Програмата на „Google“, наречена „AlphaGo“ победи во првата серија од пет натпревари против најдобриот светски играч на комплицираната игра „Go“, што е пресврт во развојот на вештачката интелигенција.
Јужнокорејскиот професионален играч на „Go“ Ли Седол, кој освоил 18 меѓународни титули, го признал поразот во
натпреварот. Натпреварот преку „YouTube“ го следеа околу 10.000 луѓе ширум светот.
„AlphaGo“ е производ на одделението на „Google“ наречено „DeepMind“, а првиот чекор бил реализиран во октомври, кога оваа програма ја реализира својата прва победа над професионален играч во оваа древна азиска друштвена игра.
Се очекуваше дека Ли ќе биде многу поголема пречка за машината во најкомплексната друштвена игра некогаш создадена.
„Go“ е доста популарна во Кина, Јужна Кореја и Јапонија. Се игра со два играчи кои наизменично ги поместуваат црните и белите камчиња на полињата, со цел да заземат што повеќе територии.
Експертите не очекувале дека вештачката интелигенција ќе победи човечки професионалец уште најмалку 10 години, се` додека „AlphaGo“ не го порази Фан Хуи минатата година.
Клучот до успехот на оваа компјутерска програма е неговата способност да учи како човек, што укажува на степенот на развој на вештачката интелигенција. Научниците во последните неколку години се обидуваат да создадат компјутери кои учат, со цел еден ден да им помагаат на луѓето во областа на здравјето и научните истражувања.