X
 05.03.2016 Образование

Се купуваат ли оценки со подароците за 8-ми Март?



Марами, парфеми, кутии за накит, паричници, часовници, шминки, па дури и скап накит.... Многу наставнички од основните и средните училишта во земјава, едвај може да ги однесат дома подароците кои ги добиваат од децата, односно родителите за 8 Март, Денот на жената. Прашања кои заслужуваат одговор се дали овој празник е ден на подароците, каква порака се испраќа до децата со купувањето на подароци за нивните учителки и наставнички, дали со парфемот се купуваат оценки, учителското внимание и љубов? Како се чувствуваат децата кои нема што да им подарат и зошто ова стана традиција која никако не може да ја надминеме?

- Непријатно е за сите. Се чувствувам лошо на овој ден. Имало години кога едвај сум стигала дома со кесите полни со подароци кои сум ги добила од децата. Никој ништо не добива од ова, а најважно непотребно го оптоварува семејниот буџет на многумина. Иако постојано им укажувам на децата, па и на родителите да не ни купуваат ништо, секој 8 Март е истата приказна. Неколку наставнички лани баравме од директорката да забрани купување подароци, но сè уште нема ништо околу нашиот предлог - вели наставничка од скопско основно училиште.

Директорката на основното училиште „Владо Тасевски“, Елка Даскалова вели дека секој 8 Март, децата на разглас читаат какво е значењето на овој ден и потенцираат дека тоа не е празник за подароци.

- Со едуцирање се трудиме да ги научиме овој ден да не го поврзуваат со подароци. Пред две години, направивме акција децата да донесат производи кои ги користат старите лица, па ги дониравме во домовите за стари лица. Наместо да се трошат непотребно пари за подароци за наставничките, направиме хумано дело. Постојано им укажуваме на децата и родителите дека не треба да носат ништо за наставничките, но секогаш има исклучоци. Си мислат, што ако некое донесе, а моето ќе стане така. Но, наставниците не ги делат децата така, погрешна порака се праќа со подарокот, доволно е само убав збор - вели Даскалова.

Наставничката, Татјана Јанкуловска која предава во одделенска настава вели дека на 8 Март се труди да ги научи децата дека е важно да направат нешто значајно за мајките и наставничките, како на пример честитка, да им напишат писмо.

- Доволно е убав збор и честитка. За подароци секогаш реагираме и кај родителите, но за жал често возвраќаат со подароци сметајќи дека честика не е доволно. Подароците се непотребни -вели Јанкуловска.

Мајка на двајца основци ни кажа дека годинава купила пет подарка за наставничките на нејзините деца, марами, паричник и кутија за накит.

- Гледам да е подарок до најмногу 150- 200 денари, но пак е оптоварување за буџетот бидејќи не е само една наставничка во прашање. Сметам дека не треба ова да го правиме, но сите го прават и не сакам децата да се чувствуваат лошо. Пред некоја година собиравме по 100 денари, па се купуваа подароци од името на сите деца, но престанавме со таа пракса, па секое дете носи посебно - вели таа.
Подготвил: Ф.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование