Анкетата која ја спроведивме пред неколку дена имаше за цел да ни покаже колку Македонците се будат рано, а колку од вас се ноќни птици.
Анкетата имаше 975 одговори од кои 56% беа женски, а 43.2% машки. На прашањето во колку часот си легнувате навечер најголем број одговорија дека легнуваат во 00-01 часот, а на прашањето во колку часот се будите наутро, најголем број одговори припаднаа на 07:00-08:00 часот.
Анкетата откри дека Македонците во просек спијат по 7 часа.
Доколку се направи подетална анализа и возрастите се поделат на 4 групи и на полови, резулатите се следни.
Групата на возраст под 18 години, машки пол во просек спијат по 8.4 часа на ден, најчесто време на легнување е после полноќ. Истата група на возраст, женски пол, во просек спијат по 7.8 часа.
Групата на возраст
од 18-22 години, машки пол, во просек спијат по 7.2 часа на ден. Најчесто машките студенти си легнуваат околу 02:00-03:00 часот по полноќ, а стануваат во 09:00-10:00 часот наутро. Што се однесува до женските, тие во просек спијат 8.4 часа - најчесто си легнуваат во 02:00-03:00 часот, а се будат во 10:00-11:00 часот наутро.
Групата на возраст
од 23 до 28 години, мажите најчесто си легнуваат во 01:00-02:00 часот, а се будат во 08:00-09:00 часот наутро. Во просек спијат по 7.4 часа на ден. Кога станува збор за жените од 23 до 28 години, нивните резултати се исти како и мажите.
Мажите кои припаѓаат на
групата 29-34 години, најчесто си легнуваат во 00:00-01:00 часот, а стануваат во 06:00-07:00 часот наутро и во просек спијат по 6.7 часа, додека жените најчесто си легнуваат во 00:00-01:00, а стануваат во 08:00-09:00 часот - просечно добиваат 8 часа сон.
Групата мажи
од 35 до 40 години најчесто си легнуваат во 23:00-00:00 часот, а стануваат во 06:00-07:00 часот наутро и во просек спијат по 7 часа, додека жените си легнуваат во 22:00-23:00 часот, и стануваат исто како мажите - во 06:00-07:00 часот наутро. Во просек спијат 8 часа.
Навиките на најстарата група мажи, +40 велат дека тие си легнуваат во 22:00-23:00, а стануваат во 07:00-08:00. Во просек спијат 9 часа, а кај жените е малку поразлично. Жените легнуваат во 00:00-01:00 часот, а стануваат во 08:00-09:00, што во просек е 8 часа сон.
Научниците пак одамна открија дека не постои ништо подобро од квалитетен сон за одмор на вашето тело и вашиот ум. Сонот има позитивно влијание врз вашето здравје и врз вашиот изглед, па затоа е важно да си овозможите доволно спиење.
Научниците откриле дека оние кои спијат помалку од 6 часа имаат 12% поголем ризик да починат порано, за разлика од оние кои спијат од 6 до 8 часа. Но, важно е да се знае дека не е здраво и предолгото спиење затоа што најчесто се поврзува со болести како депресијата.