X
 26.02.2016 Образование

Иванка Трамп: Преговарајте во живо, по можност на ваш терен

Иванка Трамп е заменик претседател за развој во организацијата „Трамп“ и основач и извршен директор на „Ivanka Trump Collection“, додека истовремено пишува за „Time“. Таа се смета за успешна личност, особено кога станува збор за преговарањето. Нејзиниот успех со преговарањето смета дека е резултат на деталната подготовка и страста. Таа неодамна сподели неколку правила за преговарање за секој кој сака да го добие посакуваното.


Поставете ги целите претходно

Без разлика дали барате зголемување на платата или сакате да преговарате за пофлексибилно работно време, Иванка вели дека златно правило за секое преговарање е доброто познавање на целта, но повеќето луѓе го игнорираат ова правило.

- Без план, ѝ дозволувате на другата страна да ги дефинира вашите цели наместо обратно - вели таа.

Обидете се да ја разберете другата страна

- Најважната работа која може да ја сторите е точно да ги препознаете приоритетите на другата личност - пишува Иванка.

Честопати, целите на другата страна не одговараат со вашите цели и вие треба да бидете подготвени да го понудите тоа што го сакаат тие за да се чувствуваат дека победиле.

Преговарајте во живо, по можност на ваш терен

Не преговарајте преку електронска пошта, вели Трамп. Тоа би одело во полза на послабата страна со тоа што ќе им се овозможи одбегнување на директното соочување и ќе им даде време да склопат совршен одговор. Освен тоа, честопати може да бидете неразбрани преку електронски пат.


Внимавајте на говорот на телото

- Битен е начинот на кој се претставувате, дури и кога сте седнати на работна маса - пишува Трамп.

Таа додава дека поголемиот дел од комуникацијата се одвива невербално и пораките честопати се пренесуваат преку личните изрази, гестовите, поставеноста и звучните елементи. Според неа, не се препорачува тапкање со стапалото или играње со ноктите, седење на крајот од столчето и тропкање со прстите, како и прекрстување на рацете.

- Без разлика колку бргу ви чука срцето, седнете исправено, имајте контакт со очите и фокусирајте се на дишењето - пишува Иванка.

Слушајте повеќе отколку што зборувате

- Кога луѓето се чувствуваат неудобно, а многу луѓе се чувствуваат кога треба да преговараат, тие започнуваат да прават грешки во зборувањето - пишува Иванка.

Таа додава дека најдобрите преговарачи најмногу слушаат и помалку зборуваат.

Бидете подготвени да си заминете

Доколку ситуацијата се вжешти или ви изгледа дека не може да застанете на иста страна со соговорникот, секогаш може да предложите да размислите и повторно да се сретнете за неколку дена. Преговорите може да се завршат и по „период на ладење“.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование