Вчера, физичарите кои работат на ЛИГО (LIGO - Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory) објавија дека по децении труд ги пронашле гравитациските бранови, кои биле испуштени за време на експлозивен судар на две масивни црни дупки. Но, кој од 1.000-те научници кои работат во опсерваторијата бил првиот човек кој го забележал сигналот?
Оваа чест му припаднала на докторот на науки кој свири пијано и објавува фантастични романи. Марко Дрејго (33) е од Падова, Италија, но кога го забележал сигналот се наоѓал во својата канцеларија на институтот „Макс Планк“ во Хановер, Германија, кадешто членовите на ЛИГО работат на анализа на податоците.
На 14 септември изминатата година, додека разговарал со колега во Италија, тој забележал електронско известување (какви добива секој ден) дека детекторите на ЛИГО препознале „настан“ 3 минути порано. Односот меѓу сигналот и останатите звуци бил висок.
Сигналот бил толку моќен што Дрејго мислел дека не е реален.
- Никој не очекуваше нешто толку големо, па претпоставував дека звукот доаѓа од машината - вели Дрејго.
Но, излегува дека сигналот не бил од машината. Дрејго ги известил колегите за сигналот. Неколку дена подоцна, лидерите известиле дека сигналот веројатно не бил предизвикан од самата опсерваторија и истражувачите започнале со вистинската работа. Анализата продолжила понатаму да се провери дека не се работи за грешка.
Вчера, тимот го извести целиот свет дека сигналот кој го добиле бил гравитациски бран кој потекнува од средината на универзумот.