X
 28.03.2016 Образование

95 годишнина на Филозофскиот факултет

Филозофскиот факултет на 16 декември, ја прослави својата, но и 95-годишнината на високото образование во Република Македонија. Филозофскиот факултет  еден од неколкуте факултети- нуклеусот од кој се создаде Универзитетот „Св.Кирил и Методиј", веќе девет и пол децении зазема значајно место во образовниот, научниот и општествениот развој на Република Македонија. Факултет кој во континуитет ја покажува својата висока компетентост, нудејќи го несебично својот интелектуален потенцијал во областа на голем дел од општествените и хуманистичките науки. Историски гледано, во сиот период на своето постоење и работа, Филозофски факултет незапирливо ги следи, применува и надградува современите научни сознанија и достигнувања. Со клучната определба на Факултетот, континуирано подеднакво да ја развие образовната и научно-истражувачката дејност, недвосмислено докажавме дека тој во изминативе децении изгради значајна позиција во образовниот, научниот и истражувачкиот простор во нашата држава и преку своите дипломирани кадри, магистри, доктори на науки, академици, ректори и проректори, или пак, од нив избрани министри, пратеници, амбасадори,  даде голем придонес во развојот на сите сегменти на општеството.


Токму затоа, денес, прославата на јубилејот 95-годишнина е почит кон работата и залагањето на вработените во изминатиот период, со што Факултетот достигна извонреден развој, респектабилен во пошироки рамки. Успешната мисија на Факултетот е доказ за високиот професионализам и доследност во поставената мисија, но и за поставеноста на раководствата кои го воделе во изминативе години. Оттука, овој јубилеј значи и мотив за нова мисија со која треба да одговориме на сите предизвици кои ги донесе новото време, да продолжиме со работа и да му обезбедиме светла иднина на нашиот факултет во тековниот милениум, да се приспособиме за доброто на нашата земја. Ако, младите генерации бараат нова визија, Филозофски факултет докажа дека веќе ја имаме.




Оттука, прославата на јубилејот 95-годишнина значи одбележување на историски важен датум во календарот на македонското високо образование. Токму затоа, вечерва на 16 декември, со нас беа многу личности кои се важен дел од мозаикот на настани поврзани со оваа престижна институција, оние кои најголемиот дел од својот работен век го посветија на создавањето и надградувањето на високообразовната дејност, оние кои со својот професионален придонес и голем ентузијазам, ги испишуваат страниците на општествено-хуманистичката дејност во нашата држава и врежуваат белег во нејзината историја. Исто така, вечерва имавме можност да погледнеме и кус документарен филм, посветен на богатата историја и визијата на првиот македонски факултет и неговото долго патување по научната вистина. Ова пак, од друга страна е доказ дека 95. години се исполнети со многу настани и случувања, предизвици и искушенија, успеси и убави спомени.

Под импресија на атмосферата од документарниот филм, што го одбележа јубилејот, говорот на деканот на Филозофскиот факултет проф. д-р Горан Ајдински, всушност, беше доказ дека дејноста на Филозофски факултет е општествен процес. Затоа, со право, тој ќе констатира: „Образованието е растеж. Образованието не е подготовка за живот, образованието е живот. Оваа мисла нѐ води сите изминати години. 95 години Филозофски факултет претставува 95 години високо образование во нашата земја, речиси еден век врвни резултати, еден век престиж и врвно знаење, еден век самопрегор и создаваље стручни кадри, но и спомени од најубавиот дел од животот на многу професори и студенти, некогаш и денес. Едновековната традиција е голем поттик за нас вработените, да продолжиме да чекориме по врвот на современото високо образование."
Обраќењето на проф. д-р Влатко Стоилков, проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј", остави силен впечаток и потврда за значењето на 95-годишниот јубилеј. Тој тоа особено го потенцираше, оценувајќи дека „Филозофскиот факултет со своето работење успешно ги следи и применува комплексните промени на Универзитетот, со цел осовременување на образовниот и научниот систем, преку подобрување на квалитетот на наставно-образовниот процес, остварување на научната дејност и воведување нови студиски програми и интердисциплинарни програми на универзитетско ниво, на сите три циклуси на студии. Во тој контекст, проректорот Стоилков ќе продолжи ,,Не ќе биде нескромно да се истакне дека Филозофскиот факултет со своите неспорни вредности, како членка на УКИМ, успешно е вклучен во современите текови и заедно со Универзитетот, денес претставува дел од европскиот високообразовен и истражувачки простор. Истовремено, како најстара високообразовна институција во државата, заедно имаме и силна одговорност за создавање кадар кој не само што ќе се бори на пазарот на трудот, туку ќе ја унапредува науката и научната мисла, ќе се грижи за високото образование и ќе гради нови вредности."


Тргнувајќи од нашето мото дека „Грижата за квалитетно високо образование е најважното нешто што ние можеме да го сториме за идните генерации, јубилејот 95 години Филозофски факултет во Скопје е убава можност што се доделија плакети за признание на значајни личности, но и на оние кои се гордост на оваа институција. Оттука, за несебичната долгогодишна успешна соработка и афирмација за развој на Филозофски факултет, му се додели признание на проф. д-р Велимир Стојковски, ректор на нашиот Универзитет. Исто така, признание беше доделено и на дипломирани студенти во генерацијата на Филозофскиот факултет во 2015 година со просек 10,  од сите дванаесет институти, носители на долгата традиција на создавање на висококвалификувани и стручни кадри.

И на крај, пораката на проректорот проф. д-р Влатко Стоилков „дека во вкупните процеси на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, Филозофскиот факултет, како наш првенец, и во иднина ќе продолжи да биде значаен субјект и креатор на Универзитетската заедница", што за нас, вработените на Филозофскиот факултет, значи мотив за идна успешна мисија за научниот, образовниот и општествениот развој на Република Македонија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование