X
 22.03.2016 Образование

Совети од асистентите како во секој момент да бидете подготвени

асистент

 

Кој навистина може да каже дека во секој момент е апсолутно подготвен за секоја ситуација и секое можно сценарио? Апсолутно никој. Колку пати на факултет ве изненадиле со непредвидени ситуации, откажани предавања, поместени рокови, заборавени пријави, пропуштени предавања, прашања од професорите да објасните некој поим, блокада на испитот.


Овие ситуации се безбројни, и не секогаш можете да бидете спремни за секоја од нив, но она што можете да го направите е да бидете што подготвени такашто овие непредвидени „проблеми“ да ги дочекате колку што можете поподготвени.

Најдобрите совети можат да ви ги дадат оние кои го поминале сето тоа, и сега се наоѓаат на другата страна на катедрата. Секогаш прашувајте ги асистентите за совети бидејќи тие ги знаат „внатрешните“ информации, што е она што професорите од вас го очекуваат и што точно е потребно за тој одреден предмет. Ова се неколку совети од нив кои би можеле да ви помогнат подготвени да го дочекате секое предавање и испит.

1. Подгответе се за предавањето и вежбите


Дали имате навика да се подгтовувате за предавањата? Дали некогаш го читате материјалот пред да биде предаван и дали се информирате за тоа што ќе обработувате на предавање? Веројатно не. Но, обидете се за промена да го направите тоа и спремни да дојдете на предавањето. Тоа може да ви ја олесни работата доколку имате подготвени прашања и да барате објаснување за она што не ви е јасно.

 

2. Запишете се` што знаете

Кога ќе се сретнете со одреден проблем на испит или на вежби, најлошо нешто што може да го направите е премногу да размислувате и да паничите. Во овие ситуации најдобро е да започнете да запишувате се` што мислите дека има врска со решението на задачите. Кога ќе ги имате сите информации пред себе, можете да ја видите врската помеѓу сите тие информации кои можеби не сте можеле да ги сфатите на прв поглед.


3. Поставувајте прашања на време

Најважно е да поставувате прашања. Доколку нешто не ви е јасно, морате да прашате и да барате објаснување. Не е срамо да прашате ако нешто не знаете или не го разбирате. Сигурно не поставувате прашања за да не испаднете смешни, па се надевате дека некој друг ќе го постави прашањето. Со тоа, ризикувате голем дел од материјалот да не ви е јасен со што ќе се создаде проблем во текот на учењето. Прашајте на време, за време на предавањата, на вежбите... Доколку не сакате одредено прашање да го прашате на час, тогаш прашајте го за време на консултациите со професорот или асистентот за да ги разјасните сите двоумици.

4. Не ги пропуштајте консултациите

Консултациите постојат со причина, па затоа искорестете ги паметно. Консултациите се нешто што морате да го искористите во секој случај, без разлика дали ви е нејасно во врска со материјалот, или пак сте пропуштиле некое важно предавање, или ви е потребен совет во врска со изработката на семинарскиот труд.

5. Помогнете си самите себеси

Најдобриот совет со кој можете да си помогнете самите себеси е да не го чекате последниот момент. Ова е универзално правило и совет. Не чекајте два дена пред испитот да ги разјаснувате сите работи што не ви се јасни, да го „бркате“ професорот и асистентите за потпис и предавање на семинарската. Исто така, немојте да ги одложувате обврските - се` што можете да го направите денес направете го веднаш. Колку повеќе чекате и одложувате, толку повеќе ќе се натрупуваат проблемите и обврските.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование