На 2 декември, човештвото го испрати леталото ЛИСА за да оди во потрага по гравитациски бранови од вселената. Два месеци подоцна, започна првата фаза од научните операции на ЛИСА.
Леталото ги направи првите експерименти неделава. Едноставната цел на експериментот била мерење на положбата на кутии од злато и платина во слободен пад. Изолирани од космичка радијација и соларни ветришта, кутиите би се движеле само доколку се допрени од гравитациски бранови, за кои штотуку беше докажано дека постојат.
Карстен Данзмен од институтот за гравитациска физика „Макс Планк“ изјави за медиумите дека леталото функционира одлично.
Инаку, физичарите го објавија своето откритие за постоењето на гравитациските бранови изминатата недела, со тоа потвдрувајќи ја теоријата за релативност на Алберт Ајнштајн. Во месеците и годините што следуваат, опсерваторијата која ги откри гравитациските бранови ќе продолжи со истата цел.
Од друга страна, леталото ЛИСА ќе продолжи да бара гравитациски бранови во вселената. Овој експеримент не се очекува да добие позитивен резултат во својата неколкумесечна мисија, но со помош на него ќе се работи на следни проекти кои би вклучиле опсерваторија за гравитациски бранови во вселената.