X
 23.03.2021 Технологија

Смачено ви е од долги повици на „Зум“? Ставете им крај со помош на оваа интересна апликација

Во текот на минатата година, сакале или не, голем дел од нас совладаа нови комуникациски вештини - разговори, состаноци и конференции преку апликации за видеоповици.

Она што претходно беше резервирано само за ретки поединци, одеднаш стана секојдневно, повеќечасовно искуство кое многумина почнуваат да го перципираат како исцрпувачко и заморно.

Затоа, не е изненадување што еден девелопер создаде интересен начин да се извлече од здодевните и долги видеоповици, пред сѐ, оние преку апликацијата „Зум“. Апликацијата е наречена „Зум ескејпер“ (Zoom Escaper) и е едноставна за користење. Им овозможува на корисниците да создаваат лажни аудиоефекти за време на повиците. Така, може да се репродуцираат разни звуци на крцкање, проблем со врската, неидентификувани зборови и неразбрливо зборување, што може да го изнервира соговорникот толку многу, што самиот ќе се одлучи побрзо да го прекине повикот. Меѓу популарните звуци се и дете што плаче во заднина, човек што плаче, лаење на куче и звуци од градилиште.

Како функционира апликацијата, објаснува и самиот автор Сем Лавињ, кој направил и краток туторијал на „Јутјуб“. Коментарите под видеото се претежно позитивни и покажуваат задоволство што некој се сетил да направи толку едноставна апликација.



Извор: Techradar.com
Фото: Pexels
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија