телефони и таблети како седативи, заклучува тој.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот