X
 08.03.2016 Живот

Што најчесто подаруваат македонските граѓани за 8 Март?

Судејќи според продадените купони на интернет-страниците за групни попусти, за денешниот празник најмногу ќе се подаруваат различни типови масажи.

Букет „рози“ направен од чоколадни мафини, кактус декориран со кварцен песок во боите на виножитото, крем со слуз од полжави за подмладување, чајни колачи во форма на букви со кои пишува „Среќен 8 Март“, чоколадна масажа, небесен лампион, се само дел од невообичаените подароци кои многу жени ќе ги добијат за празникот судејќи според купените купони на интернет-страниците за групни попусти.

Речиси сите страници специјализирани за групни попусти добро се подготвиле за денешниот празник, воведувајќи посебни понуди за подароци токму за Денот на жената. Понудата е најразлична, од козметика, козметички третмани, накит, апарати за домаќинството, паричници, марами, цвеќиња, чоколади, па се до осмомартовски патувања и шопинг тури.



Според бројот на купените купони, дефинитивно денеска најмногу ќе се подаруваат различни типови масажи. Едночасовна релакс-масажа со етерично масло по избор, 45- минутна масажа на тело со чоколадо, третман со вулкански камења, медицинска или релаксирачка масажа во солена соба, „антиејџ“ третман со масло од роза и природен силикон, се понудите кои привлекле стотици потрошувачи. Ваквите третмани генерално имаат и најголем попуст на редовната цена, кој се движи од 20 до 75 отсто. Така, најевтината масажа за празникот чини 235 денари, додека за најскапите третмани треба да се издвојат и над 5.000 денари.

Освен масажите, годинава очигледно „на цена“ се и различните слатки задоволства како уникатен подарок за празникот. На страниците за групни попусти луѓето масовно купуваат букети рози или хортензии изработени од чоколадни мафини за 300 денари, персонализирани чоколатца со сопствена порака и дизајн за 250 денари, шарени чајни колачиња во форма на букви со кои е испишана пораката „Среќен 8 Март“ за 199 денари, кутија белгиски пралини за 269 денари.

Осмомартовското подарување не остана имуно ни на празничните патувања. Иако се нудат бројни патувања кои траат и по една недела, најбарани дефинитивно се еднодневните екскурзии или викенд-турите во поблиските земји. Така, голем број жени на подарок ќе добијат викенд во скијачкиот центар Банско во Бугарија, во Демир Капија или ноќевање со појадок во планинска викендичка на Осогово. Иако се нуди на страниците, ниту една жена засега нема да добие четиридневна Дракула-тура во Романија.

Иако генерално најголем интерес има за невообичаении уникатни подароци за 8 Март, сепак класичните подароци сѐ уште не се целосно исфрлени од мода. Судејќи според купените купони, најдобро котираат свилените марами, книгите и парфемите.

Луѓето кои одлучиле да купат осмомартовски поклон преку страниците за групни попусти велат дека на овој чекор се решиле најмногу поради заштедата на пари, но и на време.

- Со жените од моето најтесно семејство секоја година си пдоаруваме по нешто за 8 Март. Тоа ни е традиција. Но, секоја година имам сѐ помалку време за да шетам низ продавниците и да изберам за секоја по нешто. Да бидам искрена, имам и сѐ помалку пари. Страниците за групни попусти ми се супер бидејќи од една страна добивам идеја што да купам без да трошам време во шетање, а и заштедувам прилично. За најблиските годинава избрав букети од чоколадни мафини и интересни цветни аранжмани, додека за учителките на синот во градинка од една ваква страница купив свилени марами по многу прифатлива цена - вели скопјанката Весна С.

Од Министерството за економија потенцираат граѓаните при осмомартовскиот шопинг задолжително да бараат фискални сметки без разлика од каде купуваат подароци. - Граѓаните секаде треба да бараат фискална сметка, која им е неопходна доколку од која било причина сакаат да го вратат или заменат купениот прозвод. При купувањето ваучери за патувања, апелираме граѓаните особено да внимаваат да патуваат со агенции кои имаат лиценци А, како и задолжително да потпишат договор со агенцијата пред самото патување - велат од ресорното министерство.
Подготвил: Ф.Д:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот